Шамар поради негрижата за Охридското Езеро
11 јануари 2021Нацрт-извештајот на УНЕСКО не донесе добри вести за Северна Македонија. Поради недоволна грижа за природното богатство, исполнети се условите Охридскиот регион да се впише на Листата на Светско природно и културно наследство во опасност. Во последните три години не само што не се преземени чекори за да се подобри состојбата, туку УНЕСКО, во својот најкритички извештај досега, забележува дека продолжува развивањето проекти со кои дополнително се загрозува ова заштитено подрачје, а евидентнo е и дека регионот е високо ранлив поради значајни проблеми со менаџирањето и слабото спроведување на законската рамка.
-повеќе на темата: Еколошка катастрофа им се заканува на езерата
Поради урбанистичкиот хаос, УНЕСКО децидно бара да се отстранат дивопоставените објекти долж брегот на езерото и заштитеното подрачје на градот. Во извештајот се нотира дека е неопходна заштита на старата грасак аритектура, се бара целосна забрана за градба, отстранување на урбаната опрема околу значајните знаменистори во градот, како и реконструкција на пешачката патека која го поврзува каналот „Студенчишта“ со „Горица 1“ бидејќи оценката е дека се прекинале природните врски меѓу езерото и блатото со што бил загрозен живиот свет. УНЕСКО заклучува дека „несоодветните интервенции, негативните ефекти на градското планирање и зголемениот број проектни предлози, кои заедно резултираа со сериозно влошување на урбаните, руралните и природните предели, како и на клучните атрибути на неговата извонредна универзална вредност, поради што подрачјето ги исполнува условите да биде впишано на Листата на Светско наследство во опасност“. На шамарот на УНЕСКО поради недоволната грижа на македонскиот бисер од општината одговараат со контраргументи. Тврдат дека изготвиле инвентар на бесправно изградени објекти, ги остраниле билбордите и палмите и вовеле времен мораториум за градба на целата територија на општината.
Про и контра
Обемниот нацрт-извештај на УНЕСКО, напишан на 123 страници, се однесува на двете страни на Охридското Езеро, бидејќи во 2019 година како светско природно и културно наследство беше впишан и делот од регионот кој се наоѓа на територијата на Албанија. Во него се нотира дека не само што не се отстранети постоечките закани и слабости, туку од 2017 година досега се додадени и нови.
-повеќе на темата: Охрид меѓу короната и УНЕСКО
Продолжува развивањето проекти со кои дополнително се загрозува ова заштитено подрачје, а евидентнo е и дека регионот е високо ранлив поради значајни проблеми со менаџирањето и слабото спроведување на законската рамка. Во однос на културните вредности, се забележува дека на македонската страна, во старото градско јадро на Охрид се вршат градежни интервенции за реконструкција на куќите, санација или доградба, со користење несоодветни градежни техники и материјали.
„Овој вид интервенција веќе влијае на интегритетот и автентичноста на традиционалното историско ткиво во стариот дел на градот“, заклучува УНЕСКО. Се забележува и дека е видлива изградба на високи згради со слаб архитектонски квалитет во близина на Охридското Езеро, во Охрид и во Струга. Комитетот за светско наследство на УНЕСКО смета дека отстранувањето на нелегалните градби долж крајбрежјето се одвива бавно.
УНЕСКО бара :
• Отстранување на дивопоставените објекти долж брегот на езерото и во заштитеното подрачје на градот,
• целосна забрана за градба,
• усогласување на урбанистичките планови со Планот за управување со светското природно и културно наследство на Охридскиот регион,
• заштита на старата градска архитектура,
• отстранување на урбаната опрема околу значајните знаменитости во градот
• Реконструкција на пешачката патека која го поврзува каналот „Студенчишта“ со „Горица 1“
Забелешките се однесуваат на прекумерната и неконтролирана урбанизација, бавноста во справувањето со дивоградбите, како на крајбрежјето така и во заштитеното градско подрачје, но и дерогирање на животната средина, нефункционалниот колектор, отсуството депонија за цврст отпад.
-повеќе на темата: Дождот го враќа животот во Охридското Езеро
Нацрт-извештајот е пратен за коментари од надлежните институции, а конечната одлука дали Охридскиот регион ќе биде впишан на Листата на Светско природно и културно наследство во опасност, треба да се очекува најрано во јули.
На забелешките на УНЕСКО од општината одговараат со контра аргументи. Тврдат дека изминативе 18 месеци направиле многу. „Изготвивме инвентар на бесправно изградени објекти, ги остранивме билбордите и палмите и воведовме времен мораториум за градба на целата територија на општината“, велат од општината, презентирајќи ги дел од мерките коишто биле преземени.
Мерките на Општина Охрид:
- донесен е сеопфатен План за управување со светското природно и културно наследство на Охридскиот Регион,
- почнат е процес за изготвување на Урбанистички планови за 18 охридски села,
-воведена е постојана пешачка зона на дел од улица „Кеј Македонија“,
- изготвена е Студија за валоризација на просторот на Студенчишко блато заради негово прогласување за заштитено подрачје.
„Беа стопирани штетните проекти за изградба на Ски Центар на планината Галичица и изградба на експресен пат Охрид - Св. Наум. Започна реконструкцијата на Колекторскиот систем на Охридското Езеро и формирано е ново Јавно препријатие кое е задолжено за контрола на системот на отпадни води“, велат од општината. Според нив, направени се многу значајни чекори за зачувување на статусот светско природно и културно наследство, кој го поседува Охридскиот Регион, и исполнувањето на препораките од УНЕСКО за општината останува приоритет.