Кој сѐ добива боречка пензија?
13 март 2017Моќта на некогашните партизани во Хрватска беше реална и политичка. По Втората светска војна тие заземаа водечки политички и стопански функции, а формално дејствуваа преку моќниот Сојуз на здруженија на борците од Народноослободителната војна (СУБНОР). Неформално, нивното влијание се протегаше на локалните заедници во кои живееја и малку кој сакаше да им се замери. Замерувањето со некој борец или член на неговото семејство повлекуваше со себе последици дури до осумдесетите години од минатиот век, а „боречката пензија“ значеше дека примателот е ослободен од повеќето финансиски грижи. Борците, токму како и денешните бранители, имаа приоритет при станбеното згрижување, а нивните деца во молбите за работа го истакнуваа партизанското педигре, кое малку која комисија за работни односи можеше да го занемари при селекцијата на кандидати.
Но по Татковинската војна (војната од 1990-тите, н.з.) работите се променија од корен и некогашните партизани ја загубија моќта. Врз грбот колективно им се ставаше товарот на паднатиот режим и злосторствата сторени во повоениот период, а антифашизмот кој го заговараа, во голем дел беше изедначен со комунизмот. Пензиите ги сочуваа, иако тие примања во неколку наврати им беа намалувани.
Во јавноста постои верување дека станува збор за енормно големи пари, а целата работа ја подгреваа десничарско-радикалните иницијативи кои преку јавниот сервис лансираа тврдење дека боречките пензии, за разлика од сите останати пензии, се наследни - дека директно се протегаат на децата, но и на внуците на партизаните. Вистинската состојба одлучивме да ја провериме во Сојузот на антифашистички борци и на антифашисти на Република Хрватска (САБХ), наследничката организација на СУБНОР, но и во Хрватскиот завод за пензиско осигурување (ХЗМО).
Старите лавови станаа плен
„Од последните парламентарни избори од екстремно десната страна тргна хајка против сѐ напредно, па на ред дојдоа и припадниците на НОВ. Станува збор за измама на јавноста, бидејќи тврдењата за пренесување на пензиите на деца и внуци се смешни. Она што навистина се случува е тоа дека по смртта на пензионерот неговата сопруга може да користи 70 отсто од пензијата. И тука е крајот на приказната“, вели за ДВ Фрањо Хабулин, претседател на САБХ.
Податоците со кои располага говорат дека Хрватска до крајот на 2016. исплаќала 3.155 старосни пензии со боречки додаток. Станува збор за луѓе кои по војната работеле, оствариле работен стаж, кој им донел мала пензија. Таа се дополнува со тој воен бонус. Просечниот износ на една таква старосна пензија е 3.733 куни. Покрај нив, вели Хабулин, тука се уште и 785 лица со инвалидски пензии со просечен износ од 3.145 куни, и додава дека правата им се толку намалени што на инвалидите им се оневозможени и некои помагала.
„Постои и дел од борците во НОВ кои се во пензии, но не користеле боречки додаток, бидејќи пензиите им се доволно големи. Такви има некаде меѓу 1.300 и 1.400“, објаснува Хабулин.
Според податоците кои ни ги достави ХЗМО, Хрватска до последниот ден од септември минатата година исплаќала 16.320 пензии врз основа на учество во НОБ, иако живи борци има околу 6.300, а само околу 5.000 примаат боречки пензии. Преостанатите 11 илјади треба да се побараат во категоријата таканаречени семејни пензии.
Според ХЗМО, станува збор за најнормални семејни пензии кај кои сопругата ја наследува пензијата од сопругот. Многу борци се ожениле со помлади жени кои ги наследиле пензиите. Внуците немаат право на семејните пензии на бабите и дедовците, децидни се во Заводот.
И усташите и жандарите примаат пензија
Според податоците на ХЗМО од октомври 2016 година, Хрватска исплаќа повеќе од 178 илјади пензии според посебни прописи, во кои меѓу другото спаѓаат и пензионираните воени лица, поранешни тајни агенти, пратеници, академици, рудари ... Во доставените податоци се сместени и припадниците на Хрватската татковинска војска од 1941. до 1945. година: околу 7.297 со просечна пензија од 2.286 куни. „Во 1993 година припадниците на војската на НДХ се прогласени за Хрватска татковинска војска. Во тоа спаѓа и домобранството на НДХ и режимската Усташка војска и Оружницата на НДХ, тоа се бившите жандари“, објаснува Хабулин дополнувајќи:
„Немаме проблем тие луѓе да се згрижени. Тие се реалност и државата мора да води грижа за своите граѓани. Нам единствено ни е неприфатливо што тие се нарекуваат Хрватска татковинска војска, бидејќи никогаш така се немаат нарекувано. Нема причина за лакирање на историјата. Таа беше таква каква што беше“.
Идеологија во борба против бројки и факти
Таканаречените усташки пензии повеќепати беа тематизирани во хрватските медиуми, но никој од политичарите и граѓанските иницијативи не ги доведе во прашање. Хрватска според податоците од октомври 2016 година исплаќала 23.617 пензии врз основа на учеството во Втората Светска Војна, на која било страна и во која било војска. Вкупниот број на корисници на пензии на крајот на декември изнесуваше 1.233.375, па тешко може да се каже дека нивните пензии го загрозуваат пензискиот систем, како што понекогаш се тврди во јавноста. Во прашање е војна на мислења на која преживеаните партизани одговараат - нема предавање! „Борците на Народноослободителната војска нема да се откажат од своите права, бидејќи токму ние ги создадовме границите на Република Хрватска“, истакнува првиот меѓу хрватските антифашисти Фрањо Хабулин.