Украина - неутрална како Австрија: Дали е тоа решението?
17 март 2022Кога се во прашање официјалните руски изјави, човек секогаш мора да има една работа на ум. Познато е дека Кремљ ја користи комуникацијата за тактички цели. По сите овие резерви, сепак, впечатливо е што жестоката реторика од првите денови од војната, која предвидуваше само капитулација за Украина, постепено отстапува место за подипломатски пристап.
На пример, зборот „компромис“ од Москва го немаме слушнато долго време. Згора на тоа, Путин дури изгледа е подготвен да се сретне со Зеленски, кого само до вчера сакаше да го собори. Од тоа можеме да оцениме дека притисокот врз Путин постојано расте.
Се зборува за неутралност на Украина по примерот на Австрија и Шведска. Дали ова може да биде решение - за ова прашање можат да одлучат само Украинците. Тие сакаа да се приклучат на Западот, па дури и го презедоа ударот на војната за да ја постигнат својата желба, додека Австрија и Шведска остануваат тесно поврзани со Западот како членки на ЕУ. За Украина, патот во оваа насока - кон членство во ЕУ - ќе биде, и политички и економски, многу повеќе од утешна награда.
Кој може да биде гарант за безбедност
Сепак, остануваат две главни прашања. Дали Москва навистина ќе дозволи Украина да се приближи до Европа? Бидејќи таквиот потег е во спротивност со желбата на Путин да изгради сопствена сфера на влијание долж границата со Русија. А уште потешко прашање е: Кој може да ги даде гаранциите за безбедноста на Украина што оваа земја со право ги сака во позадината на нејзиното лошо искуство?
Постои идеја дека САД, Турција и Британија ќе станат гаранти на безбедноста на Украина. Оваа идеја ги заобиколува Германија и Франција, бидејќи овие две земји долго време се противат на членството на Украина во НАТО. Но, да не заборавиме дека во последно време, кај САД не се забележува посебна решителност да ја бранат Украина.
Да, таков е ставот на мнозинството во НАТО, поради што новиот полски предлог за испраќање мировници од Алијансата во Украина нема многу шанси за успех.
Меч со две острици
Во исто време, НАТО мора да биде многу внимателен за Путин да не ја протолкува погрешно оваа воздржаност. Откако тој ја нападна Украина, формалниот договор меѓу НАТО и Русија стана непотребно парче хартија и сега Алијансата ќе мора трајно и значително да го зајакне своето источно крило.
Николас Бусе, Франкфуртер Алгемајне Цајтунг
www.faz.net