Хрватите во староста се се’ посиромашни
16 септември 2012Старите граѓани на Хрватска најмногу сакаат да спојат крај со крај, со надеж дека идната пензија, во време на кратење на социјалните права, сепак ќе дојде навреме. Активното стареење, образувањето во текот на целиот живот и посилното интегрирање во општеството, се чини дека не им се приоритет. Како и самите да чувствуваат дека се товар за општеството, во кое на почетокот од годината имаше само 1,2 работници на еден пензионер.
Затоа и не изненадува дека Матицата на пензионерите на Хрватска првенствено се занимава со организирање попусти за производи и услуги за своите членови. Нивниот број во моментов е 272 илјади. Во Хрватска две години имаше замрзнување на пензиите, а потоа следуваше зголемување од 0,85 и од 1,2 проценти. Тоа е безначајно зголемување на пензиите, кога животните трошоци пораснаа за повеќе од 20 проценти.
„Тешко живееме. Нашата просечна пензија сега е помала од 40 проценти од просечната плата. Не гледаме можност дека нешто ќе се поправи. Може да биде само полошо“, наведува Бранко Цветковиќ, секретар во Матицата на пензионерите на Хрватска. Во Хрватска во моментов има еден милион и 215 илјади пензионери, од кои 80 проценти примаат пензија во висина од околу 230 евра.
„Поради тоа старите лица во Хрватска се откажаа од многу работи. Тие не одат во кина, театри, ресторани и кафетерии, а летувањата им се само нешто на што се сеќаваат од некои подобри времиња, доколку немаат семејна викендичка на море“, додава Цветковиќ.
Старите се често жртви на измама
Основната здравствена заштита е бесплатна за сите граѓани на Хрватска, па така и за старите личности. Но, листите на чекање на дијагнотичките постапки се долги, ако не се оди во скапите приватни ординации, па вистински среќлии се оние кои ќе можат да се провлечат на преглед преку ред.
Сепак, се’ уште грижата во рамките на семејството е незаменлува. Најчесто децата се грижат за родителите и бабите и дедовците, но има и многу самци, кои се во тешка состојба, бидејќи најчесто не можат да платат некого кој би се грижел за нив. Пензионерите често се жртви на претерано задолжување, измами, злоставувања и ускратувања на темелните човекови права.
Притиснати од потребата за туѓа нега од една страна и од сиромаштијата од друга страна, старите Хрвати често се подготвени да го остават својот имот на лице кое ќе се обврзе дека ќе се грижи за нив. Притоа тие склучуваат договори за чие разбирање не се правно квалификувани, па често се случува тие да останат и без својот имот и без ветената нега.
Оние кои имаат пари и сакаат да се сместат во старски дом за место чекаат и по десет години. Таков е примерот со некои од домовите во Загреб. Бранко Цветковиќ вели дека општествените домови ценовно се прифатливи, но ги има малку на број. Од друга страна, приватните домови се многу скапи и старите граѓани можат само да сонуваат за нив.
Низ загребските улици често се гледаат стари лица како пребаруваат по кантите за отпадоци, барајќи во нив пластични шишиња или лименки. Така прави и госпоѓа Невенка, која за собраниот отпад добива пари со кои може да си купи леб и млеко. Таа и нејзиниот сопруг се во пензија, а фирмата во која работи син и’ веќе со месеци не дели плати. Откако ќе ги плати сметките, речиси ништо и да не и‘ преостанува за трошење. Таа секое утро ги проверува кантите за отпадоци, а најсреќна е кога во градот се случуваат манифестации зад кои остануваат многу пивски шишиња. Таа и нејзиниот сопруг не сакаат да бидат фотографирани, но сметаат дека нивната ситуација е срамота не за нив, туку за државата.
Се чини дека старите лица во Хрватска не ја користат својата моќ. Иако досега се регистрирани 12 политички партии со пензионерски предзнак, во парламентот има само четири пратеници од Хрватската партија на пензионерите. Во Словенија има седум пратеници во парламентот и без нив не може да се формира владата.